1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се проширува листата на производи со „гарантирана цена“

ДТЗ
27 септември 2023

Од денеска по намалени цени ќе се продаваат и пијалоците, а се намалува и маржата за овошјето и зеленчукот. Кај некои производи, намалувањето ќе биде од 10 до 30 проценти.

https://p.dw.com/p/4WpUv
маркети производи
Од денеска (27.09) по намалени цени ќе се продаваат и пијалоците, а се намалува и маржата за овошјето и зеленчукотФотографија: Fabian Sommer/dpa/picture alliance

Се проширува листата на производи со „гарантирана цена“. Од денеска (27.09) по намалени цени ќе се продаваат и пијалоците, а се намалува и маржата за овошјето и зеленчукот. На новата листа на производи кои ќе се продаваат по пониска цена се најдоа и безалкохолните пијалоци, газираната и негазираната вода и пивото. Кај некои производи, намалувањето ќе биде од 10 до 30 проценти.

Владата, на предлог на Министерството за економија, донесе нова одлука со која поевтинуваат светлото пиво и лагер пивото, газираните и негазираните пијалоци, со исклучок на енергетските пијалоци, минералната газирана и негазирана природна вода. За 10 проценти ќе се намали цената на овие производи по која што се продавале на 19 септември. „Гарантираната цена“ за сите овие производи ќе важи до 30 ноември.

Димитар Ковачевски премиер Северна Македонија
Премиерот Димитра Ковачевски најави дека се поширува листата на производи со „загарантирана цена“Фотографија: Petr Stojanovski /DW

Највисока профитна маржа

Премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција во вторникот (26.09) информираше дека е донесена нова одлука за намалување на маржата кај овошјето и зеленчукот, со што дополнително ќе се намалат цените во износ од 30 проценти за овие производи.

„Кон мерката гарантирана цена како општествено одговорни компании самоиницијативно се приклучија производителите на безалкохолни пијалоци и вода и ова е за поздравување“, рече Ковачевски.

Стопанствениците реагираа дека маркетите немале доволно време за да се прилагодат на новите мерки. Но, Ковачевски вели дека имале доволно време да направат корекции на цените. 

„Кога се работи за зголемување на цените, тие може преку ноќ да се зголемат, така што истото тоа може да биде направено и за намалувањето на цените“, рече Ковачевски на прес-конференцијата во Владата. 

Владата претходно објави листа на околу 500 производи во 25 категории, за коишто маркетите беа обврзани да ја намалат цената за најмалку 10 проценти. За оние коишто не ја почитуваат мерката се предвидени казни, но и затворање на маркетите.