Пендаровски: Најголем предизвик се поделбите во општеството
8 септември 2022Иако државата почна од иста стартна позиција како многу други земји по Студената војна, и иако играше „според правилата, во одредени периоди како држава се соочивме со двојни стандарди и пристрасни судии што не секогаш ни овозможуваа праведно оценување на постигнатото“, оцени денеска македонскиот претседател Стево Пендаровски на доделувањето одликувања со ордени „8 Септември“ по повод Денот на независноста.
Според Пендаровски, на тешкиот пат во изминатите три децении се постигнати и успеси, но „приредувавме и разочарувања за македонските граѓани“:
„Енергијата честопати ја трошевме во меѓусебни обвинувања и опструкции, а на внатрешен план, најголем предизвик со кој и ден-денес се соочуваме се длабоките поделби во македонското општество, во нашиот тим. Единството е клучниот предуслов за успех, а, за да бидеме поуспешни во натпреварот меѓу народите, мора да го обновиме заедништвото и да ја вратиме свеста, не за личниот интерес, туку за општото добро. Колку и да е важен двигател на општествените процеси, личниот интерес, сам по себе, не е доволен да изгради општество со развиено чувство за национален интерес, за општо добро. Оттука, вистинските двигатели на заедништвото треба да ги бараме меѓу оние кои не се мотивирани од тесни интереси, туку од повисоки цели“, изјави Пендаровски.
Македонскиот претседател нагласи дека меѓу ретките херои на македонската независност се и спортистите, кои „со своите успеси нè поврзуваат дури и кога сме длабоко поделени“. Тој денеска со орден за особен придонес за државата ги одликуваше параолимпијците Оливера Наковска-Бикова и Бранимир Јовановски, како и олимпијците Шабан Трстена и Дејан Георгиевски.
Чествувањето на Денот на независноста продолжува со „Отворениот ден за граѓаните“ во Градскиот парк, а централната прослава ќе се одржи вечерва на платото кај паркот „Ибни Пајко“. На прославата ќе се обрати македонскиот премиер Димитар Ковачевски.
- повеќе: Малески: Во моменти на криза секогаш сме успевале да се освестиме
Тој денеска, одговарајќи на новинарско прашање, оцени дека „во овие 31 година независност поминавме многу предизвици како ембаргото од Грција, атентатот на претседателот Киро Глигоров, несреќата во која што загина прерано претседателот Трајковски“:
„Во 2001 година имавме конфликт во државата, меѓутоа со помош на дијалог, со помош на единство, со помош на рационално однесување на далекугледите и прогресивни политичари во државата ние денес сме држава која што ги има решено сите отворени прашања со соседите. Ние сме етаблирана држава во меѓународни рамки, членка на НАТО и до 2030 ќе станеме членка и на ЕУ, тоа се големи постигнувања пред сѐ на македонските граѓани, без разлика на нивната етничка, политичка, било каква друга припадност“, изјави Ковачевски.