1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

НАТО му го продолжи мандатот на Столтенберг

ЖА / агенции
4 јули 2023

Постојано беа во оптек шпекулации околу можен наследник, но потенцијалните кандидати ќе треба да се стрпат – НАТО го обнови договорот за генерален секретар со Јенс Столтенберг.

https://p.dw.com/p/4TOOo
НАТО, Јенс Столтенберг
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, останува на функцијата уште една годинаФотографија: Kenzo Tribouillard/AFP

Јенс Столтенберг останува на функцијата генерален секретар на трансатлантскиот одбранбен сојуз НАТО уште еден година, како што самиот соопшти преку Твитер. Тој напиша дека се  чувствува почестен од одлуката на земјите-членки и ќе ја задржи позицијата најмалку до 1 октомври 2024 година. Официјалниот профил на НАТО го сподели твитот.

Продолжувањето на мандатот на Столтенберг на партнерите во Алијансата би требало да им даде повеќе време во барањето на негов наследник. Досегашните обиди да се постигне согласност околу одреден кандидат, се покажаа како тешки.

Столтенберг, кој функцијата генерален секретар на НАТО ја извршува веќе речиси осум години, и во изминатите месеци во повеќе наврати изјави дека не е заинтересиран за продолжување на договорот, сега ќе ја продолжи својата работа поради „чувство на должност", како што истакнуваат од неговото опкружување.

Пофалби на сметка на 64-годишниот Столтенберг и неговите раководни способности од почетокот на руската агресорска војна во Украина во последно време изразуваа пред се` САД. Столтенберг заврши извонредна работа, изјави на пример американскиот претседател Џо Бајден во средината на јуни, а позитивното мислење го дели и германскиот министер за одбрана, Борис Писториус.

Улогата на Столтенберг актуелно е концентрирана првенствено на проширувањето на Алијансата. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и Унгарија со месециго блокираат приемот на Шведска во НАТО. Проширувањето на Сојузот кон север е приоритет со оглед на руската војна во Украина,но за тоа е потребна едногласна одлука на членките. 

Како можни наследници на Столтенберг во изминатите месеци се вртеа меѓу другите и имињата на данската премиерка Мете Фредериксен и британскиот министер за одбрана Бен Валас.