1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Парно ќе има - ако нема гас, топланите ќе работат на дизел

ДТЗ
20 октомври 2022

Во тек е постапка за прибирање понуди за обезбедување на гас за наредните 6 месеци, но ако не се обезбеди се прават подготовки за работа на топланите на алтернативно гориво.

https://p.dw.com/p/4IT1l
гас
Во тек е постапка за прибирање понуди за обезбедување на гас за наредните 6 месециФотографија: Egor Eryomov/dpa/picture alliance

Ако нема доволно гас, топланите ќе работат на дизел гориво, за што се прават последните подготовките. Но, граѓаните на Скопје не треба да се грижат - парно ќе има, порача денеска директорот на АД „ЕСМ“, Васко Ковачевски. 

Во тек е постапка за прибирање понуди за обезбедување на гас за наредните 6 месеци. „Доколку нема прифатливи понуди за компанија која што ќе понуди испорака на гас, тогаш ќе се подготвиме за работа на топланите на алтернативно гориво - а тоа е дизелот“, вели Ковачевски. Тој тврди дека се обезбедени со опрема и со количини на дизел гориво, за да може да има непрекината испорака на топлинска енергија.

Веќе се набавени потребните дизел пумпи. Системот кој што претходно работеше на мазут и кој еколошки е повеќекратно полош отколку работата на дизел, се санира, се чисти, а пумпите ќе бидат поставени деновиве. До 1 ноември компанијата ќе биде подготвена доколку нема испорака на природен гас да се работи на дизел, објаснува првиот човек на ЕСМ. 

Доволно производство на струја 

Тој информираше дека ЕСМ нема да склучи договор со АД Топлификација во стечај кој е мнозински сопственик на АД „Скопје Север“ ако не си ги исполнат обврските од минатата грејна сезона. „Јавноста мора да знае дека АД Скопје Север и неговиот мнозински сопственик АД Топлификација во стечај воопшто не соработуваше минатата грејна сезона“, изјави Ковачевски.

Според него, средствата од минатата грејна сезона се уште не се вратени на наменската сметка на ЕСМ, не се потпишани никакви обврски, а греењето кон граѓаните е испорачано. 

АД ЕСМ вчера целосно ги задоволило потребите за струја на домаќинствата и на малите потрошувачи исклучиво од сопствените, домашни капацитети. ЕСМ вчера произвело 12.260 мегават часови електрична енергија. Во Термоелектраните произведени се 7.845 мегават часови, а во хидроелектраните и во Ветерниот парк Богданци произведени се 4.415 мегават часови електрична енергија.