1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаБразил

„Oтпишаните” живеат подолго: Кој е Лула да Силва?

Кристијан Вајс
1 ноември 2022

За социјалдемократите во Бразил тој е икона. Лула Да Силва со земјата владееше осум години и ѝ даде нова самоувереност. Пресуда за корупција го спречи да се кандидира во 2018 година. „Лула” сега повторно е претседател.

https://p.dw.com/p/4ItO9
Луиз Инасио Лула да Силва по соопштувањето на резултатите од изборите
Луиз Инасио Лула да Силва по соопштувањето на резултатите од изборитеФотографија: Lincon Zarbietti/dpa/picture alliance

Поради корупција, во затвор помина 580 дена. Сега по третпат е претседател на Бразил. Луиз Инасио Лула Да Силва, или како што народот го нарекува „Лула”, по пресудата важеше за политички мртов. Потоа Врховниот суд на Бразил ја поништи пресудата поради формални недостатоци и Лула го започна својот неверојатен камбек.

Од сиромав до основач на партија

Не е првпат човекот кој потекнува од мало гратче во сојузната држава Пернамбуко, на сиромашниот североисток на земјата, да се ослободи од мизерните услови и да се пробие нагоре. Роден е на 27 октомври 1945 година, како седмо од осум деца во сиромашно земјоделско семејство. На седумгодишна возраст, заедно со мајка му и другите браќа и сестри, допатувал во метрополата Сан Паоло во товарниот дел од едно камионче. Таткото веќе бил преселен за да ѝ овозможи на фамилијата подобар живот.

Но, тоа не било доволно. Лула многу рано морал и самиот да придонесува за примањата на семејството и затоа само неколку години одел на училиште. Потоа, обука за металец го довела во контакт со синдикалното движење во кое Лула успеал да се етаблира како водечка личност. Во 1980 година - среде десничарската воена диктатура - тој и неговите истомисленици го искористија незадоволството на синдикатите и разни други социјални групи и ја основаа Работничката партија (ПТ).

Златни времиња како претседател

По ре-демократизацијата на Бразил, од 1985 година, Лула да Силва трипати безуспешно се кандидира за претседателското место. Дури на изборите во 2002 годин му успеа да седне во фотелјата во претседателската палата. Во осумте години како прв човек на државата тој остави впечатливо политичко наследство за кое и неговите противници му оддаваат признание.

Со вешта надворешна политика тој го приближи Бразил до другите латиноамерикански држави и во рамки на групацијата БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република) на земјата ѝ даде глобална тежина. Во 2004 година, Бразил заедно со Германија, Јапонија и Индија ја формираше т.н. Г4, група земји кои се стремат кон постојано членство во Советот за безбедност на ОН.

Но, Лула пред сѐ им влеа нова самодоверба на Бразилците и им го истера „комплексот на уличари” кој си го припишуваа себеси и на својата земја со децении.

Економски подем за милиони луѓе

Најпознат веројатно стана по своите социјални програми. Со „Болса фамилија” (во превод семејна каса), која социјалната помош за сиромашни семејства ја поврзуваше со обврската децата да го посетуваат училиштето, како и со други програми за време на неговите два мандати, околу 20 милиони лица направија скок од долната во средната класа. Тоа беше поддржано од неспоредливиот раст на концернот за минерални масла Петробрас, кој делумно е во државна сопственост, а кој откри нови наоѓалишта со нафта и иновативни техники за добивање на истата.

Рафинеријата Петробрас во Кубатан
Рафинеријата Петробрас во КубатанФотографија: Nelson Almeida/AFP

Светската економска криза во 2008 година помалку го погоди Бразил од другите земји во околината, бидејќи земјата и натаму економски беше прилично изолирана. Во 2010 година брутодомашниот производ на земјата порасна за 7,5%, што според Светска банка е најсилен скок во Бразил од 1986 година.

Работничката партија и натаму моќна

Годините на еуфорија кулминираа во 2014 година, кога земјата стана домаќин на Светското првенство во фудбал и беше избрана и како домаќин на Летните олимписки игри во 2016 година.

Социјалната политика, процветаната економија и харизмата му донесоа голема доверба на Лула, која одеше и до 87 проценти. Тој беше толку омилен што на изборите во 2010 година, на кои поради уставни ограничувања беше невозможно да се кандидира, беше пресуден фактор за да победи неговата бледа наследничка Дилма Русеф.

Долгите сенки на успехот

Темните страни на владеењето на Лула долго време не можеа да му нанесат штета. Уште во јуни 2005 година излезе на виделина дека членови на владата на месечно ниво префрлале пари на пратеници за да купат парламентарни мнозинства. Расветлувањето на скандалот „Менсалао” резултираше со затворски казни за многу звучни имиња од политиката. На Лула никогаш не можеше да му се докаже дури ни дека бил информиран за случувањата. Процесот и онака се влечкаше со години.

Во 2012 година Жозе Дирсеу, шефот на кабинет на Лула, беше осуден како мозок на натпартиската мрежа за поткуп. Лула во тоа време беше веќе повлечен од сцената, меѓу другото и заради тоа што во 2011 година заболе од канцер на грлото, кој подоцна му беше излечен.

Лула да Силва и Дилма Русеф заедно во кампањата за изборите во Бразил
Лула да Силва и Дилма Русеф заедно во кампањата за изборите во БразилФотографија: Ricardo Moraes/REUTERS

Пречки, скандали и загуба на власта

Падот на неговата партија започна во 2013 година. Растечкото незадоволство од економската криза и дилемите што големи делови од населението ги имаа во врска со бенефитите од претстојните големи настани (Светското првенство и Олимпијадата) тогаш резултираа во протести, делумно и насилни, ширум цела држава.

Речиси една година подоцна, во март 2014-тата, со „Операцијата чистење” започна најголемиот процес за корупција во историјата на земјата. Тогаш се разоткри мрежа од глобални размери на институционализирана проневера и перење пари поврзани со концернот Петробрас, а во средиштето на сето тоа беше Работничката и други партии.

На изборите во октомври 2014 година населението се покажа поделено како никогаш претходно во изминатите децении. Русеф беше реизбрана со само 3,3 проценти предност, но корупцискиот скандал доведе до пад на Работничката партија и до симнување од власт на Русеф во 2016 година.

Политичка смрт преку пресуда

Во 2017 година Лула повторно влезе во предизборна кампања за претседателските избори закажани за крајот на 2018 година. Но, тој беше еден од ко-обвинетите во истрагата. Нему му се префрлаше дека реновирал луксузен стан како противуслуга за лукративни тендери на Петробрас за градежната фирма ОАС. Лула постојано нагласуваше дека е невин и процесот го означуваше како политички лов на вештерки кој треба само да послужи за да ја спречи неговата кандидатура.

Ништо не му беше од помош. Екс-претседателот беше прогласен за виновен и осуден на 12 години и еден месец затворска казна. Кога на 7. април 2018 година започна со отслужување на казната и натаму водеше во анкетите. Но, овојпат неговиот сјај не беше доволен за да обезбеди победа на заменик-кандидатот, поранешниот гувернер на Сан Паоло, Фернандо Хадад.

Приврзаници на Лула на собир по повод Денот на трудот
Приврзаници на Лула на собир по повод Денот на трудот (архивска фотографија)Фотографија: Andre Penner/dpa/picture alliance

Триумфално враќање на власт

Додека десниот популист Жаир Болсонаро беше на претседателската функција, Лула и натаму преземаше правни чекори. До ноември 2019 година, односно сѐ до искористување на сите правни средтсва, екс-претседателот смееше да остане на слобода. Потоа, во април 2021 година, Врховниот суд ја поништи пресудата поради тоа што судот во Куритиба, кој го водеше процесот, не бил надлежен.

Со тоа на Лула Да Силва му се вратија сите политички права кои веднаш почна да ги користи, па се кандидираше и за претседателските избори во 2022 година. Но, поради вмешаноста во корупциски афери, тој веќе не е големиот консензуален претседател како на времето. Многумина веројатно гласале за него бидејќи од почеток важеше за кандидат кој има најмногу изгледи да го порази Болсонаро, односно го избрале - така да се каже - помалото зло.