1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Фронтекс ги крши правата на бегалците?

21 октомври 2022

Повреди на човековите права, злоупотреба на власта, заплашување - извештајот на ОЛАФ за агенцијата за заштита на границите на ЕУ, Фронтекс, е поразителен. Во фокусот е и Грција.

https://p.dw.com/p/4IWEd
Контролна соба на грчката гранична стража на Еврос
Контролна соба на грчката гранична стража на ЕвросФотографија: Nicolas Economou/NurPhoto/picture alliance

Нервоза на лицето на Индра Медина-Кано ова септемвриско утро (19.09.2022) на малиот аеродром во Александрополи, стратешки важен грчки пристанишен град, на околу 20 километри од турската граница. Службеничката од Фронтекс е шефица на операциите на Европската агенција за заштита на границите на 200-километарската граница на реката Еврос. Како и на другите европски надворешни граници, барателите на азил и овде зборуваат за полициско насилство и незаконски пушбекови. 

Со оглед на тоа што медиумите најмногу се фокусираа на морските граници кај островите Лезбос и Самос, Фронтекс и грчките граничари досега непречено си ја вршеа работата на Еврос. Но, сега Медина-Кано стои пред група новинари кои придружуваат четворица европратеници во нивната „мисија за утврдување факти“. Една од нив е Холанѓанката Тинеке Штрик, политичарка од Зелените и професорка по државјанство и миграција. Таа е една од најпознатите критичари на Фронтекс и е една од ретките европски законодавци кои отворено ги критикуваат земјите како Грција, Унгарија и Хрватска затоа што со сите сили се трудат да не им дозволат пристап до европските системи за азил на оние кои бараат заштита - вклучително и со насилно враќање на луѓето од границите. 

Фронтекс има 62 офицери и четворица преведувачи на Еврос. На прашањето на новинарите за кршење на човековите права во нивната област на дејствување, Медина-Кано одговара: „Фронтекс не е присутен во сите области. Ние планираме распоредување на наши луѓе врз основа на барањата од земјата-членка“. Таа подоцна вели: „Морате да разберете дека ние секогаш ги извршуваме нашите активности овде под команда и водство на нашите грчки колеги“. Тинеке Штрик потоа прашува дали Фронтекс конкретно побарал од грчките колеги пристап до областите каде што се случуваат пушбекови. Колешката на Медина-Кано, Ана Петрова, накратко се двоуми и потоа одговара: „Не ни е забранет пристапот до одредени области, но нашите сили се ограничени на одредени работни области. Грчките власти подобро знаат кои се нивните потреби“.

Европратеничката Тинеке Штрик на граничната река Еврос во Грција
Европратеничката Тинеке Штрик на граничната река Еврос во ГрцијаФотографија: Florian Schmitz/DW

Извештај на ОЛАФ за обвинувањата против Фронтекс 

Фронтекс долго време е на мета на критики. Агенцијата на ЕУ за заштита на границите, основана во 2004 година, е обвинета за кршење на човековите права и илегално враќање на бегалците. Директорот на Фронтекс, Фабрис Леџери, поднесе оставка пролетоска. Од извештај на Канцеларијата на ЕУ за борба против измами, ОЛАФ, направен на почетокот на годинава, а сега објавен од страна на магазинот Шпигел и невладината организација Frag den Staat, јасно се согледува зошто. Според извештајот, Фронтекс е одговорен за доведување во заблуда на одредени тела, заплашување на вработените и намерно прикривање на кривични дела.

Со месеци, иследници на ОЛАФ истражуваа сомнителни случаи, испрашуваа вработени и жртви, оценуваа податоци и анализираа е-пошта и разговори на ВатсАп. Тие докажаа дека граничарите намерно замижувале пред нелегалните враќања на европските поморски граници или дека извештаи биле задржувани од страна одговорните службеници. Разговорите и е-поштата од вработените на Фронтекс покажуваат дека инциденти биле минимизирани и прикривани и задржувани од страна на службеникот надлежен за основни права.

Директорот на Фронтекс, Фабрис Леџери, поднесе оставка пролетоска
Директорот на Фронтекс, Фабрис Леџери, поднесе оставка пролетоскаФотографија: Virginia Mayo/AP Photo/picture alliance

Масовни прекршувања на основните права

Списокот на прекршоци и повреди на правото на ЕУ, меѓународното право, поморското право и сопствените прописи, е долг. Омер Шац, активист за човекови права и раководител на правниот оддел на невладината организација Фронт-ЛЕКС, бара Фронтекс веднаш да се повлече од грчко-турската граница: „Директорот мора да ја прекине операцијата штом има сериозни или редовни прекршувања на човековите права кои се во врска со активностите на Фронтекс“. Извештајот на ОЛАФ открива дека Фронтекс знаел за бројни злосторства и ги прикрил, вели Шац за ДВ.

„Има многу докази за пушбекови, па дури и смртни случаи; луѓе кои умреле затоа што им ја одзеле облеката, што е една многу вообичаена практика“, вели Шац.

И покрај огромниот товар на доказите, грчките власти и натаму инсистираат на тоа дека го почитуваат законот на надворешните граници. Ниту Фронтекс не сака да преземе никаква одговорност. Шац смета дека се работи за стратегија: „Секогаш кога грчката влада ќе биде соочена со обвинувања, велат: 'Ние само ги спроведуваме прописите на Фронтекс'“, критикува Шац. „На овој начин агенцијата за заштита на границите ги легитимира и поддржува систематските прекршувања на законите од страна на грчките власти“.

Фронтекс со 754 милиони евра (во 2022 година) е агенција на ЕУ со најголеми финансии
Фронтекс со 754 милиони евра (во 2022 година) е агенција на ЕУ со најголеми финансииФотографија: DW/E. Elezi

Малку надеж за подобрување

Конзервативните европратеници, како одговорната еврокомесарка Илва Јохансон, не гледаат потреба за целосно прекинување на операциите на Фронтекс или за натамошно реформирање на агенцијата по заминувањето на поранешниот директор Леџери и двајца други вработени на високи позиции. За Тинеке Штрик ова е грешка. Таа повикува на транспарентни процедури, независни контроли и целосен пристап до чувствителните области: „Фронтекс од земјата членка мора да бара целосна соработка во истрагите и целосен пристап до териториите и информациите за заедничката операција кои стојат на располагање.“

- повеќеБалканска рута: Пушбекови од страна на Фронтекс?

Самите граничари на Фронтекс на средбата со европарламентарците на Еврос објаснија дека надлежниот службеник за основни права немал пристап до затворената воена зона. Но, тоа е местото каде што се случуваат пушбековите. Пристап во таа зона им беше забранет и на Штрик и на нејзините колеги европски пратеници. „Фронтекс е распореден само таму каде што нема пушбекови, а грчките власти можат да прават што сакаат“, изјави Штрик за ДВ.

- повеќе: Крај на бегството во Европа

Таа повикува на поотворени критики од страна на Европската комисија и од земјите-членки застапени во Управниот одбор на Фронтекс. Не може да се очекуваат суштински подобрувања ако премолчено се прифаќаат пушбекови: „Земјите-членки мора отворено да ги критикуваат оние земји од ЕУ кои постојано се соочуваат со обвинувања за пушбекови“. Фронтекс со 754 милиони евра (во 2022 година) е агенција на ЕУ со најголеми финансии. Според Штрик, тие финансии мора да бидат поврзани и со услови: „Европската комисија треба да го поврзе финансирањето на заштитата на границите со почитувањето на човековите права“.