1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пендаровски фрапиран и згрозен од скандалот на Онкологија

БГ
4 септември 2023

По скандалот на Клиниката за Онкологија, претседателот Стево Пендаровски вели дека е време конечно да се прекине културата на неказнивост за сериозни прекршувања на законите.

https://p.dw.com/p/4VuWj
Стево Пендаровски
Претседателот на РСМ Стево ПендаровскиФотографија: Petr Stojanovski /DW

Претседателот Стево Пендаровски ги оцени како фрапантни и згрозувачки информациите за злоупотреба на терапијата за лицата болни од рак на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија.

„Наместо на тие лица соочени со најтешката дијагноза да им пружи целосна поддршка и заштита, здравствениот систем очигледно потфрлил, со што е изгубена довербата не само кај тие болни, туку е доведен во прашање и квалитетот на лекување на секој иден пациент“, соопштија од Кабинетот на претседателот на државата. 

Пендаровски ги поздравува преземените дејствија од страна на Јавното Обвинителство и Министерството за внатрешни работи за целосно расчистување на оваа огромна афера, и повикува на брзо и ефикасно комплетирање на истрагата и на судско-обвинителско процесуирање без селективност и соодветна казна за сите за кои ќе биде докажано дека сториле тешки дела против здравјето на луѓето. 

Правна држава во пракса, а не на хартија  

„Крајно време е системот да потврди дека сме способни во пракса, а не само со зборови да се справуваме со тешките облици на организиран криминал и корупција и конечно да ја прекинеме културата на неказнивост за сериозни прекршувања на законите. Никогаш нема да бидеме вистинско европско општество со одолговлекување на судските постапки и отсуство на лична одговорност. За здраво општество ни треба правна држава во пракса, не на хартија“, порачува Пендаровски.

Јавноста во Македонија е во шок откако неколку медиуми објавија приказни за наводни манипулации со лековите за тешко болни пациенти на Клиниката за Онкологија. Според непотврдени сознанија, медицински персонал на Клиниката манипулирал со лековите што треба да им се даваат на пациентите. Скапите лекови завршувале на црниот пазар, а несовесните медицински лица се богателе. 

За понеделник се закажани и протести пред владата и министерството за здравство.

Пендаровски вели дека има разбирање за гневот на граѓаните кои повикуваат на мирни протести, барајќи одговорност од оние кои заработувале на маките на најтешко болните наши граѓани.“

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи