1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џафери: 8 мај не е добар датум за двојни избори

ДТЗ
26 октомври 2023

Џафери ги повикува партиите да се договорат до Нова Година за датумот на изборите. Според него, 8 мај не е добар датум за двојни избори, бидејќи новиот претседател на државата треба да биде инаугуриран најдоцна до 12 мај

https://p.dw.com/p/4Y3KL
Талат Џафери
Џафери: 8 мај не е добар датум за двојни избориФотографија: Petr Stojanovski/DW

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, ги повикува политичките партии навреме да се договорат за термините на претседателските и парламентарните избориидната година, коишто ќе бидат во рамките на законските рокови. До Нова Година партиите треба да постигнат консензус по однос на претседателските избори. За парламентарните избори, според Џафери, важат други процедури и рокови. Тој на брифинг со новинарите информираше за можните датуми за распишување на изборите, како и за роковите. Станува збор за неколку можни датуми за првиот и за вториот круг од изборите.

Можни датуми

Претседателските избори се одржуваат во последните 60 дена на тековниот мандат. За да се запазат 60 дена, претседателските избори најрано може да бидат на 14 март и најдоцна на 5, односно на 8 мај.

Изборите ги распишува претседателот на Собранието и од денот на распишувањето на изборите до денот на гласањето рокот да не е помалку од 70 дена и повеќе од 90 дена. Можни датуми за претседателски избори во прв круг на 14 март, 28 март, 11 април, 25 април. Во втор круг можни датуми се : 28 март, 11 април, 25 април и 8 мај.

Инаугурацијата на претседателот на државата треба да биде на 12 мај 2024 година. Според Џафери, 8 мај е и единствениот датум на кој може да има двојни избори во редовниот термин. „Ако вториот круг од претседателските биде на 8 мај, можно е да останеме без претседател на државата ако има жалбени постапки, односно ако има прегласување на неколку гласачки места кои би влијаеле на резултатот на изборите“, вели собранискиот спикер.

Што се однесува до роковите за парламентарните избори кои се одржуваат во 90 дена од тековниот мандат на пратениците кој завршува на 4 август се најрано на 5 мај и најдоцна на 15 јули за да се овозможи конституирање на Собранието во рамки на Уставот, најдоцна 20, односно 21 ден од гласањето.

Собрание Димитар Ковачевски
До Нова Година партиите треба да имаат консензус по однос на претседателските избориФотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

Работна група за изборите

Џафери ги повика пратениците да размислат за формирање работна група за изборните процеси кои ќе следат идната година. За иницијативата за работната група веќе се информирани координаторите на пратеничките групи.

„Пратениците треба да кажат дали се подготвени да учествуваат во работната група или не. Немам намера никого да повикувам, а тие треба да бидат одговорни за ова прашање и да ме информираат. Моја одговорност е да распишам избори во редовен термин“, вели Џафери.

Тој информираше дека пратеници од Беса и Алтернатива поднеле барање за оглас за член на Државната изборна комисија.

Партиите веќе подолго време лицитираат со датуми кога да се одржат изборите. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски најпрво предложи вториот круг од претседателските и парламентарните избори да се одржат на ист ден, односно на 8 мај. Потоа се согласи изборите да бидат редовни и најави дека се подготвени да учествуваат во работните групи коишто ќе треба да го утврдат датумот за одржување на изборите во 2024 година. 

Според премиерот Димитар Ковачевски, термините на одржување на редовните претседателски избори, како и за редовните парламентарните избори,  треба да бидат предмет на дискусија меѓу сите партии, а не само меѓу две.