1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
СпортФранција

Олимпијада 2024: Новак Ѓоковиќ си подигна споменик

Андреас Штен-Цимонс
5 август 2024

По четири безуспешни обиди да освои злато на Олимписките игри, српскиот вонсериски тенисер Ѓоковиќ конечно дојде до целта. Неговата реакција е за него невообичаено емоционална.

https://p.dw.com/p/4j7hN
Олимписки триумф на Новак Ѓоковиќ 2024 Париз
Олимписки триумф на Новак ЃоковиќФотографија: Alexander Shcherbak/TASS/dpa/picture alliance

Новак Ѓоковиќ не можеше да ги сопре солзите кога падна на колена на црвената глина и потоа на трибината ја прегрна ќерка си Тара и останатите од неговата фамилија. Две децении Србинот се трудеше да дојде до титулата олимписки победник, единствениот успех кој му недостигаше во импресивниот животен пат. „Мојата сложувалка во кариерата сега е комплетна“, рече Ѓоковиќ по успехот во финалето. „Преблагодарен сум за благословот што го освоив ова историски злато за мојата држава и што го комплетирав 'златниот слем'“, изјави тој.

Неговиот противник во финалето, Карлос Алкараз не му го олесни патот до таму. Ѓоковиќ на два пати во тајбрејк мораше сетовите да ги одлучи за себе. На крајот по 2:50 часови резултатот гласеше  7:6 (7:3), 7:6 (7:2) за Ѓоковиќ.

Две децении чекање

24 освоени титули на најважните тениски турнири, гренд слемовите во Мелбурн, Париз, Вимблдон и Њујорк. Ѓоковиќ го држи рекордот меѓу мажите, меѓу жените само Австралијката Маргарет Корт има освоено 24 турнири, но на Олимписките игри до сега едноставно не му успеваше да дојде до големиот успех. Во 2008 во Пекинг на првото учество Ѓоковиќ освои бронза. Во 2012 година изгуби во полуфиналето, како и во мечот за бронза. Во 2016 во Рио испадна уште во првиот круг, а во 2021 во Токио во полуфиналето изгуби од подоцнежниот победник Зверев и изгуби во мечот за бронза.

Олимпијадата во Париз - злато за Новак Ѓоковиќ
Злато на Олимпијадата во Париз по долго чекање - Новак ЃоковиќФотографија: Marijan Murat/dpa/picture alliance

 

„Речиси две децении чекав на оваа шанса", изјави во Париз во пресрет на финалето. Колку бил голем притисокот кај 37-годишниот тенисер кој за четири години во Лос Анџелес мошне веројатно веќе нема да настапува, се покажа откако победи во мечот за златен медал. Расплаканиот Ѓоковиќ си го криеше лицето во пешкирот на клупата. Детето покрај него речиси збунето чекаше тој да се смири за да му го подаде српското знаме. Ѓоковиќ во неговата досегашна кариера не беше едноставен професионалец и често ги поларизираше фановите на тенисот. Често беше карактеризиран како арогантен, а се случуваше и да го „празнува“ моментот кога цела арена го поддржуваше неговиот противник оти си се допаѓаше во улогата тој против сите.

Не е едноставен карактер

И соработката со професионалецот не секогаш беше едноставна, како што на своја кожа почувствува и Борис Бекер. Тој го тренираше Ѓоковиќ од почетокот на 2014 година и со него тенисерот освои шест гренд слем титули за три години. И покрај тоа во 2016 година дојде до неочекувана разделба меѓу Ѓоковиќ и Бекер – и целиот тренерски штаб. Наместо него, Ѓоковиќ се врза со поранешниот тениски професионалец и тренер за ментална сила Пепе Имаз, еден вид гуру, кој се концентрира на спиритуална сила и моќта на љубовта. Следуваше најмалку успешната фаза во кариерата на Ѓоковиќ.

 Борис Бекер и Новак Ѓоковиќ
Три години успешен дует - Борис Бекер и Новак Ѓоковиќ Фотографија: Ben Curtis/AP/picture alliance

За време на пандемијата со корона Ѓоковиќ исто така на негативен начин привлекуваше внимание. Во времиња кога луѓето со изолација и обврска за носење маска се обидуваа да спречат ширење на вирусот, Ѓоковиќ од јуни до јули 2020 во Србија организираше серија турнири под името „Адрија“, кај кои не важеа правилата за корона. Многумина од учесниците се заразија, меѓу нив и Ѓоковиќ.

Испадот со корона во Австралија

Србинот отворено призна дека не е вакциниран и пролетта 2020 година рече дека „лично сум против вакцини и не сакам да бидам присилуван од некого да се вакцинирам само за да може да патувам". Една и половина година подоцна кога невакциниран, ама прележан сакаше да настапи со специјална дозвола на Австралија опен 2022, заради погрешни наводи во формуларот за неодамнешна зараза министерот за доселување на Австралија Алекс Хок му забрани влез во земјата. Врховниот суд ја потврди одлуката и Ѓоковиќ мораше да си замине. Тој се најде во фокусот на критиките на заговорниците на вакцинација. Ѓоковиќ сакаше од секогаш само да го сакаат, но со борбата да ја постигне таа цел често пати го постигнуваше само спротивното.

Новак Ѓоковиќ
Новак Ѓоковиќ не ги освојуваше секогаш симпатиите на публиката Фотографија: WILLIAM WEST/AFP

Дури во последните неколку години очигледно разбра дека не може да се изнуди таквата љубов и од тогаш се чини дека фановите многу полесно му се даваат со цело срце. Така се случи и по поразот во финалето против Алкараз на Вимблдон, кога неговиот говор беше проследен со многу аплауз од публиката. Така и сега на Олимпијадата во Париз, кога публиката која на многуте негови настапи на Френч опен не секогаш беше на неговата страна, сега во живо можеше да посведочи како цврстиот оклоп на Србинот пукна и тој обземен од емоциите се распрсна во солзи.

Толку ли беше?

Сега Ѓоковиќ е петтиот професионален тенисер кој во неговата кариера ги освоил сите четири гренд слемови и финалето на Олимписките игри. Пред него Андре Агаси, Рафаел Надал, Штефи Граф и Серена Вилијамс успеаја во истото, само на Граф таквиот „голден слем" во 1988 ѝ успеа во една година. И што понатаму?

„Некои од членовите на мојот тим имаа такви навестувања и прашуваа дали сега е крај?", призна Ѓоковиќ по финалето низ насмевка. „Искрено да ви кажам, не знам. Сега прво сакам да прославам и потоа ќе размислувам за иднината“, рече Ноле.