Децата молчат за насилно однесување на наставниците
16 ноември 2022Навреди, омаловажување, исмевање - ова се само само дел од примерите на насилно однесување со коешто се соочиле децата во училиштата од страна на наставниците, на кои им се доверени да ги воспитуваат. Иако често се зборува за инциденти и тепачки меѓу учениците, постои и друг вид на насилство кое постои во училишните клупи, а кое ретко се пријавува. Од вкупно 49 ученици, 22 поднеле некаков вид претставка до своето училиште, но ниту за една од нив немало разврска и соодветна акција. Ова го покажува истражувањето што преку онлајн-прашалник, наречен „Кажи си“, во септември го спровеле здруженијата „Младите можат“ и Лидери за едукација, активизам и развој.
Децата посочиле дека биле мета на заплашувања и покажување моќ, директно физичко насилство и недолично однесување врз основа на физичкиот изглед со невкусни коментари. На прашањето дали некогаш биле жртва или сведок на ваков тип однесување од нивните наставници, 67 проценти навеле дека се нашле и како жртва и како сведок на вакви насилни ситуации, 22 отсто како жртва, а осум проценти како сведок.
Жртви и сведоци
Од прашалникот за утврдување деградирачко, дискриминирачко и несовесно однесување на наставници кон ученици, двете здруженија нотирале вознемирувачки однесувања од наставници во училиштата низ земјава. Најголем дел од пријавените случаи се однесувале за наставниците по физичко образование, а загрижувачки биле коментарите со етничка и сексуална нетрпеливост. Заклучокот од наодите е дека учениците ретко пријавуваат, а и кога има пријави – нема разврска.
„Според возраста на испитаниците, може да забележиме дека многу малку случаи се пријавени од оние што во моментов се ученици, можеби поради страв од етикетирање или одмазда од наставниците. Но, штом ќе го завршат средното образование, се осмелуваат да дадат одговор“, вели Анита Николовска, извршен директор на „Младите можат“
Најмногу случаи се пријавуваат за наставниците по физичко. Има наставници кои буквално ги тераат учениците да ги качуваат на ушка, им мавање шлаканици, кажуваат невкусни коментари за изгледот на учениците, на пример: „Кога планираш да ослабнеш, доаѓа матура“.
Услуга или одмазда
„Има наставници кои дискриминираат по однос на етничка и сексуална определба и ги исмеваат тие што се од ромска националност, а има и за лице кое се идентификува дека е геј… Има и уцени кога наставниците бараат услуги од учениците и доколку не возвратат добиваат помала оценка или им се одмаздуваат со заплашувања“, вели Иван Јованов, извршен директор на Лидери за едукација, активизам и развој.
Околу 60 отсто од учениците не го пријавиле таквото однесување на наставниците во училиштето, а тие што го пријавиле сметаат дека не се променило ништо потоа. Истражувањето има опфатено 21 училиште, а од тие што најмногу се повторуваат се гимназиите „Јосип Броз Тито“ од Битола, скопските „Јосип Броз Тито“, „Раде Јовчевски – Корчагин“, „Георги Димитров“ и неколку основни училишта, а по градови најчесто се застапени одговорите од Скопје (29) и Битола (9).
До Државниот просветен инспекторат (ДПИ) во последните пет години биле поднесени само 23 пријави, најмногу од родители (17), пет од институции и само една претставка од ученици. Од вкупниот број (23), само за осум било заклучено од ДПИ дека се основани и било постапено по нив, а 15 биле оценети како неосновани. За основаните претставки, од ДПИ им било соопштено дека нив ги преземаат судските органи и немаат информации за разврската.
Министерството за образование и наука, пак, сѐ уште нема донесено стандардизиран правилник за средното образование, односно не постои документ кој упатува како да се третира и пријави таков случај, а за основното има детално упатство за тоа како се постапува, согласно закон и која е надлежната институција.