НАТО го зајакнува своето источно крило
29 ноември 2022Не е случајно тоа што шефовите на дипломатиите на 30 членки на НАТО во вторник (29.11) доаѓаат на дводневен состанок во Букурешт. На покана на романскиот министер за надворешни работи Богдан Ауреску, тие ќе демонстрираат поддршка за источното крило на НАТО и за регионот на Црното Море, кој стана нов центар на НАТО по рускиот напад на Украина.
Минатата пролет, Организацијата на Северноатлантскиот сојуз одлучи да распореди четири борбени групи во Словачка, Унгарија, Бугарија и Романија. Од 2017 година, како реакција на анексијата на Крим, борбени трупи се стационирани во три балтички земји и Полска. Четирите нови воени единици се со големина на еден баталјон (помеѓу 900 и 1.300 лица).
Борбената моќ на новите трупи на источното крило е ограничена, но симболично важна. Бидејќи, како што рече генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, мултинационалниот состав на војниците ја симболизира солидарноста меѓу членките на Алијансата. На самитот на НАТО во Мадрид минатото лето беше договорено борбените трупи да пораснат до големина на бригади, што би значело околу 5.000 припадници.
Стратегија на НАТО
Во средината на овој месец, солидарноста на источното крило на НАТО беше ставена на тест кога ракета од Украина полета во Полска, при што загинаа две лица. Нервозата преовладуваше, додека не се разјасни дека ракетата не е руска, туку залутана украинска.
Тоа беше несреќа што го отвори прашањето што ќе се случи ако Русија навистина нападне членка на НАТО?
Столтенберг се обиде да ја спушти топката, велејќи дека НАТО во моментов не верува дека Русија планира напад врз некоја од своите членки. И покрај тоа, руската агресија врз Украина се смета за закана без преседан, особено во источните членки на НАТО, во Балтикот и во Полска.
Во Букурешт ќе се разговара за дополнителна воена помош за Украина, на која првенствено и е потребна противракетна одбрана и муниција, со цел да се одбрани од руските напади врз цивилната инфраструктура.
Полска ја отфрли германската понуда Бундесверот да ја зајакне полската воздушна одбрана со системи Патриот. Тие треба да бидат препратени во Украина, вели полскиот министер за одбрана Мариуп Блашчак.
Столтенберг уште еднаш ќе побара од сојузниците да не заостануваат во пружањето помош на Украинците, дури и покрај порастот на цените на енергијата и храната во членките на НАТО. Ако Русија успее, авторитарните режими ширум светот ќе видат „дека со помош на брутално насилство можат да го добијат она што го сакаат“, рече Столтенберг минатата недела.
„Дупки“ во инфраструктурата
Во Романија, новата борбена единица е командувана од Французите, таа е стационирана во Цинку во Трансилванија. Околу 500 Французи во последните месеци тренираат со единици од Полска, Холандија и САД. Во последните денови во Романија беше тестиран францускиот систем за противвоздушна одбрана со краток дострел МАМБА.
Но, има логистички дефицити. Француската армија едвај префрли тенкови за борбен баталјон во Романија. Во железницата немаше соодветен капацитет. Патниот транспорт беше запрен во Германија, бидејќи тенковите Леклер беа претешки. И на крајот, тенковите во Романија не можеа да поминат преку важниот мост во Цинку, бидејќи мостот не можеше да издржи таков товар.
Бројни проблеми
Романија е членка на НАТО од 2004 година. Во таа земја има релативно лоша патна мрежа, што би го отежнало големиот воен транспорт во случај на вонредна состојба. Околу четвртина од патиштата не се асфалтирани, а само шест отсто од нив се автопати.
НАТО и Европската Унија започнаа програми насочени кон подобрување на воената мобилност на нивните територии. На железницата и се потребни повеќе вагони за транспорт на тежок материјал. Ширината на шините на Балтикот се уште е во согласност со советските стандарди, па затоа треба да се сменат според европските стандарди, а тоа чини пари. До 2034 година, Полска планира нови мостови, автопати и 2.000 километри железници - со цел да се олесни трансферот на војниците на источната граница.
Французите се жалат и на практични проблеми во Романија. Војниците во текот на октомври на социјалните мрежи се пожалија на катастрофалното сместување и лошата храна. Се споменуваа наезда на стаорци, ѓубре и шатори без греење.
Францускиот Генералштаб во изјава за истражувачката платформа Медиапарт ги потврди лошите услови кои владеат осум месеци по почетокот на операцијата во Романија. Во меѓувреме проблемите се решени, тврдат од Министерството за одбрана во Букурешт.
Проблеми има и во воздушната база на НАТО кај Констанца. Токму таму истрагата ја води романскиот воен државен обвинител - постои сомнеж дека војниците во соработка со банди украле дизел и керозин вредни околу два милиони евра.