Обвинителството да го повика Ахмети, кој знаел каде е Груби
30 декември 2024Обвинителството треба да го повика на распит првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, бидејќи во изјава за јавноста кажа дека знаел за локацијата на Артан Груби, порача вицепремиерот задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи.
Тој потенцира дека Обвинителството има законска обврска да го повика Ахмети.
„Али Ахмети изјави дека има сознанија за локацијата на Артан Груби, по кого има меѓународна потерница. Јавното обвинителство, врз основа на оваа јавна изјава, има законска обврска да го повика Али Ахмети, да го праша каде се наоѓа лицето кое го гони правдата на државата“, напиша Фетаи.
„Не го признава овој суд?“
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, кој во Косово учествуваше на приемот за ветераните на Ослободителната војска на Косово (УЧК) што вчера го организираше претседателот на Алијансата за иднината на Косово (ААК) Рамуш Харадинај, во изјава за медиумите откри дека знае каде се наоѓа Артан Груби и дека тој е подготвен да се појави пред органите на правдата, „но не во одмаздничката и селективна правда“, туку во процес на ветинг за сите функционери до денес.
„Не сум го сретнал Артан Груби. Тој е добро, неговата локација е секако во албанските простори, тоа е процес кој мора да има епилог. Aртан Груби не избега од Македонија. Артан Груби е подготвен да се појави пред органите на правдата, да ги почитува законите, но не во одмаздничката и селективна правда. Ние сме подготвени да одговориме во секој момент и побаравме да се направи ветинг во државата и да се отворат сите политички партии, да се отвори истрага за сите функционери до денеска. До последната точка ќе работиме и ќе се бориме, ќе наредуваме и ќе отвориме истрага за сите“, изјави Ахмети.
Но, евидентно е дека во ДУИ владее разногласие по ова прашање. Пред една недела потпретседателот на ДУИ и поранешен министер Бујар Османи за „360 степени“ изјави дека нема информација каде се наоѓа Артан Груби, по кого е распишана меѓународна потерница како осомничен во случајот „Државна лотарија“. Тој порача дека „постапките на поединци не ја дефинираат целата партија“, а на забелешката дека Груби не беше кој било поединец, туку десна рака на Ахмети, Османи повика на докажување на обвинувањата во правна постапка.
„Секој за којшто ќе се докаже во правна постапка дека го прекршил законот, треба да сноси одговорност. Немаме дилема во однос на тоа, секој. Меѓутоа многу е важно тоа да биде во еден непристрасен, политички неинструментализиран процес. Така што, еве, ако ме прашувате зошто бегал, јас мислам дека згрешил што бегал. Требало да остане, да се соочи и да си ја каже својата вистина“, изјави Османи.
Збунувачки пораки од ДУИ
Во вчерашниот поткаст „ВМРО-ДПМНЕ зборува“, премиерот Христијан Мицкоски истакна дека денешната политичка и јавна перцепција за ДУИ, како во Македонија така и кај стратешките партнери на Македонија, е сосема различна од тоа што било во минатото. Тој упати сериозни забелешки за начинот на кој ДУИ продолжува да функционира, а како критичен ги посочи случајот со Артан Груби, кој е ставен на црната листа на санкции на САД поради корупција и криминал. Според Мицкоски, ДУИ наместо да направи кадровски и програмски рез, обидувајќи се да се ослободи од контаминираните елементи, продолжува да упатува збунувачки пораки, вклучително и со обиди да се оправдаат со политички прогон во врска со санкциите на Груби.
„Пораката им е збунувачка и во ова бунило, тие почнуваат да бидат сѐ порадикални и порадикални и да се закануваат, мислејќи дека на тој начин некој ќе се исплаши. Мислам дека грешат, но тоа е нивно суверено право, ова е демократска држава (...) Сѐ додека некој ги користи демократските инструменти за водење политика и начини, тоа е прифатливо. Првиот момент кога нема да ги користи, тогаш ќе мора државата да реагира“, изјави Мицкоски.
Од ДУИ му возвратија дека „очигледно ги помешал неговите надлежности“.
„Кога премиерот на една држава го користи своето влијание за демонизација на политички опоненти, наместо да ги адресира вистинските кризи, тоа е аларм за целото општество (...) Нападите врз ДУИ не се ништо друго освен обид да се прикрие неспособноста на владата да се справи со сериозно нарушените меѓуетнички односи, растечката инфлација, неуспехот во европските интеграции и континуираното назадување на државата“, реагираа од Мала Речица.
„ДУИ 7 години наназад имаше можност да покаже дека е посветена на Македонија, тие покажаа само дека се посветени на тоа да смислат како нешто да украдат од државата“, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Единствено на што е посветена ДУИ е - на криминалот, а Груби на црната листа на САД е доказ за тоа. Со години ДУИ игра на картата на меѓуетнички тензии, и ги злоупотребува Албанците. Сега веќе ДУИ се прочитани и никој не им верува. На сите им е јасно дека борбата на ДУИ е за пари (...) Време е ДУИ да спознае дека во Македонија нема место за криминалци во политиката, и да не бидат закрила повеќе на таквите во сопствените редови“ се наведува во партиското соопштение.