1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Нема мир со Путин – ова е необјавена трета светска војна

Миодраг Шориќ
Миодраг Шориќ
28 ноември 2022

Војната во Украина е многу повеќе од само борба за слобода на оваа земја. Поради тоа на Украина и натаму и` е потребна помош од Западот, коментира Миодраг Шориќ.

https://p.dw.com/p/4KBUC
Русија ја уништува украинската електродистрибутивна мрежа
Русија ја уништува украинската електродистрибутивна мрежаФотографија: Gleb Garanish/REUTERS

Светот каков што го знаевме пред војната во Украина – по него копнеат многумина во Еропа, во Украина, но и во Русија. Кога политичарите од Кремљ се однесуваат како да се подготвени да преговараат за мир, но велат дека тоа не успева само поради неподготвеноста на Украинците и Западот, тие си поигруваат со копнежот на народот повторно да живее во свет каков што беше пред војната - без смрт и уништување, без санкции, без скап гас и нафта. Но, веќе никогаш нема да биде исто како што беше пред војната. 

Тоа би било така дури и пушките веднаш да стивнат затоа што војната во Украина не е причина за тековната дебата околу идниот светски поредок. Војната е само последица на овој конфликт. Русија сака да го уништи светскиот поредок заснован на права и вредности, со сите можни средства. Кина, Иран, Северна Кореја и други непријателски држави и` помагаат на Москва.

Кога Русија би победила во војната...

Поради тоа, оваа глобална борба ќе трае. Се соочуваме со еден вид необјавена трета светска војна што  Путин и другите диктатори  му ја наметнуваат на човештвото, вклучително и на нивните сонародници. Демократиите не можат да го игнорираат конфликтот, ниту можат да го заобиколат. Да направат така, тоа би значело враќање кон варварство, во свет каде што важи само моќта на најсилните,  а индивидуалните човекови права немаат никакво значење.

Миодраг Шориќ
Миодраг Шориќ

Ако Русија ја добие  војната против Украина, таа би ја продолжила својата агресија на друго место: во Молдавија, во Казахстан или во Белорусија.  Кина,  исто така, би била охрабрена да употреби уште повеќе сила против оние што мислат поинаку и малцинствата, во Хонг Конг, во Тајван, на островите во Јужното Кинеско Море. Режимот на мулите во Иран, исто така, ќе престане со било каква воздржаност во употребата на насилство врз сопствениот народ и против други држави од Блискиот Исток. Добро е што важи и обратниот заклучок: ако Русија биде поразена во оваа војна, Кина, Иран,  Северна Кореја и другите вакви држави веројатно ќе бидат повнимателни. 

Не е случајно што токму Иран од сите земји, ја снабдува Русија со борбени дронови. Мулите знаат – деновите на нивниот режим им се одбројани, доколку Путин ја загуби војната. На крајот на краиштата, Москва и Пекинг се најважните финансиери на иранскиот нафтен сектор. Ако овие „клиенти“ отпаднат, економската база на терористичкиот режим во Техеран ќе исчезне. Покрај тоа, победата на Украина би била дополнителен поттик и за демонстрантите во Иран. 

Цивилизираниот свет не смее да потклекне  

Затоа што тоа е така и затоа што сѐ е меѓусебно поврзано, Путин не смее да победи. Демократските држави, цивилизираниот свет не смее да потклекнат пред диктаторите. НАТО мора масивно да се наоружува - без разлика на тоа како ќе заврши војната во Украина. ЕУ, САД, Канада, Австралија, Јапонија и нивните сојузници не смеат веќе да бидат наивни во економската соработка, ниту да се стават во положба на апсолутна зависност во набавните синџири, во однос на суровините и пазарите за извоз, дури и ако се толку големи колку Кина. 

Се разбира дека Украинците во преден план се борат за својата слобода, за својата земја, за своите семејства. Во контекст на глобалната битка меѓу коалицијата на злото од една страна и слободниот свет од друга, тие се борат и за сите оние на кои им се важни демократијата и почитувањето на човековите права. 

Затоа Западот мора и натаму да ја поддржува Украина, финансиски, воено, морално и политички. Украинците се борат и за многу луѓе ширум светот кои малку знаат за таа војна. Дали некој сериозно верува дека на Путин или на Ши им е грижа за климата во светот? Од друга страна постигнувањето на климатските цели на ООН без Москва и Пекинг е невозможна мисија. И тоа е причина повеќе зошто Путин мора да биде сопрен. Сѐ додека е на власт, нема и не може да има мир.