1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Секој четврти македонски граѓанин заминал од државата

ДТЗ
27 септември 2022

Ќе остане ли Македонија без работна сила? Истражувањата покажуваат дека бројот на емигранти од земјата во ЕУ последната деценија се зголемил за пет пати. Една четвртина од работоспособното население заминува од земјата

https://p.dw.com/p/4HOoA
емигранти
Ќе остане ли Македонија без работна сила? Бројот на емигранти од земјата во ЕУ се зголемил за пет патиФотографија: Fotolia/Peter Atkins

Околу 700 илјади Македонци, или околу една четвртина од населението заминале од Северна Македонија. Тековните трендови покажуваат дека голем број на граѓани ја напуштаат земјата, а прогнозите се дека оваа бројка во иднина ќе расте. Клучни причини за иселувањето има неколку, но коренот е во недовербата на институциите. Високата корупција и големата политичка нестабилност, желбата за подобар животен стандард, проблемите со образованието, здравството, немањето перспектива за децата, се само дел од причините коишто ги туркаат пред се младите висоокобразовни кадри да го остварат сонот надвор од земјата. 

„Ситуацијата е повеќе од загрижувачка“, вели вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, кој денеска присуствуваше на конференцијата на која беше промовиран извештајот „Човечки капитал, миграција и како да обликуваме иднината заедно“ во организација на ОЕЦД. Според овој извештај, бројот на мигранти од Северна Македонија во ЕУ во последната деценија се зголемил за пет пати. Една четвртина од работоспособното население заминува од земјата што влијае на продуктивноста, но и на здравствениот и на пензискиот систем.

Ќе остане ли Македонија без работна сила? 

„Ова е навистина болна тема“, вели Битиќи, кој коментирајќи го извештајот, нотира дека од 2011 до 2019 година се одлеале 700 илјади македонски граѓани, или скоро секој четврти заминал од државата.

Иако тој тренд се намалил за време на пандемијата и понатаму претставува сериозен проблем не само за носителите на јавни функции и за креаторите на политики, туку и за целото општество, бидејќи се создава празнина на пазарот на труд. „Ќе мора да разговараме за политики за пополнување на таа празнина. Во Агенцијата за вработување процентот на невработени е се уште висок - но 93,4% од невработените се функционално неписмени, односно нивните вештини не одговараат на пазарот на труд“, вели Битиќи.

емигранти
Сонот за Запад ја празни Северна Македонија - заминуваат млади и високообразовани кадри кои иднината на семејството ја гледаат надвор од земјатаФотографија: picture alliance/AP Photo/N. Denette

Надлежните укажуваат дека е неопходно да се направат промени, што подразбира преквалификација и менување на навиките за работа. Проблемот го гледаат во погрешните политики во изминатите 30 години кои произнведувале работна сила која што не одговара на потребите на пазарот. Дополнително загрижувачки е што е висок процентот на високообразовни и млади кадри коишто сега ја напуштаат земјата, за разлика од трендовите од пред 20, 30 години кои заминувале тие со пониско образование.

Ова го потврдуваат речиси сите истражувања коишто беа објавени изминатиот период за иселувањето на младите од земјата. Дека македонското население старее, а процентот на младите луѓе кои својата иднина ја гледаат надвор од државата се повеќе се зголемува покажа и последниот попис на населението од 2021 година. По две децении од одржувањето на последниот попис во 2002 година,бројот на жители во земјата е намален за 185.834 лица или за 9,2 проценти. Тоа значи дека е загубено население колку две или три поголеми општини во земјата. Вкупното резидентно население на Северна Македонија, на 5 септември 2021 година изнесуваше 1.836.713 жители. 

Планот на Владата не е да ги враќа тие што заминале, туку активно да ги вклучи во креирањето политики за иднината на младите генерации.  „Младите не треба да ги задржуваме, туку да им дадеме крилја, да создадеме можности што ќе им овозможат да го достигнат својот целосен потенцијал во сопствената земја, но во исто време ќе ги направи доволно конкурентни за светот“, вели Битиќи

Увоз на работна сила

Недостигот на работници ја наметнува потребата од увоз на работна сила. Според Битиќи, станува збор за процес кој што е неминовен.

„Ако во Германија има недостиг на работна сила и нашите одат да работат таму, треба да сфатиме дека и ние сме привлечна земја за некои работници коишто би дошле“, вели вицепремиерот. Тој смета дека македонските плати се  поконкурентни од земјите од каде што доаѓаат тие работници. Па, така на пример, во градежништвото веќе има прилив на работници од Турција, на кои платите им се и до 50 проценти повисоки од оние што ги добивале во нивната земја, но имало интерес и во  ИТ секторот, кој е привлечен за работници од Индија и Пакистан.

 

#dw_BalkanBooster: Боли што нашите родители ќе останат сами



 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи