1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Граѓаните во потрага по векна леб по продавниците

ДТЗ
1 март 2023

По замрзнувањето на цената на белиот леб, дел од пекарите ја сопреа испораката. Некои, сепак, ги снабдија продавниците со леб, кој веднаш се продал како „алва“. Дел од граѓаните со празни раце ќе се вратат дома.

https://p.dw.com/p/4O6sX
леб
Граѓаните во потрага по векна леб по продавницитеФотографија: Jean-François Frey/PHOTOPQR/L'ALSACE//MAXPPP/picture alliance

Владата ја замрзна цената на белиот и полу белиот леб на 33 денари, но од изутрината евтин леб нема ни за лек. Повеќето пекари се одзваа на повикот на Групацијата на мелничко  - пекарската индустрија да го прекинат производството и доставата на леб по продавниците. Но, не се сите членки на групацијата и не секој од сопствениците на пекарите се придржува до одлуката за прекин на производството на леб. Дел од нив и денеска одлучија да ги наполнат корпите со леб и да ги достават редовните нарачки до потрошувачите. 

Лебот оди како „алва“ 

Пекарите во главниот град, но и во внатрешноста коишто не се дел од групацијата или одлучија сепак да продолжат со работа, во телефонски разговор за ДВ велат дека тоа што испорачале денеска, се продало веднаш како „алва“. 

„Изутринава добивме одредена количина на леб кој веднаш се продаде. Не знаеме како ќе биде утре“, коментираат дел од продавачките во дуќаните во Охрид.

Слична е ситуацијата и во другите градови. Пекарите стандардно ги „замесија“ пецивата кои секое утро ги дистрибуираат до малопродажните места, но овој го изоставија белиот и полубелиот леб, кој највеќе се троши. Нискиот стандард на граѓаните, немаштијата и економската криза доведоа до тоа парчето леб да е основна храна за многу семејства. 

Пекарите се свесни за настанатиот проблем, но велат дека ваквата нивна реакција е усогласена од сите членки, за што е добиена поддршка изминатиот период. „Дека леб ќе нема во продавниците беше најавено уште на почетокот на неделата“, потсетуваат од пекарската индустрија.

продавница
Рафтовите за леб во многу продавници останаа празниФотографија: DW/M. Andric-Rakic

Претседателот на Групацијата на мелничко  - пекарската индустрија Горан Малишиќ, деновиве информираше дека зад одлуката да се прекине производството и испораката на леб стојат сите членки. „Вакви одлуки со замрзнување на цени не постојат никаде во ЕУ. Владата сака да создава слика дека помага социјално на граѓаните, ама таа помош да биде на товар или на штета на пекарската индустрија. Се надевам дека ваквите одлуки по овој 1 март ќе бидат веќе минато во Македонија“, изјави Малишиќ. 

До кога ќе нема леб? 

До кога ќе го нема белиот леб на полиците во продавниците и можно ли е решение за настанатиот проблем, засега нема најава од пекарската индустрија. Неофицијалните коментари се дека членките на пекарската индустрија ќе треба да ги усогласат своите ставови и да донесат одлука за понатамошното делување. 

„Тешки денови се ова, но ќе мора да ги надминеме“, коментираат вработените во пекарниците, на кои досега не им се случило да има застој во продажбата не леб и бели пецива. 

Поради застојот во дистрибуцијата на леб, Државниот пазарен инспекторат започна со интензивни контроли во маркетите и пекарниците, каде што се проверува дали се почитува одлуката на Владата за замрзнување на цената на лебот. 

Времена мерка

До застој во дистрибуцијата на леб дојде поради најавата на Владата дека ќе ја замрзне цената на 33 денари за леб од 450 грама, а ваквата мерка ќе биде на сила до 31 мај. Одлуката да се замрзне цената на лебот беше донесена во вторникот (28.02) на владина седница, кога беше соопштено дека се укинува и повластената цена на електрична енергија за прехранбената индустрија. Владата се одлучи на ваков чекор откако анализите на Министерството за економија и инспекциските контроли покажале дека дел од компаниите не ги намалиле соодветно цените на своите производи. 

Премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција во Владата порача дека нема да дозволи неоправдано покачување на цените. Министерот за економија Крешник Бектеши смета дека компаниите не се оштетени со тоа што ќе се замрзне цената на лебот. Според него, цената на лебот не треба да биде повисока од 33 денари. 

Станува збор за времена мерка со цел да нема злоупотреба на поддршката што ја добиваат компаниите од државата. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски вели дека не може да се носат мерки за некој да се богати, а друг да осиромашува.

„ Владата е на и за граѓаните. Одлуката за замрзнување на цената на брашното беше донесена на база на сите информации што ги има Министерството за економија, а Државниот пазарен инспекторат ги направи сите пресметки и контроли. Граѓаните мора да се заштитат. Станува збор за само два продукта што ги произведуваат пекраниците во време кога е намалена цената на електричната енергија и брашното“, изјави денеска Николовски.