1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нови маки со учебниците пред новата учебна година

ДТЗ
9 август 2024

СДСМ ја критикува изјавата на министерката за образовани Весна Јаневска дека учебници по странски јазик нема да има, но тоа не е проблем затоа што учениците учеле од серии.

https://p.dw.com/p/4jIE8
дете, компјутер
Нови маки пред новата учебна година - странски јазик ќе се учи од учебници или од серии? Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Perrey

Пред почетокот на новата учебна година од септември, повторно во фокусот на интересот на јавноста е недостигот на учебници, којшто се провлекува со години наназад. Министерката за образование, Весна Јаневска очекува дека учебната година да почне со минимални проблеми. Но, најавата дека ќе нема учебници за странски јазици веќе предизвика бројни реакции во земјата. 

Особено интерес предизвика изјавата на Јаневска тоа што од септември нема да има учебници за странски јазици нема да биде проблем, бидејќи децата учат јазици од серии. Поентата е, вели таа, да разбираат и да зборуваат, не да учат граматика на странскиот јазик.

„Јазикот е жив, знаете дека децата почнуваат да го учат и од сериите. Поентата е да разбираат и да зборуваат, не да учат граматика на странски за нив јазик, именки, заменки и така натаму, сметам дека тоа нема да биде никаков проблем, а следната година ќе го имаме и тоа“, изјави во четвртокот (08.08) Јаневска.

Весна Јаневска
„Јазикот е жив, децата почнуваат да го учат и од сериите. Поентата е да разбираат и да зборуваат, не да учат граматика“, вели Весна Јаневска (десно) Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Скандалозна изјава“

Но, ваквата изјава за СДСМ е скандалозна. „ДПМНЕ и министерката Јаневска по само два месеци откако ја преземаа власта, потврдија дека образованието за нив воопшто нема да биде приоритет. Министерката Јаневска, вчера во скандалозна изјава рече дека учебници по странски јазик нема да има, но тоа не е проблем затоа што учениците учеле од серии“, изјави пратеничката на СДСМ, Даниела Николова, која оценува дека овие политики ќе го уништат образованието.

Според неа, тажно е што ДПМНЕ постави министерка за образование, која смета дека било важно децата само да разбираат странски јазик, а не да учат граматика, заменки и именки.