Милиони Британци не можат да ги платат сметките за парно
10 август 2022Британските потрошувачи им должат на своите снабдувачи со енергија повеќе од кога било досега. Причина - зголемените цени. Граѓаните должат 1,3 милијарди фунти (1,5 милијарди евра), се заклучува во истражувањето на порталот за потрошувачи Uswitch објавено денеска (10.08). Ова е зголемување од 250 проценти во споредба со септември 2021 година.
Според истражувањето, шест милиони домаќинства имаат просечно неподмирени сметки од по 206 фунти (244 евра). Сумата е зголемена за десет отсто во рок од четири месеци.
Но, големите проблеми допрва доаѓаат: Велика Британија треба да се подготви за драстично зголемување на сметките за енергија за 82 отсто во октомври, бидејќи тогаш ќе биде многу зголемена владината горна граница за цените.
Добротворните организации предупредуваат дека милиони луѓе може да бидат турнати во сиромаштија, освен ако владата не донесе пакет мерки за помош од повеќе милијарди долари.
- повеќе: Германците „трупаат“ залихи огревно дрво за зима
Експертот за енергетска политика на опозициската Лабуристичка партија, Ед Милибанд, оцени дека зголемувањето на трошоците за енергија е катастрофално за потрошувачите.
- повеќе: Јаглен наместо гас – Германија го менува курсот
Двајцата преостанати конзервативни претенденти за функцијата иден британски премиер - министерката за надворешни работи Лиз Трас и поранешниот министер за финансии Риши Сунак - ветуваат олеснување за домаќинствата погодени од инфлацијата - или преку даночни намалувања, или преку директна помош при плаќањето на сметките за струја.