Од научната лабараторија на претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, излегоа нови прогнози за иднината на Македонија. Овојпат „многу пооптимистички“ од претходните, веројатно поради свечениот амбиент, денот на МАНУ. Академик Коцарев беше помалку скептичен во своите футуристички претскажувања кога го приопшти својот последен изум: „Треба да се соочиме со реалноста дека е многу мала веројатноста нашата држава да стане рамноправна членка на Европската Унија во следните 30 години“.
Ова може да ви звучи многу разочарувачки, безнадежно, обесхрабрувачки, но само ако не ја знаете претходната прогноза на академик Коцарев, искажана и објавена пред неполни три месеци. Тогаш Коцарев беше многу попрецизен кога го одреди точниот датум на исчезнување на сѐ што е македонско, вклучително и исчезнувањето на последниот Македонец. Денот „Д“ кога ќе исчезне последниот Македонец и сѐ што е македонско, Коцарев, според гравитационите сили на поништување на идентитетските посебности на Македонците во корелација со „Орвел 1984“ и домашните предавства, предвиде дека Македонија и Македонците ќе ги снема во 2084 година.
Во суштина тогаш Коцарев откри дека Орвел, кога пишувал за „последниот човек на Европа“ во 1984 година, веројатно мислел на Македонците, само сто години подоцна. Може да се претпостави дека Коцарев ова го пишувал како пародија, иако тоа најмалку личи на пародија, бидејќи во истиот текст тој го наведува и точниот датум кога Македонија ќе стане членка на ЕУ. Тука веќе е сосема сериозен и без никаков предзнак на пародија ќе напише: „ Македонија ќе влезе во ЕУ 2084 година како 'делумно рамноправна членка', а Македонците ќе исчезнат имајќи ги предвид моменталните услови, затоа што „речиси е веројатно дека во државата Македонија веќе нема да живеат Македонци, бидејќи ќе бидат целосно истребени.“
Коцарев тоа го дообјаснува и со препоставката дека „најверојатно претпристапните преговори со ЕУ никогаш нема ни да завршат, па оттука произлегува синтагмата 'делумно рамноправна членка на ЕУ', ако се случат уставните промени и Бугарите влезат во Уставот“.
Уште една национална стратегија
Новите откритија за потребни најмалку уште 30 години за целосно рамноправно членство на Македонија во ЕУ во споредба со преходните прогнози за 2084 година како делумно рамноправни со исчезнување на Македонците, е голем исчекор на нашиот ценет научник со скратување на црните прогнози од цели 32 години. Односно, ако последните експерименти на академик Коцарев се најточни, тогаш Македонија ќе стане членка накаде околу 2052 година, што е за 32 години подобар резултат од претходната 2084 година.
И, што е најважно, овојпат земјата нема да биде делумно рамноправна членка и Македонците нема да исчезнат. За тоа дека ни требаат уште најмалку 30 години за членство во ЕУ, Коцарев како најсилен аргумнент ги нуди одамна познатите докази: бавното темпо на интегративните процеси во ЕУ во однос на земјите на Балканот, што сѐ уште не се дел од Унијата и противењето на некои нејзини членки и во блокадите да се вклучат нови земји со правото на вето.Тој исто така ги повтори своите ставови во однос на состојба во државата, при што рече дека со склучувањето и исполнувањето на договорите со Грција и со Бугарија „се одвива културен геноцид врз Македонците“.
Има уште нешто ново кај Коцарев во односите со соседите, а тоа се идеите за нивно покајание кон Македонија за да дојде до помирување. Прилично пацифистички кон комшиите по фронталните напади. Тие жестоки напади остануваат само за домашната сцена и за велепредавставата за компромисите кои се направени.
Академик Коцарев понуди и изготвување на национална стратегија од страна на МАНУ во соработка со сите релевантни институции за економскиот и општествн развој на државата во наредните 20 години, која ќе се подготви во 2023 година. Веројатно Коцарев знае дека МАНУ има остварено една таква национална стратегија за развојна Македонија подготвувана цели две години и издадена 1997 година на 413 страници од над сто домашни и странски научници финансирана од Обединетите нации.
Кој ќе исчезне побргу - ЕУ или Македонија?
Но, очигледно според постигнатите резулати, никој не ја отворил таа стратегија. Ни тие што ја изготвиле, а уште помалку тие што требаше да ја остварат, ако не цела, барем дел од неа. Интресно е што целата таа национална стратегија и за економскиот и за оштествениот развој во период од 20 години - од 1997 до 2018 година - се потпираше на ориентацијата за членство во ЕУ, по урнекот на Словенија, применувајќи ги европските закономерности и стандарди. Сега, по сѐ изгледа, според најавите на академик Коцарев ќе мора да се бараат нови патишта. Со и без ЕУ.
- повеќе од авторот: Ковачевски да му бакне рака на Мицкоски
Од една страна, Коцарев не ја напушта идејата за членство на Македонија во ЕУ ,било да е тоа 2052 или 2084 година, а од друга страна неговите политички откритија на велепрадавници на националните и државни интереси, неговите јавно декларирани партиски совпаѓања со дневната политика во битките за власт го промовираат повеќе како претседател на државата, отколку како претседател на МАНУ.
- повеќе од авторот: Целосна блокада на умот
Во големо исчекување сме во своето наредно јавно обраќање академик Коцарев да ги изнесе своите научни проценки што ќе се случува со Европа и со Македонија ако во наредните десетина години земјите од таканаречен западен Балкан станат членки на ЕУ, освен Македонија. Или пак попрво ќе исчезне ЕУ со оглед на опасноста од нуклеарна војна? Дали тогаш ќе ги дочекаат идните генерации на Македонија 2052 година и 2084 година во сопствена држава?
Она што е најсигурно е дека во периодот 2023 и 2024 година ќе имаме уште една скапа и велелепна национална страгегија за правливите депоа на МАНУ. Тоа може да испадне и подобра варијанта отколку академик Љупчо Коцарев да стане претседател на Македонија. Тогаш можат и да се остварат неговите прогнози за членство во 2052 година во ЕУ, или со делумно рамноправно членство 2084 година, до оптимистичкиот датум, овојпат без иронија, за исчезнување на последниот Македонец. Па така, и тие што ќе доживеат ќе исчезнат.