1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Германците им здодеаја мачките и кучињата

22 август 2023

За време на локдаунот, во Германија владееше јагма за вдомување и купување кучиња и мачки. Но, на многу сопственици им здодеале животните или тие станале прескапи. Сега прифатилиштата се полни.

https://p.dw.com/p/4VS9D
Засолништата за кучиња се полни
Засолништата за кучиња се полниФотографија: Victor Weitz/DW

Германското здружение за заштита на животните е загрижено за судбината на домашните миленици кои повеќе не можат да бидат згрижени во прифатилиштата, коишто се преполни. 

„Мора да има друг начин сопствениците да се ослободат од своите животни“, изјави за РНД, Томас Шредер, претседател на Здружението на здруженија за заштита на животните.

За време на периодот на локдаунот во пандемијата, интересот за четириножни „пријатели“ експлодираше во Германија. Но, се случи она од што се плашеа многу борци за заштита на животните - луѓето сакаа животни како играчка, да им прават друштво во четири ѕида, но сега им е доста.

„Лудилото за милениците што го доживеавме за време на периодот на корона во полн замав ги покажува своите последици“, вели Шредер. Секој ден има се повеќе луѓе кои сакаат да се ослободат од животните“.

Преполни засолништа

Здружението за заштита на животните не знае за засолништа во Германија „кои моментално не се полни или во кои не се сместени повеќе животни отколку што предвидува капацитетот“, рече Шредер.

На пример, засолништето за животни во Сидерштрасе во Хамбург неодамна престана да прима кучиња и мачки, дури и оние кои се пронајдени на улица или запленети од ветеринарната служба.

Полни се капацитетите и во Берлин, истото е и во Лајпциг. Во Минхен нема формална суспензија за прифаќање животни, но има листа на чекање, изјави Ева-Марија Насер, управител на тамошното засолниште. Сопствениците кои сакаат да ги предадат своите животни понекогаш чекаат со месеци.

мачки
Прифатилиште за мачкиФотографија: Rami al Sayed/AFP

Портпаролот на Сојузното Министерство за земјоделство изјави за РНД дека работата на прифатилиштето е неопходна за заштита на животните. „Иако федералната влада нема финансиски обврски, таа обезбеди финансиска помош за ублажување на трошоците настанати поради короната или сместување на животни од Украина“.

Според претходните планови на Владата, треба да се размислува за формирање на фондација за понатамошна поддршка на прифатилиштата за животни.

Скапи ветеринарни услуги

Сепак, не само животните купени за време на пандемијата завршуваат во засолништа. Очигледно е дека многу сопственици се откажуваат од своите животни од финансиски причини.

Од стапувањето на сила на новите цени за ветеринарните услуги во ноември, многу третмани и зафати во клиниките за животни станаа значително поскапи.

„Во областа Штутгарт повеќе не можете да стерилизирате мачка за помалку од двесте евра. Кога станува збор за женско куче, пресметките се околу илјада евра“, вели Урсула Герике, шеф на засолништето за животни во Лудвигсбург.

Во многу случаи единствено решение е засолниште, посочува таа. За многу хронично болни животни тоа е последната станица.