Tајните служби и руското влијание во Бугарија
7 ноември 2022Дури и 30 години по падот на комунизмот, моќта на поранешната сеприсутна служба за државна безбедност „ДС - Државна безбедност“ во Бугарија и натаму е силна. Нејзините поранешни вработени се на влијателни позиции во политиката, бизнисот и во науката, и вредно се вклучени во политиката на оваа земја членка на ЕУ. И тоа покрај фактот дека Владата ги отвори архивите на државната безбедност кога влезе во ЕУ пред 15 години и воведе задолжително испитување на кандидатите за сите избрани и поставени функционери.
Екатарина Бончева, која парламентот ја избра во 2007 година за членка на Комисијата КОМДОС, одговорна за архивите и прегледите, за ДВ објаснува: „Направивме архива од 16 километри досиеја која е достапна за јавноста. Дадовме докази оти целата државна безбедност била брутална политичка полиција. И се погриживме да запре задкулисната политика и уцените за доверливите досиеја.“
Сепак, како што вели видно фрустираната Бончева, малку работи се промениле. Поранешните службеници во тајните служби сѐ уште - со руска помош - влијаат на политката и на општеството во Бугарија. „Тие никогаш не служеле на националната безбедност на Бугарија, туку само на комунистичкиот режим и на КГБ“, вели таа. Навистина, во 1972 година тогашниот министер за внатрешни работи Димитар Стојанов со гордост ја опиша бугарската ДС како „регионална гранка на КГБ“. Поради тоа мрежата на поранешни агенти, кои и натаму се активни, и денес претставуваат проблем за лојалноста кон Бугарија.
Недоверба во тајните служби
Тоа стана јасно неодамна со рускиот напада на Украина, кој службите не го предвидоа. Според добро известени извори од владините кругови во Софија, сите нивни анализи и предвидувања биле насочени кон тогашна Русија. Како резултат на тоа, рускиот потенцијал беше целосно преценет. Од друга страна, украинската волја да се брани и способноста на украинската војска не се земени предвид, што доведе до погрешни проценки. Во февруари 2022 година пратениците на тогашните владини фракции повикаа на истрага за тоа дали службите намерно ја измамиле владата.
„Прикриеното влијание на Русија се чувствува секаде во нашите служби за безбедност“, вели Христо Иванов, пратеник во парламентот и копретседател на партискиот сојуз „Демократска Бугарија“. Ова може да биде и причината зошто тајните служби ја заобиколиле законски пропишаната инспекција на својот персонал од страна на КОМДОС. За оние вработени за кои испраќале податоци во КОМДОС; се покажало оти половината од нив веќе шпионирале за комунистичката државна безбедност, а често поминувале и спрецијална обука во Москва.
Шпиони и генерали
Исто како Илија Илиев, кој бил на чело на тајниот шпионски синџир, од 1980-тите години работел за тогашната советска, а сега руска воена разузнавачка служба ГРУ, која, исто така, го обучувала. Видео снимките и прислушуваните разговори покажуваат дека со години, заедно со други службеници од тајните служби, Министерството за одбрана и од парламентот, на високи офицери во руската амбасада им продавал строго доверливи документи во врска со НАТО.
Или како Валентин Занков, резервен генерал кој беше уапсен во март 2022 година, само неколку недели по рускиот напад на Украина. Обвинението: шпионажа за Русија. Од 1982 година Занков работел за извидувачката служба во Генералштабот, а, исто така, поминал обука во Москва. Но, тоа не ѝ наштетило на неговата кариера во посткомунистичка Бугарија. Стигнал до шеф на одделение во Министерството за одбрана и дури станал воен аташе во Лондон и во Вашингтон. Според обвинението, Занков предавал тајни документи на политичкиот секретар во руската амбасада во Софија. Тој го критикувал отворањето на комунистичките архиви и предупредувал на наводни напади на НАТО на Русија.
Недовербата во војската и во безбедносните служби поради тоа е длабоко вкоренето во бугарското општество и во политиката. „Причини за тоа се отсуството на реформи и фактот што не се отпуштани вработените кои се инкриминирани“, смета Христо Иванов. Ова им дало можност на старите кадри да го пренесат своето размислување и менталитет на наредната генерација.
Национализам и надворешна политика
Старите кадри на ДС, исто така, со децении биле активни во бугарската надворешна политика и претставуваат порта за руското влијание. Уште во 2010 година, со прегледот на наворешнополитичката елита од страна на Комисијата КОМДОС се дошоло до шокантен заклучок: 201 од 593 високи функционери и 205 од 467 амбасадори порано работеле во комунистичката тајна служба.
А како овие мрежи влијаат на бугарската надворешна политика и така ги промовираат руските интереси покажува историскиот и идентитетски спор со Северна Македонија. Зад бугарската блокада за пристапување на С. Македонија во ЕУ не стојат само старите мрежи од ДС во Министерството за надворешни работи и во кругот на советници на претседателот Румен Радев. Бугарските националистички партии, кои постојано поттикнуваат конфликт, „се полни со стари кадри од службите за државна безбедност и служат на руските стратешки интереси на Балканот во конфликтот со Северна Македонија“, вели Екатарина Бончева.
Пратеничката Бончева затоа инсистира на значењето на Комисијата КОМДОС и нејзината работа за разјаснување. „Изградивме стабила институција и ѝ покажавме на јавноста кој имал врски со ДС. Ова разоткривање мора да продолжи, бидејќи е неопходна промена на менталитетот на политичките елити!“