ОН бараат Русија да се повлече од Украина
24 февруари 2023На вонредната седница на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, со големо мнозинство гласови е прифатена резолуцијата со која од Русија се бара „итно, целосно и безусловно“ повлекување од Украина и постигнување „праведен и траен“ мир.
За резолуцијата гласаа 141 од вкупно 193 земји членки. Против беа Русија, Белорусија, Северна Кореја, Еритреја, Мали, Никарагва и Сирија. Низа држави беа воздржани, меѓу нив и Кина и Индија.
„Изолирана како пред една година“
Пред гласањето, германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок ја повика меѓународната заедница да работи заедно за да се стави крај на војната. „Денес секој од нас треба да донесе одлука: да биде изолиран заедно со угнетувачот - или да застане заедно за мир“, рече Бербок. „Ако Русија престане да се бори, оваа војна ќе заврши. Ако Украина престане да се бори, тоа ќе биде крај на Украина“, нагласи таа.
Бербок оцени дека резултатот од гласањето е важен сигнал. Тоа покажува дека „со својата воена политика, Русија е исто толку изолирана како и пред една година“. „Заедно стоиме против кршењето на меѓународното право“, потенцираше шефицата на германската дипломатија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја поздрави резолуцијата на Генералното собрание на ОН како „силно сведоштво за солидарноста на светската заедница со народот на Украина“. Гласањето е „моќен израз“ на светската поддршка за украинската мировна формула, која, меѓу другото, предвидува целосно повлекување на Русија од Украина, исплата на репарации и правно гонење на одговорните за агресивната војна кои седат во Москва.
Одлуки со политичка тежина
Од почетокот на војната, на 24 февруари 2022 година, Генералното собрание на ОН постојано ја критикуваше Русија за нејзините постапки. На итна седница само неколку дена по почетокот на инвазијата, 141 држава гласаа за резолуција со која се осудува руската „агресија врз Украина“.
За разлика од Советот за безбедност на ОН, Генералното собрание може да донесува одлуки со мнозинство. Тие не се обврзувачки, но имаат политичка тежина. Во Советот за безбедност, пак, секоја од петте постојани членки - САД, Кина, Франција, Велика Британија и Русија - може спречуваат одлуки со своето право на вето.