„Орбан е учител на Вучиќ“
17 јануари 2023Кога Косово на средината од декември симболично поднесе барање за кандидатура за ЕУ, не реагираше ниту една од петте земји-членки кои не го имаат признато Косово. Реагираше Унгарија, потсетува Ноје цирхер цајтунг.
Шефот на тамошната дипломатија, Петер Сијарто, рече дека брзањето со Косово може да го попречи компромисното решение меѓу Приштина и Белград и дека Будимпешта, доколку е потребно, ќе стави вето.
„Многу понаклонет е ставот на Унгарија кон српските европски амбиции“, оценува Ноје цирхер цајтунг.
„Премиерот Орбан најрадо би сакал веднаш да ја види таа земја како членка на ЕУ. Во тоа го поддржува и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји. Тој Орбанов сонародник и негов близок човек во своите извештаи упадливо великодушно ги оценува српските реформски напори“, додава весникот.
Како што се оценува, Белград и Будимпешта со текот на годините имаат сѐ подобри односи, а војната во Украина од Виктор Орбан и Александар Вучиќ направи вистински сојузници.
„Тоа пријателство не почива на традиционално добри односи, напротив“, пишува весникот, потсетувајќи на расплетот на Првата светска војна, кога Војводина ѝ припадна на Србија, како и на унгарските фашистички масакри врз Србите и Евреите за време на Втората светска војна.
Денес, повеќето Унгарци од Војводина имаат двојно државјанство и нивните здруженија добиваат големи субвенции од Будимпешта. „Тоа не му пречи на Белград. Затоа што заедно со тоа доаѓа и пораката на Орбан до Унгарците од Војводина да ја поддржат Српската напредна партија на Вучиќ. Вучиќ во септември го прикачи Орденот за заслуги на градите на својот пријател Орбан“.
Според авторот на текстот, Андреас Ернст, порано долгогодишен дописник од Белград, зад никогаш подобрите односи се крие слична позиција што двете земји ја имаат кон Москва.
„Тие се обидуваат да спасат што е можно повеќе од профитабилниот однос со Москва, но на таков начин да не ги нарушат целосно односите со ЕУ. Тоа одење по јаже е значително потешко за Унгаријакако членка на ЕУ, отколку за Србија како кандидат со неизвесни шанси за влез во Унијата“, додава Ернст.
„Но, она што ги прави Орбан и Вучиќ вистински политички пријатели е системот на владеење: Орбан го нарекува илиберална демократија, политиколозите зборуваат за компетитивен авторитаризам. Во ова Орбан му е учител на Вучиќ. А, тој со одреден успех почна да го копира унгарскиот систем“, оценува швајцарскиот весник.
Се додава дека демократските дефицити во поранешните социјалистички земји долго време се гледани како „детска болест“ што може да се надмине со помош на ЕУ и реформи. „Но, примерот на Унгарија покажува дека овие дефицити може да бидат и посакувани: дека токму тие се системот.“
Во Унгарија и Србија редовно се организираат избори, но државниот апарат се грижи трката да биде речиси однапред решена.
„Јавната администрација работи директно во корист на владејачката партија и е дел од нејзината клиентела. Правосудството како коректив во голема мера не постои. Извршната власт се меша во медиумскиот систем со доделување на фреквенции и кофинансирање, сѐ додека мнозинството медиуми не го пренесува само владиниот став. И тука Вучиќ учеше од Орбан“, додава швајцарскиот весник.
„Орбановиот Фидес и Вучиќевата СНС се исто така идеолошки роднини. Тие тврдат дека нивните нации се загрозени од западните светогледи кои го поткопуваат традиционалното семејство со родови идеологии и хомосексуални бракови. Кон тоа, повеќе во Унгарија отколку во Србија, треба да се додаде и силното отфрлање на имиграцијата“, наведува Ернст.
Како што пишува, перцепцијата во двете земји дека се „жртви на историјата“ и „морално супериорни во однос на декадентниот Запад“ ги поврзува со начинот на размислување на Путин.
Унгарија и Србија официјално ја осудуваат руската агресија, но не се поддржувачи на санкции, пишува весникот. Унгарија како членка на Унијата, мора да ги спроведе, но со бројни исклучоци.
„Постојат цврсти аргументи за таа алијанса. Двете земји се многу зависни од руските енергенси“, додава циришкиот весник. „Тие тесно соработуваат за да ја зголемат безбедноста на снабдувањето. Со тоа, според унгарски извори, обемот на трговската размена лани се зголемил за 75 отсто“.
Се потсетува дека Унгарија добива руски гас преку Србија и таканаречениот Турски тек и дека се планира продолжување на нафтоводот Дружба од Унгарија до Србија. Во исто време, „Вучиќ не сака да игра исклучиво на руската карта“, па се надева на диверзификација на изворите на енергија.
Весникот заклучува дека тандемот Унгарија и Србија е единствен во Европа според проруската надворешна политика и илибералниот модел на владеење.
„Дали ќе остане вака или ќе се најдат имитатори на други места на Балканот и во Источна и Централна Европа, зависи од тоа колку успешно ЕУ ќе ги збие редовите кон Москва. Одлучувачка улога ќе има времетраењето и исходот на војната во Украина“, заклучува Ноје цирхер цајтунг.