1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сонот на Шолц за Европа

Rosalia Romaniec | DW Mitarbeiterin | Leiterin Current Politics
Розалија Романиец
30 август 2022

Локацијата за говорот беше внимателно избрана: во Прага, германскиот канцелар ги претстави своите идеи за модерна, прагматична Европа. Но, пораката не допре до соседите на исток, смета Розалија Романиец.

https://p.dw.com/p/4GCVv
Чешкиот премиер Петр Фиала ги отфрли предлозите од говорот на неговиот гостин во Прага, германскиот канцелар Олаф Шолц
Чешкиот премиер Петр Фиала ги отфрли предлозите од говорот на неговиот гостин во Прага, германскиот канцелар Олаф ШолцФотографија: Petr David Josek/AP Photo/picture alliance

Беше тоа типичен говор на Олаф Шолц: канцеларoт зборуваше многу смирено, речиси без гестикулации. А сепак имаше значајни нешта во содржината: Европската унија треба да стане моќен глобален играч, врвен регион за економија и технологија, голема, суверена и прагматична заедница на вредности, која може самата да се одбрани. Кој не би се согласил со тоа?

Шолц јасно се заложи за натамошни рунди на проширување. Пред сè, државите од Западен Балкан, но и Грузија, Молдавија и Украина треба да станат членки на Европската унија - со тоа би можело да има 36 земји од ЕУ.

Радикални реформи за Европа

Германскиот канцелар ја претстави својата визија за отворена и модерна Европа, без обѕири за никакви табуа. „Блокадите можат да се надминат, европските правила може да се променат - доколку е потребно, дури и со голема брзина. Со ова, Шолц се надоврза на претходните предлози на Емануел Макрон, кои Ангела Меркел никогаш не ги прифати. Тоа е доцна, но сепак делува освежувачки.

Тој се заложи за постепено отстапување од принципот на едногласност во ЕУ, и за прагматични формирања на мнозинство. Добар и одамна задоцнет пристап за да може Европа да продолжи да функционира и во иднина. Институционалното срце на ЕУ, Комисијата и Парламентот, исто така, треба да бидат темелно реформирани. Планот на Шолц за обновата на Европа се заснова на модерната архитектура: „Формата ја следи функцијата“. Ова е германски прагматизам на највисоко ниво.

Розалија Романиец, авторка на коментарот
Розалија Романиец, авторка на коментаротФотографија: DW/B. Geilert

Домаќинот незаинтересиран за германските визии

Меѓутоа, овој прагматизам во моментов не е разбран во Источна Европа. Или не му се верува. Од обѕири кон источноевропските стравови од преголема германска доминација, Олаф Шолц нагласи дека сето тоа „не се готови решенија“, туку само предлози за размислување, за кои тој сака да дискутира. Но, кога требаше да дојде до конкретна размена на мислења (се планираше сесија за прашања и одговори со студенти), понудата за дијалог се покажа како празна школка во програмата. Дискусијата беше краткорочно откажана и канцеларот побрза на средба очи в очи со неговиот чешки колега Петр Фиала. Но, на неа не стана збор за европските визии, туку за снабдувањето со енергија во актуелната криза.

Во секој случај, домаќинот не беше заинтересиран за радикалното преструктуирање на ЕУ, какво што предложи Шолц. Фиала јасно стави до знаење дека неговата земја е против укинувањето на мнозинските одлуки во Европа. Фиала воопшто не го следеше говорот на Шолц - од наводни „технички причини“ , како што беше истакнато, не можел да го стори тоа. Иритирачки момент тој ден.

Тоа треба да го натера Шолц да размисли. Особено што тој внимателно ја избра Прага како локација за неговото главно обраќање за Европа. Не само поради чешкото претседавање со ЕУ, туку и како свесен сигнал кон Источна Европа. „Центарот на Европа се врти кон исток“, рече канцеларот. Тој нема да го прифати нападот на Путин врз Европа и вети голема помош за обнова на Украина и инвестирање во заедничката европска безбедност. Меѓу другото, тој понуди Германија да ја преземе обновата на украинската артилерија и на противвоздушна одбрана. Тоа не е малку, и ако дојде до тоа би била нова пресвртница.

На Шолц му недостига чувството за Исток

Сепак, тој не предизвика никаков ентузијазам: без аплауз меѓу поентите во говорот, само воздржан аплауз на крајот. Шолц повторно не го погоди вистинскиот тон: наместо да ги убеди Источноевропејците со конструктивни предлози од Берлин за компромис, тој продолжи заканувачки да копа во раната на владеењето на правото. Наместо тоа, тој ќе мора да се заложи за доверба. Од источна перспектива, кредибилитетот на Германија како доверлив партнер е нарушен по рускиот напад на Украина.

На Олаф Шолц сè уште му недостасува чувство за Источна Европа, кое токму сега е поважно од кога било. Германскиот канцелар има разбирлива визија за модерна ЕУ. Но, ако за неа не може да ги освои срцата на истокот на Европа, ќе остане само германски сонувач.