1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Отворање на преговорите – нова европска епоха за БиХ

Самир Хусеиновиќ
22 март 2024

Отворање на пристапните преговори со ЕУ е голема шанса, но и обврска за БиХ, порачуваат политичарите и аналитичарите, напоменувајќи дека сега пред БиХ стои многу работа.

https://p.dw.com/p/4e0fS
Сараево, БиХ
Позитивни реакции во БиХ по одлуката на Европскиот совет за отворање на пристапните преговори на БиХ со ЕУФотографија: Eldar Emric/AP Photo/picture alliance

Европскиот совет го одобри отворањето на пристапните преговори со Босна и Херцеговина (БиХ) и ова е одлична вест за оваа земја - според тврдењата на многу официјални лица, одлуката е „историска“. Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, на платформата Х напиша дека на земјата „местото ѝ во европското семејство“ и дека одлуката е „клучен чекор напред“ на патот на БиХ кон ЕУ.

Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, на прес-конференцијата по првиот ден од самитот во Брисел, ја поздрави „историската“ одлука за отворање на  пристапните преговори со Босна и Херцеговина -  „земја која презеде импресивни чекори кон ЕУ“.

Задоволни политички лидери

„Историската одлука“ од Брисел ја дочекаа со оптимизам политичките претставници во Босна и Херцеговина, вклучително и членовите на Државното претседателство. Претседавачот со Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ, смета дека со оваа одлука започнува „нов и посеопфатен“ процес на соработка со ЕУ. „Сега, кога ја отворивме вратата кон полноправно членство во ЕУ, мора уште поинтензивно да продолжиме со реформските процеси. (...) Ова е заедничка победа на Босна и Херцеговина и ЕУ“, рече Беќировиќ. Членот на Претседателството Жељко Комшиќ вели дека одлуката е „одлична вест“. „Свесни сме дека ни претстои огромна работа и дека повеќе нема да има отстапки и криење зад актуелната геополитичка ситуација на европскиот континент“, додаде Комшиќ.

И претседателот на Република Српска (РС), Милорад Додик, ја поздрави одлуката. „Таа одлука е признание за сите граѓани и политички сили кои упорно се залагаат за зајакнување на меѓусебното почитување, договори и компромиси меѓу Србите, Бошњаците и Хрватите“, напиша Додик на платформата X. Тој додаде дека „ставот на Европскиот совет дека Дејтонската БиХ, со два рамноправни ентитети и три рамноправни конститутивни народи, може да биде членка на ЕУ, покажува дека внатрешната структура на БиХ не е пречка“.

ХДЗ, Тројката и СДА

Претседателот на Хрватската демократска заедница на Босна и Херцеговина, Драган Човиќ, им се заблагодари на „сите европски лидери“, особено на премиерот на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ и на претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто. Како што напиша на неговиот профил на платформата Х, одлуката на ЕВ е „историска“. Партиите од „Тројката“ (Народ и правда, Социјалдемократска партија на БиХ и Нашата партија) во заедничка изјава го поздравија отворањето на пристапните преговори на БиХ со ЕУ. „Тоа е една од најзначајните политички одлуки за иднината на нашите граѓани од осамостојувањето“, се вели во соопштението, во кое се истакнува дека токму „Тројката“ е политичката сила што „ја понесе тежината на донесувањето на оваа одлука на свој грб. "

Самит на ЕУ во Брисел
Лидерите на самитот на ЕУ во Брисел донесоа историска одлука за БиХФотографија: Yves Herman/REUTERS

Партијата за демократска акција (СДА) ја пофали одлуката, нагласувајќи дека влегувањето во нова фаза од европската интеграција ја обврзува БиХ да работи поконкретно на исполнување на преостанатите приоритети од Извештајот на Европската комисија. СДА смета дека „зеленото светло“ за БиХ е последица на геополитичките околности и дека натамошниот напредок на европскиот пат мора да се заснова на конкретни резултати. „Треба да бидеме свесни дека одлуката е, пред сè,  резултат на геополитичката ситуација и потребата да се спречи влијанието на Русија во овие области“, изјави за ДВ функционерот на СДА Шериф Шпаго.

Поддршка од соседите од регионот

Во овој процес БиХ имаше поддршка од голем број членки на ЕУ, вклучувајќи ја и Република Хрватска. Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ сега очекува „нов ентузијазам“ од политичките актери во БиХ. Тој посочува дека ова е „голем ден за Босна и Херцеговина“, истакнувајќи дека политичките актери во оваа земја сега треба да се фокусираат на Законот за судови и на Изборниот закон. Хрватскиот премиер, исто така, ја гледа одлуката на Европскиот совет како поттик за сите во БиХ да се договорат за „рамноправноста“ на изборот на хрватските политички претставници, на таков начин што Хрватите ќе бидат претставени со „легитимни“ претставници. „Ова е голема геополитичка, стратешка порака од ЕУ до сите народи, лидери, институции, политички партии во БиХ, но и шанса за стабилност и развој на БиХ“, вели Пленковиќ.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ очекува „нов ентузијазам“ од политичките актери во БиХФотографија: Alex Nicodim/IMAGO

„Голем ден за  Босна и Херцеговина – зелено светло за отворање на пристапните преговори“, пишува министерката за надворешни работи на Република Словенија, Тања Фајон, на платформата Х. „Горда сум на мојата земја, која во 2022 година предложи на БиХ да ѝ се додели кандидатски статус. Исто така, горда сум на луѓето во БиХ кои заслужуваат подобар живот во семејството на ЕУ“, вели Тања Фајон. И шефот на Делегацијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, Јохан Сатлер, им го честиташе на граѓаните отворањето на преговорите со ЕУ. „Многу сум среќен за оваа прекрасна земја и за сите вас, и морам да кажам за мене лично ова е момент кој ќе го паметам засекогаш“, рече Сатлер.

Што понатаму?

Покрај одлуката за одобрување на отворањето на пристапните преговори БиХ-ЕУ, Европскиот совет ја повикува Европската комисија да подготви преговарачка рамка за БиХ која би била усвоена кога ќе се преземат сите релевантни чекори наведени во препораката на Комисијата од 12 октомври 2022 година. Министерот за врски и транспорт на БиХ, Един Форто, вели дека „нема замки“ во текстот на одлуката. „Од нас се очекува да го сториме истото како и досега - итно треба да го усвоиме Законот за судови бидејќи тој ќе го отклучи следниот чекор за нас“, рече Форто за Klix.ba, истакнувајќи дека на Босна и Херцеговина и треба „План за раст“ за да да отклучат две милијарди евра кои се наменети за таа земја. Тој објаснува дека датумот на преговорите не е прецизиран, но дека по „скринингот“ (анализа на усогласеноста на законодавството на земјата кандидат со правото на ЕУ) од страна на ЕК, почетокот на преговорите БиХ-ЕУ „е можен ова лето“.

Аналитичарот на Европската иницијатива за стабилност со седиште во Берлин, Аднан Ќеримагиќ, за ДВ изјави дека во БиХ во последните неколку месеци владеела „ретко видена динамика“. „Властите се обидоа да испорачаат што е можно повеќе до ЕУ, со критики од опозицијата дека тоа не е доволно, додека ЕУ конечно изврши одредено влијание врз  политичките процеси во Босна и Херцеговина“,  вели Ќеримагиќ. Се покажа, вели тој, дека ЕУ сè уште може да има влијание во Босна и Херцеговина и дека може да ѝ помогне на таа земја доколку целите се јасно дефинирани.

Старите предизвици остануваат

„Меѓутоа, најголемите предизвици на БиХ не се решени преку овој процес, а тоа се нападите врз институционалната и уставната рамка на БиХ и слободата на медиумите во РС, како и социо-економската заостанатост и изолација во однос на ЕУ- членките“, вели соговорникот на ДВ. За граѓаните да ги почувствуваат позитивните последици од приближувањето на БиХ кон ЕУ, треба да се забрза постојната динамика, што нема да се случи доколку отворањето на преговорите со БиХ заврши во „ќорсокак“. „А токму таму завршија преговорите со Албанија, Црна Гора, Северна Македонија и Србија“, предупредува Ќеримагиќ.

БиХ аплицираше за членство во ЕУ во 2016 година, а со одлука на ЕУ на самитот во Брисел во 2022 година, оваа земја официјално доби кандидатски статус. По делумно исполнување на барањата од Мислењето на ЕК (усвојување на неколку „европски закони“), Комисијата официјално препорача отворање на пристапните преговори меѓу ЕУ и Босна и Херцеговина на 12 март 2024 година.