Михаил Горбачов - најомилениот Русин на Германците
31 август 2022Михаил Горбачов му даде одлучувачки белег на 20 век. Како партиски лидер на Советскиот сојуз тој напиша светска историја. Неговото историско значење е неспорно. Тоа особено важи за Германците, кои добитникот на Нобеловата награда за мир од 1990 година го сметаат за еден од татковците на повторното обединување на Германија. Токму заради тоа постојано го преплавуваа со награди и признанија.
По малку е трагично што Михаил Сергејевич Горбачов никогаш не го доби истото признание во сопствената татковина. Горбачов, кој е роден 1931 година во северен Кавказ, имаше стрмна партиска кариера откако највисоката советска елита во март 1985 година го назначи за генерален секретар на Комунистичката партија.
Два руски поима го свртеа светот
Младиот и динамичен 54-годишник требаше повторно да ја освежи втората светска сила која пропаѓаше - Советскиот сојуз, особено да ѝ ја поправи економската позиција во споредба со големиот западен непријател САД. Покрај тоа, Горбачов покажа невообичаен елан за реформи за да ги смени бирократските и корумпирани советски структури. Руските поими „гласност“ за отвореност и „перестроика“ за обнова го обиколија светот. За да обезбеди внатрешни реформи, Горбачов водеше консеквентно политика на мир и релаксирање на односите со САД и нејзините сојузници во Студената војна („Ново размислување") – со непредвидливи последици за светската историја.
Кога во 1990. беше избран за прв претседател на Советскиот сојуз, надворешниот обрач на советската империја веќе се беше распаднал. Луѓето во источно и централноевропските народни републики во значајната есен 1989 година се ослободија од диктатурите. Источната воена алијанса под водство на Советскиот сојуз, т.н. Варшавски пакт, веќе беше во распад, а во најважниот плен од Втората светска војна, Источна Германија, луѓето бараа не само слобода и демократија, туку и обединување со Западна Германија.
Согласност за германското обединување
На разочарување на многу конзервативци од советската елита, Горбачов сето тоа го направи мирно. Со тоа раскрсти со советската политика за задушување на насилен начин на побуни во сопствените редови. За таквата политика мотив сигурно му биле неговите хуманистички убедувања. Но, решавачка улога одиграла и близината со германскиот канцелар Хелмут Кол, кој подоцна вака ја опиша ситуацијата: „Не треба да се потценуваат личните одлуки на Михаил Горбачов во тешки историски времиња. 24 часа по падот на Берлинскиот ѕид, Штази и КГБ се обидуваа да му објаснат дека советските сили во Источна Германија се во опасност и дека советската војска морала да нападне. Горбачов не прифати.“
Пријателството меѓу Хелмут Кол и Михаил Горбачов беше значаен фактор за тоа Горбачов да даде согласност од Советскиот сојуз за обединувањето, кое подоцна беше овозможено преку 2+4 договорот помеѓу Сојузна Република Германија, ГДР, Франција, Велика Британија, Советскиот сојуз и САД.
Распад на Советскиот сојуз
Колку и со таквата политика да ги релаксираше меѓународните односи, стекнувајќи на тој начин и доверба и признание од Западот, тој сѐ повеќе ја губеше политичката сила на домашен терен. Реформаторската политика на Горбачов ги уништи темелите на советскиот систем. Од неговите реформи не произлегоа нови институции кои би можеле да бидат носители на промените. Кога Европејците и особено Германците во годината на германското обединување -1990 - го прогласија Михаил Горбачов за идол на мирна и демократска револуција, планската економија на Советскиот сојуз сѐ повеќе се распаѓаше.
Советските републики кои не беа руски, особено балтичките земји како Естонија, Летонија и Литванија се свртеа против советско/рускиот центар на моќ во Москва. Но, кризата го зафати и руското подрачје, каде подоцна претседателот Борис Елцин се осмели да го преземе политичкото водство. Граѓаните на Советскиот сојуз кои никогаш го немаа избрано Горбачов на слободни и фер избори, од ден на ден паѓаа во сѐ поголема мизерија и за тоа го обвинуваа Горбачов. Дали само неговата политика довела до пропаст на Советскиот сојуз или советскиот систем и онака веќе не трпел реформи, ќе остане прашање за историчарите.
Горбачов постепено губеше и моќ и углед. А, со тоа и Советскиот сојуз слабееше и губеше на влијание. Кога Горбачов во август 1991 година не попушти на барањата на советските хардлајнери за цврсти мерки против одметнатите советски републики, тие направија пуч против него. Горбачов на полуостровот Крим беше ставен во домашен притвор. Но, пучистите не беа успешни, бидејќи во Москва им се спротивставија луѓето под раководство на свежо избраниот претседател Борис Елцин.
Друг свет
Кога Горбачов се врати од Крим во Москва, светот беше поинаков. Советските структури беа безначајни и неговата функција како советски претседател исто така, меѓу другото и затоа што Горбачов имаше доведено на позиции многумина од пучистите. На 25. декември 1991, само неколку часа пред распадот на Советскиот сојуз, Горбачов мораше во телевизиско обраќање да го најави своето повлекување од местото советски претседател. Со својот проштален говор Горбачов во Русија падна во политичка безначајност. Како кандидат на изборите за претседател во 1996 година освои едвај 0,5 проценти од гласовите.
На Запад пак, и по неговото повлекување, остана омилен и признаен. Таквите поделени ставови за Михаил Горбачов имаат нешто трагично, иако отанува надежта дека во Русија еден ден сеќавањата на него ќе бидат поубави. Во германските книги по историја секогаш ќе има важно место на ценета личност.