1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Може ли судот да биде сожалив

8 јули 2023

Спроведувањето во „Идризово“ на Миле Јанакиески некои го толкуваат како „неправда“ по долгите притворски години. Тие не сакаат да зборуваат за злоделата за кои го осуди судот, како да не се случиле. Пишува Љупчо Поповски

https://p.dw.com/p/4TcDF
Миле Јанакиески
Поранешниот министер за транспорт, Миле Јанакиески, беше спроведен во „Идризово“ по правосилноста на пресудата за негови кривични делаФотографија: DW/P. Stojanovski

Сигурно сте го следеле драматичниот пад на холивудскиот продуцентски могул Харви Вајнстајн последниве години и редицата процеси против него за сексуалното предаторство, кои го поттикнаа големото социјално движење #MeToo. Обвинувањата за сексуална злоупотреба почнаа да се појавуваат на крајот од 2017 година. Голем дел од овие обвинувања за сексуално предаторство датираа од доцните 1970-ти. Повеќе од 80 жени пријавија дека биле сексуално вонемирувани или силувани од Вајнстајн.

Тој беше уапсен во Њујорк и суден за силување. Беше прогласен за виновен за две дела во февруари 2020 и осуден на 23 години затвор. Во јули 2021 беше екстрадиран во Лос Анџелес за да му се суди за други слични обвинувања. Во Лос Анџелес во декември 2022 беше прогласен за виновен за три дела и осуден на 16 години затвор. Според одлуката на судот, Вајнстајн (сега на 71 година) мора да ја отслужи затворската казна во Калифорнија одделно од онаа пресудена во Њујорк.

Вајнстајн ги продуцираше, меѓу другите, и „Секс, лаги и видеоленти“ и „Палп фикшн“; доби и Оскар, а беше член и на Академијата за филм и науки. Сето тоа остана за постарата историја. Во поновата, јавноста го гледаше како скршен и здравствено страшно онеможен човек кој доаѓа на судските рочишта со дубак, едвај движејќи се. Поротата и судиите малку обрнуваа внимание на неговите сериозни здравствени проблеми. За нив беше важно дали тоа што го наведуваа оштетените жени и тоа што го застапуваа обвинителите е вистинито или не. Американските телевизии и големи весници известуваа за неговото сексуално предаторство при кое ја користел моќта да вознемирува и силува. Неговата сегашна здравствена состојба беше десеттостепена или воопшто не беше споменувана во извештаите од рочиштата. Важни беа злоделата и нивното докажување.

Миле Јанакиески и „социјалната јавност“

Во четвртокот вечерта, кога поранешниот министер за транспорт, Миле Јанакиески, беше спроведен во „Идризово“ по правосилноста на пресудата за неговото злодело во случајот „Титаник“ за кривични дела сторени на парламентарните избори во 2011 и локалните во 2013, за што треба да одлежи 3,5 години затвор, во „социјалната јавност“ почнаа да течат приказните дека на Јанакиески му се нанесува неправда оти тој бил скршен од долгото седење што во затворски, што во домашен притвор (четири години и осум месеци за сите десетина случаи за кои се гони).

Професорот Гордан Калајџиев вели дека нема пречка на Јанакиески притворските денови да му се пресметаат во затворската казна (без оглед што тие се за други кривични дела) и потоа да му останат уште една година и три месеци за евентуална друга правосилна затворска казна. Можеби професорот е во право; одбраната веќе најави дека ќе бара од Кривичниот суд да се донесе одлука во тој правец; адвокатот Александар Тортевски вели дека преку пошироко правно толкување може да се најде логика во ваквото барање на одбраната. Можеби Кривичниот суд ќе се држи до стриктното правно толкување и казната изречена во еден процес ќе ја смета за посебна затоа што во другите случаи тој е обвинет за сосема други кривични дела (на пример, првостепено е осуден на три години за уривањето на објектот „Космос“). Ќе видиме. Во секој случај, одлуката на Кривичниот суд за барањето на одбраната можеби ќе стане образец за други такви пресуди.

уривањето на „Космос“
Пресуди за уривањето на „Космос“: Девет години затвор за Груевски, три години за ЈанакиескиФотографија: Petr Stojanovski

Брзото носење во затвор на Јанакиески на одреден начин и ја затече јавноста. Онаа „социјалната“ се навикна да дуе приказни како големи балони. Ако Јанакиески не беше спроведен во затвор по одлуката на Апелацискиот суд, ќе се прикажуваше нашироко и наголемо што чека судот, дали тактизира, сигурно има некаков договор. Кога Јанакиески беше пренесен во „Идризово“ се развија спротивни приказни – зошто толку брзо, зошто да не се чека евентуалната постапка пред Врховниот суд, човекот е истормозен од годините поминати по судовите и во притвор, а никој не сака да зборува за злоделата поради кои е осуден и за кои тој самиот призна вина.

Судот и сожаливоста

Поважно прашање е дали судот треба да биде сожалив. Во американскиот случај на Харви Вајнстајн поротите и судот не се обѕрнуваа воопшто на здравствената состојба на холувудскиот могул. Македонскиот суд не беше сожалив спрема Гордана Јанкулоска, која остави дома многу мало дете, речиси бебе, за да биде однесена на отслужувањето на четиригодишната затворска казна. Претходно не беше воопшто сожалив ни спрема ќерката на Велија Рамковски, Емел, која одлежа шест години затвор до последниот ден за случајот „Пајажина“ поврзан со згаснатата телевизија А1. Зошто тогаш би бил сожалив спрема Миле Јанакиески, ако два суда ја потврдиле неговата вина во „Титаник“. Или пак на неговите зборови дека немало да се чувствува безбеден во „Идризово“.

Уште поважно прашање е дали политиката, поединци и партии, можат ад хок да оценуваат што е праведна, а што е неправедна судска одлука. Цела една деценија се зборуваше и пишуваше за спектакуларни процеси во кои со години во притвор беа стотици лица (како оние од патарините) и се велеше дека тие се неправедно малтертирани од судовите и обвинителствата. Се сеќавате за монструозно долгиот случај „Змиско око“ – цели 13 години – за кој Кривичниот суд носеше два пати пресуда и два пати Апелацискиот суд ја укинуваше. Со последната имаослободителни и условни пресуди.Дали тоа беше голема неправда за луѓето кои 13 години поминаа низ тормозење по судовите? Тие секако ќе речат – да. Дали оние што сега зборуваат за неправда спрема Миле Јанакиески, тогаш зборуваа за неправдата спрема овие десетици и десетици луѓе? Не, тогаш молчеа.

Мицкоски и негово сфаќање за „правда“

Но кога се во прашање луѓе од партијата тогаш се гласни, па и заканувачки. Така, денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, велејќи дека на Миле Јанакиески му се врши „целосна неправда“, дали од невнимателност или не мислејќи на она што го кажува, постави ситуација во стилот на генералот Хорхе Видела, водачот на воената хунта во Аргентина од 1970-тите.

Овие зборови би требало да се запаметат:

„За правдата да се испорача треба на седница на влада да дојдат МВР и луѓето кои што треба да ја спроведуваат правдата и комплетно сите од првиот до последниот да ги соберат и да ги однесат во ‘Идризово’. За навистина да видиме правда“.

Огромниот број луѓе мислат дека правдата се спроведува низ демократските процеси, особено низ судовите, како што е кај нашиот најголем пријател и партнер, САД. А ако ги земеме здраво за готово зборовите на лидерот на опозицијата и можниот иден премиер, безбедносни кохорти треба да влезат во зградата на „Илинденска“ и цела влада да ја однесат право в затвор. Ваков вид „правда“, за која зборува Мицкоски, веќе нема ни во оние африкански земји кои почесто се подложни на државни удари. И таму веќе не се носат цели влади директно во затвор најмалку 40 години.

Па, уште дека во првите сто дена на владата што тој би ја предводел ќе одговараат сите луѓе од „криминалната влада на ДУИ и СДСМ“ кои ги осудиле луѓето од ВМРО-ДПМНЕ, а и тие за настаните од 27 април. За сто дена, ако се држиме до неговите ветувања, полицијата треба да поднесе пријави, обвинителството да подготви обвиненија, а судовите сите процеси да ги завршат за сто дена. Во некоја слична временска рамка како што сега се водат процесите за политичките противници на Кремљ во судовите во Москва. Тогаш, „ослободеното“ судство, а и обвинителство ќе ги завршуваат работите за еден месец.

Ќе видиме, може навистина во „ослободената“ земја работите ќе се случуваат со таква брзина, во која не ќе треба да се води сметка за процедурите и правата. Оние судските и демократските.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

Во меѓувреме, политиката остана со зашиени усти за осумгодишната затворска казна за поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски. Како сите да се најдоа затечени од пресудата не само дека е виновен, туку и од висината на казната. Никој не спомена ни „неправда“, ниту пак дека судството работело според докази против висок функционер на актуелната власт. Важно Миле Јанакиески му се случила „неправда“, а тој немало да се чувствува безбедно во „Идризово“.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар