1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Протести низ Кина поради строгата анти-Ковид политика

Вилијам Јанг
28 ноември 2022

Смртоносниот пожар во Шинџијанг предизвика бран од анти-нула-Ковид протести во неколку градови во Кина. Како ќе реагира Комунистичката партија на ова движење?

https://p.dw.com/p/4KAPx
Кина Ковид протести
Кинезите на протести поради владината Ковид-политикаФотографија: Thomas Peter/REUTERS

„Комунистичка партијо, повлечи се. Ши Џинпинг, повлечи се од власт." Тоа се слоганите што ги довикуваа стотици демонстранти во кинеската комерцијална метропола Шангај изминатиов викенд. Тие се собраа на протест против строгите мерки на кинеската влада за држење под контрола на  пандемијата, кои беа воведени во повеќе градови во втората најголема економија во светот.

Протестот е национален одек на стратегијата на Пекинг за „нула Ковид”  откако во западниот град Шинџијанг се случи смртоносен пожар со најмалку 10 загинати лица. Иако властите во Шинџијанг веќе отворија неколку населби во регионалниот главен град Урумчи, каде што се случи пожарот, бесот на јавноста и незадоволството веќе се имаа проширено низ цела Кина.

Еден од  демонстрантите во Шангај  кој замоли да биде наречен Џејсон од безбедносни причини, за ДВ вели дека одлучил да се придружи на демонстрантите откако прочитал за настанот. „Кога стасав таму полицијата веќе ги имаше блокирано пристапите кои водат до местото на протестот и група демонстранти беше опколена со мал број полицајци кои им велеа да си заминат," раскажува тој. 

Додека некои демонстранти останале мирни и тивки, имало и такви кои довикувале слогани со барање  Ши Џинпинг  да си оди од власт. „Имаше лица во масата луѓе за кои се мисли дека беа полицајци во цивилна облека и чија задача беше да прават раздор меѓу демонстрантите," додава Џејсон. 

Друг демонстрант по име Анди, за ДВ вели дека повеќето демонстранти се приклучиле за да бараат да се стави крај на строгиот локдаун кој некои го сметаат за главната причина зошто пожарот во Шинџијанг однесе 10 животи. „Мислам дека единственото барање на неодамнешниве масовни протести е да се тргне забраната за движење и да се вратиме во нормален живот," вели тој. „Мислам дека барањето за промена на режимот е идеја која ја поддржуваат само мал број луѓе."

Некои експерти велат дека протестите го отсликуваат влијанието на  кинеската анти-ковид политика која ги ограничи слободата на движење и правото на слободен говор на многумина. „Пожарот покажа дека сега е загрозена личната безбедност на луѓето," вели Кај Онг, истражувач во Амнести интернешнл. „Претходно луѓето веќе имаа проблеми со пристап до здравствена заштита, но сега е дојдено до таму луѓето да умираат поради политиките на власта."

Владината Ковид-политика ги изведе бројни Кинези на протести
Владината Ковид-политика ги изведе бројни Кинези на протестиФотографија: HECTOR RETAMAL/AFP/Getty Images

Прашање дали протестите ќе имаат ефект

Како во  Шангај,  така протести имаше и во универзитетските кампуси во поголемите градови како Пекинг, Нанчинг, Гуангжу и Ченгду, а демонстрантите бараа да се стави крај на локдаунот со слогани како  во Пекинг минатиот месец: „Не сакам ПЦР тест. Сакам слобода”. 

И покрај таквото движење во земјата, Анди се сомнева дека демонстрациите ќе променат нешто на курсот на владата. „Од моето искуство и по тоа што знам за Комунистичката партија, вакви протести брзо се задушуваат и нема да ја постигнат целта за ставање крај на локдауните," оценува тој за ДВ. 

Џејсон се согласува со него, додавајќи дека со оглед на тоа дека на луѓето во Кина им недостасуваат алатки како Телеграм за ефективна организација на протестите, сцените од изминатиов викенд биле хаотични и им недостасувало единство. Тој предупредува дека тие може да ја поттикнат владата да преземе и построги мерки. 

Шангај: Милиони жители во ковид-изолација

„Минатовечерните протести навистина создадоа силен загрозувачки впечаток за владата и таа би можела да воведе построги контроли во Шангај и во Кина како целина," рече тој за ДВ. „!Повеќето луѓе не беа свесни за ризиците од демонстрациите, а оние кои беа си заминаа рано, околу 2 или 3 по полноќ."

Овој пат чувството е различно"

Некои демонстранти изразија сомнеж околу траењето на протестите, други во Кина пак сметаат дека протестите за нив генерирале оптимизам бидејќи далеку ги надминале очекувањата на многу луѓе во Кина. „Мислев дека никогаш во мојот живот нема да ги чујам тие слогани," вели жителка на Шангај, која побара да биде пишана под името Ема. 

„На почетокот кога луѓето оставаа бесни коментари на интернет уште бев песимист дека ќе биде како и секогаш, односно дека коментарите ќе бидат избришани следниот ден и дека луѓето брзо ќе ја заборават целата работа," рече таа за ДВ. 

„Но, не очекував протестите онлајн да бидат бескрајни и дека луѓето ќе излезат навечер на улица во Шангај. Тоа навистина ме трогна, почувствував дека овој пат навистина е различно. Иако беше само една вечер, сепак беше многу различно од порано" додава Ема. 

Кина Ковид, Шангај
Шангај - Како ќе реагира власта на владината политика против Ковид?Фотографија: AFPTV/AFP

Онг од Амнести интернешнл вели дека димензиите на протестите би можеле да ја присилат владата да ја ревидира моменталната Ковид-19 политика. „Локалните власти во Урумчи тврдеа дека локалното ширење на случаи на Ковид го имаат под контрола," вели таа. „Протестите ја притискаат владата веднаш да одговори, но јас мислам дека не е многу веројатно централната власт да реагира на барањата за промена на режимот", рече Онг.

Неколку часа откако завршија протестите во раните утрински часови во неделата во Шангај, попладнето демонстрантите се вратија на истото место со бели листови хартија во рацете и натаму барајќи да се стави крај на локдаунот. „Вчерашните протести го запалија факелот, а денес ќе горат уште повеќе и светот ќе стане нешто посветол," вели демонстрант со презиме Лин за ДВ. „Цела Кина денес пали факели."

Од Шангај стасаа и вести за апсења откако полицијата, според Лин, се обидела да ги истурка демонстрантите од местото на протестот, при што дошло до физичка пресметка меѓу млади демонстранти и полицијата. „Многу приоди до главното збиралиште за демонстрантите беа блокирани и полицијата уапси и неколку луѓе во обидот да се растераат демонстрантите”, рече тој. 

Во еден клип кој многу се врти на социјалните медиуми, човек кој држи говор среде патот додека држи цвет во рака, одеднаш група полицајци го турка на страна и тие го апсат. Иако други демонстранти се обидуваат да интервенираат, не успеваат да ја убедат полицијата да го ослободи.

Ијан Чонг, политиколог на Националниот универзитет во Сингапур, за ДВ вели дека кинеските власти се фатени неспремни за протестите и дека Пекинг може да очекува оти енергијата и фрустрациите ќе „издишат”. 

„Претпоставувам дека има изгледи и да бидат задушени, доколку сепак продолжат," вели тој. 

„Кинеската комунистичка партија, а посебно под водство на Ши, е далеку понетолерантна за протести и очигледни предизвици за нивниот авторитет. Нештата уште се во зачеток, па потешко е во овој момент да се даде точна проценка”, оценува Чонг.