Светската криза, војната, стравот од иднината, институционалната републиканска криза на Италија ја наклонија земјата кон десницата, подесно од кога било, продолжувајќи ја сезоната на популизам и совранизам. Како што беше најавено со време, „Браќа на Италија" („Fratelli d'Italia") на Џорџа Мелони победи, во точката каде се спојуваат сите овие фактори, барем издишувајќи ја расистичката Лега на Салвини и задушувајќи ја Форца Италија на непреставителниот Берлускони.
Најавена победа која ја менува историјата на една голема европска земја, подарувајќи ѝ ја за прв пат на партијата која пред повеќе од 70 години, не се препозна во конститутивниот и уставен пакт на новата италијанска Република.
Италијанската десница после 30 години конечно се еманципира од Берлускони, само за да добие совранистичка варијанта во својата најрадикална физиономија. Левицата од друга страна е големиот губитник на овие избори, потврдувајќи го своето историско проклетство. Левицата губи поради своите внатрешни поделби, поради заслугата што беше одговорен преставник во сите технократски коалиции, но и поради маната што се претвори во партија симбол за заљубеноста во власта и преставник на „кастата“. Популизмот е чедо на елитизмот, особено кога одговорните републикански партии од левицата ќе го изгубат својот прогресивистички идентитет, ќе заборават како да му се обратат на народот и ќе се загубат во идејата за „спас на нацијата“.
Долгата сезона на технички влади, институционални корекции и виртуозни политички маневри, почнувајќи од Џорџо Наполетано, па се до Серџо Матарела, претседателите кои во последните 10 години ги регрутираа техничарите Монти, Конте и Драги или ги издржаа политичарите како Лета и Ренци, делува како дефинитивно затворена и отфрлена.
Избор на пријатели и непријатели
Италија со изборот на Мелони делува како да го амнестираше историскиот фашизам или дека во најмала рака ги смета за небитни врските помеѓу „Браќа на Италија“ и фашистичката меморија и симболите, кои иако далеку од витални, сепак се оддржуваат во живот на ниска фреквенција, пред сѐ како еден емотивен пејзаж и багаж.
Сега пред Мелони се исправаат две важни прашања, затоа што после победата - и популизмот, мора да се фокусира на владеење и борба со проблемите. Првото прашање е дали Мелони ќе продолжи со својот орбановски совранизам, антисистемски и анти-естаблишмент имиџ или пак конечно ќе се оддалечи од пост-фашистичките деривати и ќе заземе позиција во корист на либералната демократија. Тоа многу ќе зависи од коалицијата со нејзините поразени пријатели како фило-путинистите Салвини и Берлускони.
Уште повеќе ќе зависи од изборот на непријатели, кои засега целосно се сконцентрирани во Европската Унија. Досега наративот на Мелони беше сличен како оној на Орбан, дека бирократската ЕУ сака да им наметне на нациите либерални принципи во правото, во институциите, во владините акти, додека тие се залагаат за еден модел на нелиберална демократија, за неоавторитарно владеење кое го сметаат за посоодветно во време на кризи.
Ако Мелони остане на тие ставови, тогаш можеби ќе успее да го промени системот, каде демократијата ќе биде сфатена како одвишна, каде ќе владее антизападен став во однос на вредностите и правата, каде антифашизмот ќе се отфрли како уставотворна култура и категорија, расклинкувајќи ги сите врски на Италија со отпорот, уставот и институциите на Републиката и заборавајќи ја трагедијата на фашистичката диктатура.
Но, доколку Мелони го одбере патот на Орбан или на Моравјецки, тогаш ќе направи ненадоместлива штета на ЕУ, затоа што Италија не е Полска или Унгарија, туку основач на европската политика кој секогаш се залагал за поголема интеграција. Затоа е многу важно за Мелони и за Италија колку што е можно побрзо да се расчисти маглата околу трансформацијата на земјата во „суверена нација во Европа“, и да се откаже од оваа нова форма на „етно-национализам“ кој залудно бара враќање кон корените на античките по потекло „татковини“. Европскиот идентитет веќе одамна е интегративен дел од италијанскиот идентитет, додека надворешните обврски на Италија не дозволуваат авантуризам кој би ги загрозил нејзините витални интереси и проекти, како и врски со европскиот проект, од кои зависи иднината и на Италија, но и на остатокот од Европа.
Но, како би се поставила новата Влада на Италија? Новата Влада би требало да делува смирувачки за САД. Мелони од поодамна не само што дава гаранции дека ќе ја продолжи надворешната политика на Драги за поддршка на Украина, туку и силно се изложи давајќи поддршка за Тајван и против обновување на меморандумот со Кина за новиот „Пат на свилата“, договор потпишан од првата влада на Конте во 2019-та. Дополнителна добра вест за Вашингтон е падот на партиите и лидерите како Салвини и Берлускони кои се блиски до Путин, нешто што би требало да ја намали нивната способност да влијаат на прашања поврзани со санкциите за Москва и испраќањето на оружје за Киев. Два од трите американски предуслови во изборната честитка на Блинкен до Мелони делуваат исполнети. Тоа се поддршката за Украина и заштитата на човековите права, што во превод значи „притисок врз Кина“, додека третата цел и сугестија: „создавање на оддржлива економска иднина“, јасно се однесува на односите помеѓу Рим и Брисел.
Итен „модус операнди“ со Берлин и Париз
Што се однесува до Брисел нештата се покомплицирани. Мелони е блиска до владите во Унгарија и Полска кои се секундарни за интересите на Италија во споредба со Франција и Германија. Рим со Варшава и Будимпешта ја споделува припадноста кон индустрискиот систем предводен од германската геоекономска сфера на влијание. Тоа што ги разделува е далеку поголемата политичко-економска тежина и географијата, која Италија ја приморува да се фокусира на Средоземјето. Соработката со Полска и Унгарија не е функационална за Италија во поглед на избегнување на економските, геополитичките и миграционите кризи и тензии кои му се закануваат на Апенинскиот полуостров. Оттука, нужен интерес на новата италијанска Влада е да пронајде итен „модус операнди“ со Берлин и Париз.
-Расипаната франко-германска локомотива го заглави возот за ЕУ
Фактот дека транзицијата на власта започна преку преговори со Драги, навестува можен компромис и конечна демократска хомологизација на Мелони со цел таа самата и Италија да одржат некаков кредибилитет пред Брисел и европските партнери. Мелони ќе биде принудена да ги отфрли своите предизборни политички прегратки кон Орбан и да се откаже од ветувањето дека „ќе ја претрка и надмудри“ оската Париз-Берлин. Токму техничкиот премиер во заминување Марио Драги се претвора во „чадор“ за Мелони пред европските канцеларии. Како што известуваат дипломатски извори од Париз, Берлин и Брисел, Драги лично ги контактирал Макрон, Шолц и Фон дер Лејен и дал гаранции во име на лидерката на „Браќа на Италија“. Станува збор за гаранции и предуслови кои поранешниот европски банкар превентивно ѝ ги поставил на Мелони и кои таа ги прифатила. Прво, новата влада ќе продолжи да ги поддржува заложбите – и оние воените, за Украина и да одржува обединет фронт против Москва. Второ, ќе опстане стабилното и недискутабилно всидрување кон политиките на НАТО. И трето, нема да има никакво откажување од буџетската дисциплина со цел да се држи под контрола јавниот долг.
Се разбира, атлантизмот, санкциите против Русија и вниманието кон јавниот долг се прашања за кои Мелони и порано изразила став на поддршка, но прашањето е колку ќе биде во состојба да ги гарантира овие столбови со Салвини и Берлускони во екипа, макар и вака политички депотенцирани? Колку е практично да се владее со партнери кои заговараат потрошувачка во дефицит или пак му подаваат рака на Путин? Мислам дека одговорот лежи во одлуката на Мелони да стави вето за доделување на кое било клучно министерство во рацете на Салвини и Берлускони. Сигналите и тонот стануваат многу поразлични од оние во предизборието и тоа верувам остава некакви надежи дека националните интереси на Италија, каде ќе бидат фаворизирани европската и атлантската колокација на земјата, можат да бидат осигурани преку компромис и мудра транзиција.
Оттука, имајќи предвид колку политиката е превртлива и акомодирачка, но и фактот дека Италија речиси осум децении ги ужива благодетите на ограничениот суверенитет во рамки на евроатлантскиот контекст, тогаш можеби и нема премногу простор за катастрофизам.
Левицата нека му ја мисли, а десницата нека фаќа белешки
100 години после Маршот на Рим, историјата нема да се повтори ни како трагедија, ни како фарса. Како што наведува Жил Гресани, уредник на францускиот магазин Гранд Континент, Мелони не го инкарнира враќањето на фашизмот во Италија, иако земјата пати од проблемот на италијанската политичка култура во односот со својата историја и меморија. Мелони најверојатно ќе инкарнира една нова политичка формула која може да се дефинира со неологизмот: техно-совранизам. Тоа би бил продукт од синтезата на интеграцијата помеѓу надворешните обврски и внатрешните технократски логики, припадноста кон НАТО и нејзината европска геополитичка димензија, придружено со инсистирање врз екстремните конзервативни вредности и неонационалистички инстанци.
-Марио Драги го покажа патот за реформирање на ЕУ и крај на ветото
И токму гаранциите добиени од најреномираниот технократ во Европа, Марио Драги, ја потврдуваат тезата дека всушност екстремно десничарските партии, наместо да се нормализираат или банализираат, само повеќе ќе се институционализираат и доведат во линија со оние точки и прашања кои се апсолутно круцијални за италијанската или европската технократска елита, како и за воените и дипломатските апарати на НАТО.
Овој процес на институционализација на совранистите или десничарите за очекување е во иднина да се случи во Франција и во голем дел од помалите евроатлантски членки. Левицата нека му ја мисли, а десницата нека фаќа белешки.
Што се однесува до Италијанците, после 67 републикански влади сигурно им е станато јасно дека нивната судбина во огромен дел е независна од тоа кој претседава со Владата.