1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пензионерите на протест за достоинствен живот

ДТЗ
20 септември 2023

Учесниците на протестот во Скопје побараа линеарно покачување на пензиите за 3.500 денари и минимална пензија од 18.000 денари.

https://p.dw.com/p/4WbBD
пензионери протест Скопје
Пензионери од повеќе градови повторно излегоа на протести пред ВладатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Пензионери од повеќе градови повторно излегоа на протести пред Владата барајќи поголеми пензии за достоинствен живот. „Ако има за вас, треба да има и за нас“, порачаа пензионерите, кои носеа транспаренти на кои беа истакнати барања за исполнување на нивните човечки и социјални права.

Протестот се одржа на Меѓународниот ден на пензионерите – 20 Септември. Учесниците на протестот побараа линеарно покачување на пензиите за 3.500 денари и минимална пензија од 18.000 денари. Во спротивно бараат оставки од премиерот Димитар Ковачевски и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска. 

протест пензионери Скопје
Пензионерите бараат оставки од премиерот Димитар Ковачевски и министерката за труд и социјална политика, Јованка ТренчевскаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Листа на барања

Пензионерскиот синдикат преку соопштение ги изнесе своите барања. Тие пред сѐ сметаат дека треба да има нивелирање на пензиите, а потоа да се усогласат останатите пензии согласно порастот на минималната пензија. 

Сметаме дека измената на член 37 од законот за пензиско и инвалидско осигурување, согласно кој усогласувањето на пензиите се прави врз основа на движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50% и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во висина од 50% е добра основа за понатамошно усогласување на пензиите. Во одредени земји минималната пензија е поставена на 45% од нето исплатена просечна плата и истото се залагаме да биде пракса и кај нас“, порачуваат од Пензионерскиот синдикат. 

Согласно податоците од Државниот завод за статистика и ПИОМ за месец јуни минималната пензија изнесува 12.493 денари или 34 проценти од просечната нето исплатена плата. Просечната пензија која во овој момент е помала од минималната плата (19.106 ден) од синдикатот предлагаат да биде 60% од просечна нето исплатена плата, односно истата да изнесува 21.916 ден. 

протест пензионери Скопје
Учесниците на протестот побараа линеарно покачување на пензиите за 3.500 денари и минимална пензија од 18.000 денариФотографија: Petr Stojanovski/DW

На повидок решение?

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, деновиве најави дека до крајот на месецот треба да има конкретни предлози за пензиите со фокус на ниските пензии. 

Во Северна Македонија, на крајот од 2022 година, евидентирани се 572.327 осигуреници со задолжително пензиско и инвалидско осигурување и 85.139 обврзници. Бројот на корисниците на пензија од работничко осигурување во Република Северна Македонија изнесува 334.816 корисници. Покрај овој број, во Фондот на ПИОМ се исплатуваат и 60 земјоделски пензии и 867 воени пензии. 

пензионери протест Скопје
Ако има за вас, ќе има и за нас - порачаа незадоволните пензионериФотографија: Petr Stojanovski/DW

До 13.300 денари пензија добиваат околу 96 илјади пензионери, до 16 илјади денари пензија им се исплаќа на над 60 илјади лица, додека до 22 илјади денари добиваат над 86 илјади пензионери. Највисоки пензии - над 22 илјади денари - имаат 93 илјади граѓани. Додека 2.714 пензионери во јуни зеле пензија во износ од 11.897 денари, група од 1.526 најдобро ситуирани пензионери месечно добиваат сума од 48 илјади до речиси 70 илјади денари пензија. Ова го покажуваат месечните анализи на ПИОМ.