1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
НаукаГлобално

Нобеловата награда за физика за 2024 за Хопфилд и Хинтон

ЖА
8 октомври 2024

Џон Хопфилд и Џефри Хинтон се добитници на Нобеловата награда за физика за 2024 година. Тие се наградени за фундаментални откритија и пронајдоци поврзани со машинското учење, како што објави жирито во Стокхолм.

https://p.dw.com/p/4lXPN
Нобеловата награда за физика за 2024 за Хопфилд и Хинтон
Нобеловата награда за физика за 2024 за Хопфилд и ХинтонФотографија: Christine Olsson/TT News Agency via AP/picture alliance

Нобеловата награда за физика оваа година им се доделува на Американецот Џон Хопфилд и канадскиот истражувач Џефри Хинтон. Тие  го добиваат признанието за втемелувачките откритија и пронајдоци кои овозможуваат машинско учење со вештачки невронски мрежи, стои во образложението на  Шведска кралска академија на науките во Стокхолм.

91-годишниот Хопфилд и 76-годишниот Хинтон користеле алатки од физиката за да ја постават основата за денешното моќно машинско учење, се вели во образложението.

Хопфилд пронајде мрежа, која го доби неговото име, а која користи метода за зачувување и повторно репродуцирање на мустри. Хинтон, роден во Велика Британија, ја користеше оваа мрежа на Хопфилд како основа за нова мрежа користејќи различен метод: Болцман машината. Оваа машина може да научи да препознава карактеристични елементи во одреден тип на податоци.

„Работата на лауреатите е веќе од најголема корист. Во физиката користиме вештачки невронски мрежи во различни области, на пример во развојот на нови материјали со специфични својства. Машинското учење врз основа на вештачки невронални мрежи во моментов ја револуционира науката, техниката и секојдневниот живот", истакна Елен Монс, претседател на Нобеловиот комитет за физика. 

„Хинтон е пионер на длабокото учење“, изјави Карлес Сиера, директор на Истражувачкиот институт за вештачка интелигенција на Шпанскиот национален истражувачки совет, за шпанскиот научен медиумски центар. Хинтон придонесе за развој на мрежи кои овозможуваат повеќеслојни невронски мрежи и модерни апликации за вештачка интелигенција, нагласува Сиера.

Џефри Хинтон, кого го сметаат за кум на вештачката интелигенција, неодамна предупреди на растечките опасности од развојот на ова поле – дека вештачката интелигенција може да се извлече од контролата.

Најважната награда за физичарите  за оваа година е дотирана со вкупно единаесет милиони круни (околу 970.000 евра).