1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Во Појасот Газа влегува хуманитарна помош

ЖА
21 октомври 2023

Две недели по почетокот на војната меѓу Израел и радикалниот исламистички Хамас, во Појасот Газа пристигнаа првите испораки на хуманитарна помош за цивилното население.

https://p.dw.com/p/4XqNQ
Египет: Пратки со хуманитарна помош за Појасот Газа на граничниот премин Рафах
Египет: Пратки со хуманитарна помош за Појасот Газа на граничниот премин Рафах Фотографија: Mohammed Asad/AP Photo/picture alliance

20 камиони на египетската Црвена полумесечина, натоварени главно со вода, лекови и медицински материјал, денеска (сабота) поминале низ граничниот премин Рафах, потврди новинар од новинската агенција АФП. Безбедносните кругови и претставници на египетската Црвена полумесечина го потврдија почетокот на испораката на помош.

Египетската државна телевизија прикажа неколку камиони кои минуваат низ граничниот премин во Рафах. Како што јави друг новинар на АФП, 36 празни камиони го минале граничниот премин од палестинската страна кон Египет, каде што требало да бидат натоварени со дополнителна помош. Колку долго ќе остане  отворен граничниот премин Рафах за влез на хуманитарна помош, засега е нејасно. Тој се смета за единствен пат преку кој на населението во Газа може да му се достави итно потребната помош. На египетската страна пред преминот се наоѓаат 170 натоварени камиони, кои се во состојба на „стенд бај“, како што изјави портпаролката на Светската здравствена организација во Каиро.

Хуманитарна помош Појас Газа Рафах
Во Појасот Газа пристигна првата хуманитарна помош по почетокот на војната меѓу радикално-исламистичкиот Хамас и ИзраелФотографија: Ibraheem Abu Mustafa/REUTERS

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш во петокот го посети граничниот премин Рафах, инсистирајќи на што побрз влез на камионите со хуманитарна помош. Два милиони луѓе во Појасот Газа трпат енормни страдања, зашто немаат вода, храна и лекови, рече тој: „Овие камиони ја прават разликата меѓу живот и смрт за толку многу луѓе во Појасот Газа."

Борба за леб и вода во Појасот Газа

Отворањето на границата за испорака на хуманитарна помош беше посредувано од американскиот претседател Џо Бајден. Израел, кој целосно го затвори Појасот Газа по големиот терористички напад на Хамас, се согласи првично да им биде дозволено на 20 камиони да влезат  во Појасот Газа,  но под услов помошта да се дистрибуира само до цивилите на југот на палестинската територија и не смее да падне во рацете на радикалниот исламистички Хамас, кој владее во Појасот Газа.

Хамас започна голем напад врз Израел на 7-ми октомври, при што беа убиени околу 1.400 луѓе и  киднапирани околу 200 луѓе,  кои се пренесени во Појасот Газа. Како одговор на нападот, Израел го блокираше Појасот Газа и изврши повеќекратни воздушни напади таму. Според палестинската организација Хамас, од почетокот на војната во областа се убиени околу 4.000 луѓе, а други 13.000 се повредени.