Пендаровски го плати цехот на СДСМ
25 април 2024Со освоени 362.682 гласови (40,08%), кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалиција Гордана Сиљановска Давкова го заврши првиот круг од претседателските избори со двојна предност пред Стево Пендаровски, кандидатот поддржан од СДСМ и коалицијата, кој доби 180.306 гласови (19,93%). Изборниот скор на Пендаровски е помал од оној што досега се сметаше за најслаб изборен резултат на кандидат на СДСМ - резултатот на Љубомир Фрчкоски кој на претседателските избори во 2009 година во првиот круг освои 202.691 гласови.
„Пендаровски го плати цехот на СДСМ“, се најчестите коментари по вчерашниот изборен епилог.
Резултатот ја изненади и ВМРО-ДПМНЕ, од каде претходно прогнозираа предност за Сиљановска од 100.000 гласови, но не и дека резултатот ќе биде 2 спрема 1.
„Ова е победа на народот. Цунамито се крена и им виси на глава, а на 8- ми мај ќе ги потопи целосно“, порача во синоќешното обраќање партискиот лидер Христијан Мицкоски.
Аналитичарите очекуваат „многу интересен“ период во следните две недели, со оглед дека вчерашните резултати се катализатор и за вториот претседателски круг, и за исходот од парламентарните избори. Александар Кржаловски, директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), вели дека се потврдија релевантни анкети од изминатите три месеци, дека во вториот круг ќе влезат Сиљановска и Пендаровски.
„Резултатот 2 спрема 1 во корист на Сиљановска во голема мера го детерминира и вториот круг од изборите“, вели тој.
Исходот го оценува како резултат на тоа што Владата сѐ ставила на една карта (францускиот предлог/уставните измени), а ги запоставила сите други важни прашања, особено борбата против криминалот и корупцијата, кои и од граѓаните и во меѓународни извештаи се нотираат како голем проблем.
Смета дека корпусот гласови кај двата блока на Албанците нема да бидат пресудни за исходот во вториот претседателски круг.
„ВМРО-ДПМНЕ е перцепирана како победник и партиите на Албанците веројатно сега ќе размислуваат како да се постават - дали јавно да поддржат некој од кандидатите. И дали тој кандидат би бил Пендаровски или Сиљановска. Бидејќи, ако и двата блока на Албанците го поддржат Пендаровски, какви што се очекувањата во СДСМ - како тоа ќе се рефлектира на идна евентуална коалиција со ВМРО-ДПМНЕ? Така што, мислам дека овој пат нема да бидат пресудни гласовите на Албанците, мислам дека и тие ќе се поделат. Плус уште околу 100.000 гласови имаат кандидатите за претседател кои отпаднаа од изборната трка, така што се наѕира исходот и во вториот круг од претседателските избори“, оценува Кржаловски.
Повик за обединување
Според аналитичарите, треба да се следи дали по двојното водство на Сиљановска ќе има промена во реториката на ДУИ. Нејзиниот лидер Али Ахмети три дена пред изборите му порача на Мицкоски „Не започнувај беља и бирај ги зборовите“, но ако продолжи вчерашниот тренд - резултатите од изборите може да ја препорачаат ДУИ како неодминлив фактор за формирање влада. Во првиот круг Бујар Османи со 120.903 гласови (13,36%) е во водство од 4% пред опонентот Арбен Таравари кој доби 83.356 гласови (9,21%).
Но, Мицкоски веќе обелодени дека пред синоќешното обраќање се слушнал со Арбен Таравари, кандидатот на опозициската Коалиција „Вреди“, кому „му честитал на резултатот и му посакал успешни парламентарни избори и идна влада во Македонија“.
„Во вториот круг да не дозволиме ДУИ да успее во намерите да направи нешто кое што никој од нас не го сака, а тоа е да направи добар резултат. Затоа, ве повикувам излезете и заедно, сите ние да гласаме за Македонија да биде повторно горда и да биде Македонија повторно твоја, да биде Македонија повторно ваша (...) Пред една недела повикав на национално единство, но по денешниот ден и со оглед на одговорноста која ја имаме и предизвиците пред кои застануваме, јас повикувам на целосно народно и седржавно обединување против оваа власт“, рече Мицкоски.
Повикот го упати до сите етнички заедници, христијани, муслимани, определени и неопределени, академици, професори, доктори, новинари, уметници и спортисти, патриотски здруженија, дијаспората, синдикатите, земјоделците, вработените и невработените, пензионерите, младите, студентите, стопанските комори...
„Ве повикувам - овде имаме работа поважна од секоја партија, поединечен став или интерес. За Македонија се работи, сега е моментот, ова е тоа време да се обединиме под едно знаме и под една цел. Македонија ќе биде повторно твоја, наша заедничка“, повика Мицкоски.
Сѐ е можно
Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, е свесен за казната од гласачите, но се надева дека во следните две недели може да се поправат работите.
„Се надеваме на подобри резултати, но јасно е дека луѓето не казнија и ние тоа го прифаќаме. Денес е тежок удар за македоската перспектива на Македонија. Но сѐ уште не е доцна да се смени правецот. Ние никогаш нема да се откажеме од европската иднина за Македонија. Знаеме дека луѓето се уморни од европскиот пат. Знаеме дека многу луѓе сметаат дека ЕУ не ги одржа своите ветувања. Но, нема друга опција освен земјата да биде дел од ЕУ, и не постои друг пат освен патот на европските интеграции. Време да ги ставиме на страна сите разлики и да се обединиме зад идејата за европска Македонија (...) Знам дека многу наши поддржувачи се разочарани, но сега не е време за откажување, имаме уште две недели. Нема да се откажеме и нема да ги наведнеме главите.Ќе продолжиме да се бориме сѐ додека не победиме“, порача Ковачевски.
Поранешната пратеничка Ѓулистана Марковска смета дека и во вториот круг ќе се задржи сегашниот тренд.
„Разликата меѓу актуелниот претседател Пендаровски и кандидатката Сиљановска е драстична и тоа е големо фијаско за актуелната влада, бидејки кај нас по правило избирачите гласаат ‘против’ а не ‘за’“, вели Марковска.
„Тоа го гледам како казна за политиките на Владата, а не како личен пораз на актуелниот претседател. Вториот круг мислам дека ќе ја задржи сегашнава тенденција, ако не се договорат двете албански партии за тивок бојкот, во кој гласачите ќе ги упатат да гласаат за парламентарните, но не и за претседателските кандидати, со цел да се смени Уставот и претседателот на државата да се избира во Собрание, наместо на непосредни избори. Во Македонија сѐ е можно“, вели Марковска.
Освежувањето на политичката сцена таа го лоцира во резултатите на партијата ЗНАМ, чиј кандидат Максим Димитриевски освои 83.787 гласови (9,26%), и доколку го повтори успехот и на парламентарните избори - цврсто ќе се етаблира на политичката сцена.
„Изненадува малиот број на гласачи на Левица (41.172 или 4,55% -н.з.), што е показател дека граѓаните не бараат комплетна ревизија на досегашните политики и барање на нови правци“, оценува Марковска.
Многу коментари предизвика и резултатот на кандидатот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, кој освои 8.103 гласови (0,90%), иако претходно обезбеди над 10.000 потписи за да се кандидира.