Мрачни изгледи за светската економија
11 октомври 2022Изгледите за глобалната економија што ги презентираа шефицата на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева и претседателот на Светска банка, Дејвид Малпас на отворањето на есенското заседание на ММФ и Светска банка се мрачни.
Постои висок ризик од глобална рецесија следната година, а економскиот раст во водечките европски земји забавува, изјави шефот на Светска банка, Малпас. Според него, мора да се сочека за да се види како ќе се развиваат работите во наредната година. Како и во која насока тоа би можело да влијае врз целокупната светска економска ситуација, прогнозираше шефицата на ММФ. Приближно една третина од глобалната економија, според прогнозите на Меѓународен монетарен фонд, во најмалку два последователни квартали веројатно ќе забележи негативен економски раст - што е формална дефиниција за рецесија. Тоа би имало драматични последици за наредните години.
Се чувствуваат кризите од последните години
Главните причини за овие драматични предвидувања се случувањата во изминатите неколку години, појасни Георгиева. Пандемијата на коронавирусот, инвазијата на Русија врз Украина и природните катастрофи предизвикани од климатските промени предизвикаа значителни последици за целиот свет.
Кај сите три најголеми светски економски сили забележлив е пад на економијата. Во Европа поради поскапувањето на енергијата. Во Кина поради пандемијата на коронавирусот и нарушувањето на синџирите на снабдување. И во САД, каде иако и натаму има силен пазар на труд, сепак строгата каматна политика на Централната банка на САД поради високата инфлација полека го намалува замавот, изјави шефицата на ММФ.
Инфлацијата ги влошува проблемите
Енормно зголемените трошоци за живот и скапите кредити, исто така, ја влошија ситуацијата во земјите во развој, рече шефот на Светска банка, Малпас.
За земјите во развој, девалвацијата на нивните сопствени пари во однос на другите валути значи дека должничкиот товар сè потешко се поднесува. Растечките каматните стапки само ќе го влошат проблемот.
Ова значи дека инфлацијата преставува тежок товар за сите земји - иако за некои потежок отколку за други. Така, според шефицата на ММФ, Георгиева, „зауздувањето на инфлацијата“ е приоритет на врвот на агендата. Светот не може да си дозволи зголемувањето на цените да излезе од контрола. Останува прашањето - како? Бројните состаноци, семинари и дискусии на есенското заседание на ММФ во наредните неколку дена треба да дадат можни одговори.