1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протести поради отворање на нов бугарски клуб

ДТЗ
4 октомври 2022

Бугарски здруженија, кои се оценуваат како провокација, се појавија во неколку македонски градови, а државата засега нема механизам за да го спречи тоа

https://p.dw.com/p/4Hihv
Охрид
Последниот клуб е регистриран во Охрид со контроверзно име „Цар Борис Трети“.Фотографија: Daniela T. Zafirovska /DW

Додека Северна Македонија се занимава со формирање комисии и бара начин како да го спречи говорот на омраза и можните провокации, на терен се множат бугарските здруженија кои носат имиња на спорни историски личности. Последниот клуб е регистриран во Охрид со контроверзно име „Цар Борис Трети“. Партијата Левица повикува на протест в петок пред трговскиот центар Амам во Охрид против отворањето на уште еден бугарски клуб.

„Поради отворањето на контроверзното здружение именувано по фашистичкиот државник, слуга на Хитлер и борец против македонизмот „Цар Борис III“, Левица – Охрид ја повикува јавноста на протест против уривање на уставниот и државен поредок на Република Македонија и против разгорувањето на национална омраза! Да го зачуваме достоинството на македонската нација и споменот на македонските антифашистички борци и да не дозволиме рушење на интегритетот на државата, повика Левица.

Партијата повикува на мобилизација и искажување на антифашистички порив: „Не за славење на крвници на македонската нација и не за воздигнување на непријателите на човештвото! Не за бугарскиот Хитлер! Најстрого го осудуваме отворањето на овој клуб и премолчувањето од страна на Владата која директно ја подржува рехабилитацијата на фашизмот. Сплотени против империјализмот и антимакедонизмот, да го искажеме народниот револт“, се вели во повикот на Левица. Протестот е најавен во 11.30 часот, половина час пред официјалното отворање на клубот на Бугарите.

Итна законска измена 

Бугарски здруженија, кои се оценуваат како провокација, се појавија во неколку македонски градови, а државата засега нема механизам за да го спречи тоа. По промовирањето на културниот клуб „Иван Михајлов“ во Битола, што предизвика лавина реакции во јавноста и  кулминираше со подметнат пожар, се појави и новоформирано здружение „Цар Борис Трети“ во Охрид, а се споменува можноста да никне и клуб Цар Фердинанд во Богданци. 

Заменик aмбасадорoт во делегација на ЕУ во Скопје, Џулијан Васало денеска порача дека ЕУ не се занимава со историјата.„Знаеме дека кога првиот клуб беше отворен тоа предизвика реакции во земјата. Знаеме дека Северна Македонија и Бугарија дискутираат меѓу себе за историјата. ЕУ не се занимава со историјата. Ние ја ставаме историјата зад себе и одиме напред. Во ЕУ сакаме да гледаме напред, а не да гледаме на работите од минатото“, рече Васало на брифинг со новинарите во врска со отворањето бугарските културни центри во земјата.

Претседателот Стево Пендаровски предупредува дека е потребно по итна постапка да се смени законот и да се воведе регистер на имиња кои не може да ги даваат. „Не мислам дека телото кое допрва треба да се формира ќе го реши проблемот, затоа што нема да работи ретроактивно. Тоа што сме спиеле како држава, не не оправдува. Ние мораме да го промениме законот“, вели Пендаровски.

Министерство за правда
Потребно е по итна постапка да се смени законот и да се воведе регистер на имиња кои не може да ги даваатФотографија: DW/P. Stojanovski

Министерот за правда, Никола Тупанчески вчера изјави дека Советодавното тело за употреба на имиња на историски личности на здруженија ќе почне со работа наскоро, бидејќи државата мора да бидеме подготвена за идни потенцијални провокации. Ад хок телото е формирано со цел да се бајпасира вакуумот кој би настанал до донесувањето на новиот закон за здруженија и фондации кој е во фаза на подготовка.

„Комисијата е формирана и на последната седница, разговаравме околу некои технички аспекти. Тоа не е комисија во рамки на Министерството за правда, туку тоа е владина комисија. Јас верувам дека за кратко време ќе биде одржана конститутивната седница бидејќи имињата се познати“, вели министерот и додава: „Доколку сакаме да направиме некакви ретроакции, моето мислење и како професор и како министер за правда е дека тоа треба да го направиме преку други институции. Кога станува збор за оваа хиперсензибилна сфера тогаш постојат и други институции каде што на некој начин би требало да се санкционира евентуалниот говор на омраза, негативните чувства. Сето тоа е содржано во Кривичниот законик”.

И Сојузот на борците деновиве го осуди отворањето на бугарски здруженија, користејќи ги имињата на личности од историјата кои „длабоко и болно го побудуваат чувствата на нашите граѓани од минатото“. 

„Секогаш сме биле и ќе останеме на страната на пријателството и добрососедството, но ваквиот чин го осудуваме и тој не претставува чин на добрососедство, напротив го поткопува соживотот, добрососедството и патот кон европските вредности“, е ставот на борците од НОБ и антифашистичката војна.  

На седми октомври во Охрид ќе се отвори новиот бугарски културен клуб во Македонија, наречен „Цар Борис Трети“. Отворањето е четири дена пред Денот на народното востание против фашистичкиот окупатор во Македонија и државниот празник 11 Октомври.