Смртоносна автобуска несреќа во Венеција
4 октомври 2023Најмалку 21 лице загина, а околу 20 се повредени откако автобус со туристи излета од надвозник во близина на италијанскиот град Венеција и се запали.
Хибридниот автобус со погон на гас, од сѐ уште неразјаснети причини, излета од патот и падна во близина на железничка пруга во областа Местре. Медиумите во Италија јавуваат дека автобусот паднал од височина од триесет метри.
Тешката автобуска несреќа се случила нешто пред 20 часот а според локалните власти меѓу загинатите има и две деца. Повредени се околу 20 лица, од кои голем број потешко.
За причината за несреќата досега само се шпекулира. Италијанските медиуми наведуваат дека возачот, можеби изгубил контрола над автобусот поради здравствени причини.
„Автобусот е нов, нема ни една година. Возачот исто така беше добар, работеше кај нас пет-шест години“, изјави од друга страна, Масимо Фиорезе, директор на Ла Линеа, компанијата во чија сопственост беше хибридниот автобус.
Според Фиорезе, Алберто Рицота, 40-годишниот возач кој загина во несреќата, не бил уморен, а смената ја започнал непосредно пред несреќата, околу 18 часот.
Истражителите се надеваат дека надзорните камери кои го следат сообраќајот на локацијата ќе дадат повеќе информации за можната причина за несреќата.
Бројни ппротивпожарни и возила на итната помош бргу пристигнаа на местото на несреќата . Жешките батерии на автобусот го отежнуваа гаснењето на пожарот , кој го зафати автобусот по неговиот пад. Градоначалникот на Венеција, Луиџи Бруњаро, на социјалната мрежа X (поранешен Твитер) говореше за „ужасна трагедија што ја погоди нашата заедница оваа вечер. Апокалиптична сцена, немам зборови“.
Италијанскиот претседател Серџо Матарела телефонираше со градоначалникот веднаш по несреќата. Премиерката на Италија Џорџа Мелони реагираше со зборовите: „Моите мисли се со жртвите, нивните семејства и пријатели. Во близок контакт сум со градоначалникот на Венеција Луиџи Бруњаро и со министерот за внатрешни работи Матео Пјантедоси за да ги следам информациите за оваа трагедија“.