1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Ќе се „чешла“ постапката на Апелација за „Таргет-Тврдина“

19 декември 2022

Судскиот совет нема надлежност да оценува одлука на Апелацискиот суд, но може да ја констатира состојбата за текот на постапката, најави претседателката Весна Дамева

https://p.dw.com/p/4L9Mu
Судството на преиспит
Судството на преиспит Фотографија: fikmik/YAY Images/IMAGO

Соопштението на Апелацискиот суд од минатиот петок (16.12) дека е донесено решение за укинување на пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“ и негово враќање на повторно постапување пред Основниот кривичен суд, три дена предизвикува жестоки реакции во македонската јавност.  Образложението на Апелацискиот суд  за одлуката беше кратко: „првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривичната постапка кои се од апсолутен карактер, а на кои овој суд внимава по службена должност, со што се доведе во прашање фактичката состојба и правилната примена на Кривичниот законик“.

Реакциите во јавноста не се случајни, со оглед дека станува збор за случај кој пред седум години предизвика тектонски потреси во општеството и беше главна причина за формирање на Специјалното јавно обвинителство.  Случајот се однесуваше на незаконското следење на над 4.000 телефонски броеви без судски наредби, со кое биле опфатени околу 20.000 граѓани.

Што може сега да направи Судскиот совет? Ова тело нема надлежност да ја (пре)оценува одлуката на Апелацискиот суд,  но она што може да го направи е - да ја констатира состојбата за текот на постапката. Дел од дилемите произлегоа и од можните разлики меѓу денот на одлуката и денот на нејзиното соопштување. Порталот СДК.мк објави дека судијката Лидија Чачева, една од судиите во петчлениот совет во Апелација кои гласале за одлуката, се пензионирала на 7-ми декември, а сѐ до денот на соопштувањето на решението (16.12.) петтемина судии тврделе дека не е донесена одлука за „Таргет- Тврдина“. Од друга страна, ТВ Телма повикувајќи се на судски извори објави дека одлуката за „Таргет-Тврдина“ била донесена на 5-ти декември, два дена пред да се пензионира Чачева. Доколку е тоа точно, се отвора прашањето зошто Апелацискиот суд го објавил решението дури 11 дена подоцна, на 16-ти декември. И ова, меѓудругото ќе биде и предмет на интерес на Судскиот совет, како што завчера најави претседателката Весна Дамева.

„Во понеделник во рамки на моите овластувања веднаш ќе преземам дејствија, а Судскиот совет во рамките на своите законски надлежности ќе го испита конкретниот случај, и за преземените дејствија и констатираната фактичка состојба ќе бидете навремено известени. Укажувам дека Судскиот совет нема надлежност да преиспитува, односно да оценува судска одлука, но има надлежност да ја констатира состојбата за текот на постапката во смисла на ажурно постапување и дали одлуката била донесена од страна на судија на кој му престанал мандатот поради исполнување на услови за старосна пензија“, најави завчера Дамева.

„Случајности“ и одолговлекувања

Она што беше актуелно меѓу двата посочени датума (5-ти и 16 декември) е доаѓањето и заминувањето на тим за санкции од САД. Амбасадорката на САД, Анџела Агелер, на 6-ти декември сподели информација дека  тим за санкции од Вашингтон пристигнал во РСМ  „за поагресивен поглед на минатите и сегашните корумпирани актери“. Како резултат на претходни активности на тим за санкции, Стејт Департментот на 11-ти април годинава го вклучи на листата на санкции токму Сашо Мијалков, кој една година претходно беше  неправосилно осуден во „Таргет-Тврдина“, на 12 години затвор. Покрај Мијалков  на т.н. црна листа беше ставен и поранешниот премиер Никола Груевски.

„Ги преземавме овие активности како одговор на нивната инволвираност во значителна корупција. Нивните активности го поткопувале владеењето на правото, демократските институции и јавните процеси во двете земји и ја уништија вербата на јавноста во нивните влади“, наведе во соопштението Стејт департментот.

Сашо Мијалков „Таргет-Тврдина“
Со првостепената пресуда која е укината, поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков беше осуден на 12 години затворФотографија: Petr Stojanovski /DW

Првостепената пресуда за „Таргет-Тврдина“ беше објавена на 26-ти февруари 2021 година. Една година подоцна, на 7-ми март годинава во Апелацискиот суд почна јавната седница за  жалбите поднесени од Сашо Мијалков и другите засегнати во овој предмет. Од истиот ден почнаа и шпекулации дека тој предмет ќе биде укинат, како што се случи десет месеци подоцна, кога на 16-ти декември Апелацискиот суд соопшти дека решил да ги уважи жалбите на обвинетите. Фактот што предметот се враќа на повторно судење, ги засили сомнежите за неговиот исход, со оглед дека тој во 2025 година застарува.

ТВ Телма, повикувајќи се на судски извори, објави дека судијата известител од кого зависи текот и брзината на постапката, со месеци ја одолговлекувал истата. Сега судскиот совет ќе може да ги увиди сите околности кои ја засегаат кредибилноста на постапката, односно дали се постапувало ажурно.

Но, одбраната на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, тврди дека решението на Апелацискиот суд е законито, праведно и засновано токму на доказите и фактите кои тие ги навеле во жалбената постапка.

„Во текот на целата главна расправа, одбраната укажуваше на бројните повреди на законот. Повреди кои доведоа до неоснована и правно неиздржана пресуда. Наместо да одговори на сите отворени прашања околу незаконското следење на комуникации, Основниот суд без аргументи и без докази донесе осудителна пресуда против нашиот клиент. Пресуда за која беше јасно дека нема да ја издржи проверката во повисокиот суд“, посочија од адвокатскиот тим.

Оттаму се осврнаа и на бројните критики на одлуката од страна на политичарите.

„Ниту претседателот на државата, ниту министрите во Владата не се тие кои треба да носат судски одлуки. Тоа право им припаѓа исклучиво на оние кои дале заклетва дека ќе делат правда и биле избрани за тоа, а сѐ останато е недозволено мешање кое го урива интегритетот на судството, кој заради политичките влијанија е сериозно разнишан“, наведоа од одбраната на Мијалков, додавајќи дека за таквите притисоци и мешање во судската власт ќе го информираат судот во Стразбур.

И скринингот ќе отвори прашања

Во дел од реакциите за одлуката на Апелацискиот суд, таа беше ставена и во контекст на лупата врз домашниот судски систем во рамките на билатералниот скрининг.

Со последната дискутабилна пресуда за случајот „Таргет-Тврдина“, судскиот систем покажа дека веќе е во тешка состојба и најитно треба да се преземат неопходни мерки за неговото санирање, реагираа вчера од Советот на амбасадори. Во реакцијата Советот посочува дека судскиот систем се наоѓа под влијание на разни внатрешни и надворешни структурни влијаниjа кои креираат систем на неказнивост на разни моќни економски и политички структури на државата и со тоа стимулираат селективна правда.

„Советот на амбасадори смета дека Судскиот Совет како најповикана судска институција за оценување на работата на судиите темелно ќе ги анализира состојбите во поединачно и групно однесување на судиите по поедини предмети кои јавноста ги перцепира како проблематични и ќе донесе соодветни праведни одлуки. Сметаме дека последните збиднувања во судството и воопшто во работата на правосудниот систем на Северна Македонија можат да му наштетат на успешното реализирање на скринингот и на натамошното водење на преговорите на нашата земја со ЕУ“, наведоа од Советот.

На истиот процес вчера потсети и премиерот Димитар Ковачевски.

„Ние сме во постојана комуникација со нашите партнери ЕУ и САД. Поглавјето 23 - владеењето на правото беше дел од билатералниот скрининг. Тој скрининг, во кој ќе бидат вклучени и правосудните органи, ќе постави многу прашања за кои ќе се бараат одговори и ќе треба да ги дадат правосудните органи, како независна власт во државата“, рече Ковачевски.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи, смета дека е важно да се слушне аргументацијата на Апелацискиот суд.

„Доколку нема сериозна аргументација Апелација да објасни пред ЕК за одлуката, верувајте ќе бидат именувани и засрамени. Но можеби имаат аргументи и затоа и јас не сакам да прејудицирам кои биле тие прекршувања во првостепена процедура, бидејќи сепак ние треба и човековите права да ги почитуваме. Тоа е важен дел во нашето европеизирање“, рече Османи.