Оскар 2023: Девет номинации за филмот „На Запад ништо ново“
25 јануари 2023Филмската академија во Лос Анџелес ги објави номинациите за годинешните награди Оскар. Научно фантастичниот филм „Се` во исто време“ (Everything Everywhere All at Once) на Ден Кван и Даниел Шајнерт со вкупно единаесет номинации е можеби најсилен кандидат за Оскар. Во најважната категорија, Оскар за најдобар филм, се натпреваруваат и делата: „На Запад ништо ново“, „Аватар: Патот на водата“, „Духови на островот“, „Елвис“, „Фабелманови“, „Тар“, „Топ ган: Маверик“, „Триаголник на тагата“ и „Жени зборуваат“.
Германската антивоена драма „На Запад ништо ново“, продукција на Нетфликс во режија на Едвард Бергер, е номинирана за дури девет Оскари меѓу кои и за најдобар филм и за најдобар меѓународен филм, најдобра камера и најдобро адаптирано сценарио.
И ирската трагикомедија „Духови на островот“ е номинирана во девет категории, филмот „Елвис“ во осум, а филмот на Стивен Спилберг „Фабелманови“ во седум категории.
Во конкуренција за најдобра режија се Тод Филд („Тар“), Дан Кван и Даниел Шајнерт („Се` во исто време“), Мартин Мекдона („Духови на островот“), Рубен Естлунд („Триаголник на тагата“) и Стивен Спилберг („Фабелманови“).
На златниот трофеј можат да се надеваат и Кејт Бланшет, Ана де Армас,
Мишел Јео, Мишел Вилијамс и Андреа Рајзборо, номинирани во категоријата за најдобра актерка, како и Остин Батлер, Колин Фарел, Брендан Фрејзер, Пол Мескал и Бил Наји во категоријата најдобар актер.
Свеченото доделување на Оскарите е закажано за 12 март во Лос Анџелес.