Палестинците на Блискиот Исток: каде и како живеат?
2 декември 2023Палестинците на Блискиот Исток сочинуваат население од проценети седум милиони лица со различен правен статус и тие главно живеат во Израел, окупираниот Појас Газа, на Западниот Брег, Јордан, Либан, Сирија, Египет и други земји. „Ниту земјите домаќини на Блискиот Исток, ниту земјите во Европа располагаат со точни бројки“, вели за ДВ Кели Петило, истражувач на Блискиот Исток при Европскиот совет за надворешни релации. Од агенцијата на ООН за палестински бегалци велат дека годинава обезбедиле поддршка за околу 5,9 милиони лица во 58 бегалски кампови во Јордан, Либан, Сирија, Појасот Газа и Западниот Брег, вклучително и Источен Ерусалим. Но, Агенцијата не е присутна во секоја држава и не секој Палестинец е бегалец. ООН вели дека „оние чиешто вообичаено место за живот меѓу 1 јуни 1946 и 15 мај 1948 било Палестина и кои ги изгубиле и своите домови и основата за егзистенција како резултат на конфликтот во 1948“ се квалификуваат за да се регистрираат како бегалци, вклучително и нивните наследници. ООН обезбедува услуги за луѓето кои се раселени во регионот и имаат сериозна потреба од помош како резултат на шестдневната војна во Израел во 1967 година. За време на „Накба“, што на арапски значи катастрофа, во 1948 година околу 700 илјади лица избегаа или беа присилени да ги напуштат своите домови. До денес многу Палестинци се апатриди и се држат до барањата за правото да се вратат назад. „Барањето право на враќање стана централна точка на палестинскиот идентитет“, вели за ДВ Петер Линтл од отсекот за Африка и Среден Исток при Германскиот институт за интернационални и безбедносни прашања. Право на враќање беше содржано во Резолуцијата на ОН 3236 од 1974 година и во Женевската конвенција од 1951 година, тоа не играше голема улога во преговорите во Осло од 1994 година и воопшто не е содржано во резолуциите на Советот за безбедност на ООН за конфликтот меѓу Израелците и Палестинците, вели Петило.
Палестинците во Либан
Според проценки на Агенцијата за ООН, околу 250 илјади Палестинци се наоѓале во Либан во јули годинава. „Според други пресметки пак, станува збор за околу половина милион лица“, вели Петило додавајќи дека во Либан попис не е спроведен речиси сто години. „Државата стравува дека точната слика за населението би можела да ги смени демографските претпоставки, кои пак се основа на тамошната политика“, објаснува таа.
Од 1943 Либан се држи до систем за распределба на власта базиран на пропорционална верска застапеност, односно премиерот мора да биде сунитски муслиман, претседателот христијанин, а претседателот на Парламентот шиитски муслиман. „Би рекла дека Либан е најнепријателска земја спрема Палестинците и кон сите бегалци кои се наоѓаат таму“, додава Петило. Според Агенцијата, околу 80 проценти од палестинските бегалци во Либан живеат под националниот праг на сиромаштија. По децении на структурна дискриминација поврзана со вработување и право на имот, актуелната економска криза дополнително ја влоши ситуацијата.
Палестинците во Јордан
Кралството Јордан е единствената арапска земја која им даде државјанства на Палестинците пребегани таму по Накбата. „Повеќе од половина од населението во Јордан има палестински корени, самата кралица Ранија има палестинско потекло и прашањето за палестинска државност ужива голема поддршка меѓу граѓаните и во владата“, вели Петило.
Околу 2,3 милиони луѓе се регистрирани како палестински бегалци во Јордан. Сепак, јорданскиот крал Абдула Втори нагласи дека земјата нема да прима нови бегалци како последица на конфликтот во Газа предизвикан со смртоносните напади врз Израел на 7 октомври од страна на Хамас, милитантна, исламистичка, палестинска група категоризирана како терористичка организација од страна на ЕУ, САД, Германија и неколку други земји.
Палестинците во Египет
„Ситуацијата со палестинските бегалци во Египет е најнеизвесна“, вели таа. „Тие живеат во правна нејасна ситуација“, додава Петило.
„Статистиките за тоа колкав број палестински бегалци има таму, вариираат од 70 илјади до 134 илјади лица и тоа секако може да се смени“, вели таа. Единствено Египет има граничен премин кон Појасот Газа, додека сите други премини водат кон Израел. Сепак, египетскиот претседател Абдел Фатах Ал Сиси повеќекратно нагласи дека преминот Рафах нема да стане порта за бегство на Палестинците од Газа.
Палестинците во Сирија
Агенцијата на ОН има девет официјални и три неофицијални бегалски кампови во Сирија за палестински бегалци. Граѓанската војна во Сирија ја влоши ситуацијата за бегалците во изминатите 12 години, а инфраструктурата за помош е значително оштетена. Во 2021 година, анкета на Агенцијата покажа дека 82 проценти од луѓето кои добиваат парична помош од ОН живеат во апсолутна сиромаштија, а околу 120 илјади палестински бегалци се упатиле во бегство во некоја соседна држава.
Палестинци во Израел, Западниот Брег и Газа
Според Палестинското централно биро за статистика, околу 154 илјади Палестинци се останати во Израел и по Накбата во 1948 година.
До 2020 година нивната бројка е десеткратно зголемена на 1,5 милиони лица, односно околу 17 проценти од населението во Израел, произлегува од податоците на израелското Централно биро за статистика. Има различни поими за овие Палестинци, кои често ги нарекуваат израелски Арапи или арапски граѓани на Израел. Некои „преферираат да бидат палестински граѓани на Израел“, вели за ДВ Амџад Ираки, уредник во израелскиот магазин +972 и политички аналитичар во Палестинската мрежа за политики „Ал Шабака“. „Називот 'израелски Арапи' има историја на намерно користење за негирање на палестинството," објаснува Ираки.
Но, во споредба со 3 милиони Палестинци во окупираниот Западен Брег и 2,2 милиони Палестинци во Појасот Газа, арапските граѓани на Израел се „правно привилегирани и покрај тоа што имаат статус на втора класа“ во споредба со еврејските граѓани, вели Ираки. "Сведоци сме на зголемена економска и социјално-политичка интеграција, но политичките конфликти меѓу еврејските и арапските Израелци ескалираат откако радикалната десница во Израел зема замав," оценува Линтл.
Тој смета дека е вчудовидувачки тоа што „по 7 октомври во рамки на арапскиот свет, Палестинците во Израел јасно се дистанцираа од терористичките напади на Хамас.“
Овој текст првично беше објавен на ДВ англиски