Штрајкови: Нов стрес за патниците во Германија неделава
4 март 2024На патниците во Германија им претстои стресна недела. Во тековниот спор околу новиот колективен договор со Германската железница (ДБ), синдикатот на машиновозачите, ГДЛ повика на нов 35-часовен штрајк. Во патничкиот железнички сообраќај штрајкот ќе започне во 2 часот по полноќ во четврток (7 февруари, 2024), изјави во понеделникот шефот на ГДЛ, Клаус Везелски. Во многу случаи, авионот веројатно нема да биде алтернатива за патниците, со оглед дека синдикатот Верди повика на предупредувачки штрајк на копнениот персонал на авиопрезовникот Луфтханза во четврток и во петок (8 февруари, 2024).
35-часовна работна недела за иста плата
Штрајкот на железничкиот товарен сообраќај треба да започне во среда во 18 часот. Покрај тоа, ГДЛ веќе нема да ги најавува идните штрајкови 48 часа однапред, нагласи Везелски. „Почнуваме со таканаречени брановни штрајкови“, рече тој. „Со тоа железницата веќе не е сигурно транспортно средство“.
Ова е петти штрајк на германските машиновозачи во спорот за новиот колективен договор, кој трае со месеци. Синдикатот ја прекина последната рунда преговори во четвртокот по околу четири недели преговарање. До неделата за ГДЛ важеше самонаметната обврска за нештрајкување. „Овој штрајк ќе трае вкупно 35 часа. 35 часа за сите во Германија да сфатат за што се залагаме ние, имено - 35-часовна недела“, рече Везелски.
Непосредно пред тоа, синдикатот за услужни дејсности, Верди повика на предупредувачки штрајк во Луфтханза. Целиот копнен персонал на германскиот авиопревозник треба да престане со работа во четврток и во петок. Предвидено е штрајкот да започне во 4 часот наутро во четврток и да заврши во 7:10 часот во сабота. Ова ќе доведе и до значителни ограничувања во воздушниот сообраќај, меѓу другото и бројни откажувања на летови.
Раст на платите и компензација за инфлацијата
Во тековниот спор за новиот колективен договор меѓу Верди и Луфтханза за околу 25.000 вработени во копнениот персонал на авиокомпанијата, веќе имаше два предупредувачки штрајкови, при кои патничкиот воздушен сообраќај беше во застој по 24 часа.
Со предупредувачкиот штрајк, синдикатот на услуги сака да го зголеми притисокот врз Луфтханза за зголемување на платите на вработените пред планираниот петти круг на колективно договарање на 13 и 14 март.
Верди бара 12,5 отсто повеќе пари и бонус за компензација на инфлацијата во рок од една година. Луфтханза досега понуди 10 отсто повисоки плати за 28-месечен период од колективниот договор..