1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Обвинение во Џорџија: Трамп се изјасни за „невин“

Елеоноре Улих
1 септември 2023

Поранешниот американски претседател Трамп се изјасни за невин во судската постапка за изборен заговор во сојузната држава Џорџија. Тој нема да се појави на суд при читањето на обвинението.

https://p.dw.com/p/4VpKq
САД I Доналд Трамп - затвор во округот Фултон
Доналд Трамп во Атланта, каде ги даде на евидентирање своите лични податоци (24.08.2023)Фотографија: oe Raedle/Getty Images/AFP

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп се изјасни за невин по обвиненијата за изборен заговор во американската сојузна држава Џорџија. Според судски документ објавен вчера (31.08), тој јасно става и до знаење дека ќе го искористи своето право да не се појавува на суд за читање на обвинителниот акт, што треба да се случи на 6 септември.

Во Џорџија, Трамп е обвинет заедно со 18 други осомничени за обид да влијае на исходот на претседателските избори во оваа сојузна држава во 2020 година. Меѓу обвинетите се и поранешниот адвокат на Трамп, Руди Џулијани и поранешниот шеф на кабинетот на Трамп во Белата куќа, Марк Медоус.

Пред една недела Трамп веќе мораше да се појави во затворот во округот Атланта за официјално да се претстави пред властите и да ги даде на евидентирање неговите лични податоци. Канцеларијата на локалниот шериф потоа ја објави полициската фотографија на поранешниот претседател и личните информации што ги дал. Тоа е првата полициска фотографија на поранешен претседател на САД.

САД | Доналд Трамп | производи со неговата полициска фотографија
Изборниот тим на Доналд Трамп веќе заработи милиони долари од продажбата на производи со неговата полициска фотографијаФотографија: Mario Anzuoni/REUTERS

Републиканецот, кој планира повторно да се трка на претседателските избори во 2024 година и, според анкетите на републиканските прелиминарни избори, води, оваа година е обвинет четирипати, вклучително и двапати за свои активности по изборите во 2020 година. Тој ги отфрла сите обвинувања и на кривичниот прогон против него гледа како на обид на неговите противници да го спречат повторно да влезе во Белата куќа.

Трамп инсистира на „изборна измама“

77-годишниот Трамп загуби на претседателските избори во 2020 година од демократот Џо Бајден. Трамп до ден-денес одбива да го признае поразот. Наместо тоа, тој тврди дека победата му била „укадена“ со масовна гласачка измама.

Ниту тој самиот ниту неговите адвокати не презентираа докази за да ги поткрепат овие тврдења. Десетици тужби поднесени од таборот на Трамп беа отфрлени од судовите по изборите, вклучително и од Врховниот суд на САД. Кампањата на Трамп против исходот од изборите кулминираше на 6 јануари 2021 година, кога неговите поддржувачи упаднаа во Капитол во Вашингтон.