Перцепција: Партиите се како лисици - подмолни и итри
8 декември 2022Животот во Северна Македонија се движи во погрешна насока. Политичарите работат само за лични интереси. Кај нив не постои желба за вистинска промена и подготвеност за спроведување најнеопходни реформи. Ова е перцепцијата кај повеќето граѓани коишто учествувале во тематското истражување на Институт за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС). Преку осум фокус групи целта била да се истражи јавната перцепција на квалитетот на живот, довербата во институциите и политичките актери, како и поларизацијата во Северна Македонија.
Со цел посликовито да се разберат ставовите на граѓаните за политичарите и политичките партии, лицата во фокус-групите учествувале во вежба со персонификација, а од нив било побарано да поистоветат политичка партија со некое животно. Вежбата покажува дека учесниците главно ги поистоветуваат сите политички партии со лисица, па користат атрибути како „подмолна“, „итра“, „несигурна“, и „си гледа само за себе“.
ВМРО ДПМНЕ - корумпирана, СДСМ - нестабилна
Учесниците во истражувањето ги анализирале и партиите, низ призмата на неколку животински карактеристики. Во однос на ВМРО-ДПМНЕ, учесниците главно ги сметаат за силна партија; сепак, многу корумпирана и без конкретна акција. Во однос на СДСМ - партијата ја сметаат за нестабилна и силно зависна од странски сили или од агендата на трети субјекти.
И ДУИ важи за силен политички играч, но граѓаните сметаат дека е многу корумпирана. Во однос на Алијансата за Албанците (АА), дел од учесниците во анализата сметаат дека е гладна за власт и не е заинтересирана да одговори на потребите на граѓаните. Во однос на Левица, имајќи ги предвид животинските карактеристики што ѝ се припишуваат, политичката партија најмногу се смета за гласна во критиката, но без дејствување.
„Некои од учесниците дадоа свое мислење за партиите како што е Движењето БЕСА, велејќи дека партијата е нестабилна и без идеологија, или Либерал-демократите (ЛДП), сугерирајќи дека е партија доследна на своите принципи“, се вели во анализата.
Во претседателот имаат највеќе доверба
Студијата со фокус-групи е спроведена во септември во сите осум плански региони, а во нив учествувале 67 учесници.
Истражувањето покажа дека речиси сите учесници беа загрижени за партиската политика и раздорот што го предизвикуваат политичките партии. Поголемиот број на учесници сметаат дека политичките партии главно ги интересираат својата агенда и интереси, а не општото добро и благосостојбата на граѓаните.
Највисоко ниво на доверба има претседателот на земјата - 4,2, додека најниско судството - 3,1, при што оценките за довербата во Собранието (4,0) и во Владата (3,9) се безмалку идентични. Довербата е ниска во политичките партии (3,4).164
Што се однесува до Собранието, учесниците најчесто истакнуваат дека институцијата е во постојана криза или блокада, додека во поглед на Владата - учесниците главно сметаат дека со изборите не се добиваат подобри влади, кои ги решаваат проблемите на граѓаните, туку само влади кои работат за личните интереси. Над две третини (75%) од граѓаните сметаат дека пратениците во Собранието секогаш ги застапуваат интересите на нивните политички партии, а 18% сметаат дека тоа е така само понекогаш. Само 7% од граѓаните сметаат дека пратениците секогаш ги застапуваат интересите на граѓаните.
Имајќи ја предвид работата на судството, учесниците претежно сметаат дека судството е најкорумпиранaтa институција и ја ужива најмалата доверба. Според нив, политичките партии секогаш наоѓаат начин да ја подриваат работата на судството преку корумпирани механизми.
Кај учесниците постои општ недостаток на доверба во волјата и способноста на институциите да ја подобрат состојбата во земјата. Корупцијата, непотизмот, клиентелизмот, личните и партиските интереси, и политичките и семејните врски се најчесто споменатите проблеми поврзани со институциите и се главниот извор за недоверба. Како што се изрази студент од Струга, „врските и партиската припадност се пресудни кога барате вработување“, се посочува во анализата.
„Учесниците се произнесоа и за поларизацијата што ја предизвика Францускиот предлог, поради кој се или Македонци или предавници. За многумина, поларизацијата е последица на „партискиот менталитет“ и е предизвикана од реториката што ја користат политичките партии. Дел од учесниците, пак, изразија фрустрација од надворешната политика на земјата и недостатокот на внатрешна посветеност за надминување на проблемите на граѓаните, како и дијалог, консензус и компромис меѓу политичките партии - како што сподели постар учесник во Битола : „заглавија со договорот со Бугарија и заборавија на нас, кои живееме тука““, посочуваат од Институтот за демократија.
Во кој правец оди земјата?
Од податоците од анкетата се гледа и општо незадоволство со животот во Северна Македонија, бидејќи повеќето испитаници сметаат дека животот во земјата се движи во погрешна насока (63%), а само една четвртина од испитаниците (28%) смета дека животот се движи во правилна насока.
Релативен оптимизам се гледа кај граѓаните во Источниот (44%) и Југозападниот Регион (43%), бидејќи речиси половина одговориле дека животот се движи во правилна насока. Најголемите песимисти се граѓаните на Полошкиот Регион - 69%, Скопскиот Регион - 67% и конечно граѓаните на Вардарскиот Регион - 66%.
Перцепцијата дека животот во земјата тргнал во погрешна насока не е нова, што се гледа и во претходни истражувања на Институтот за демократија, меѓутоа постои заедничка перцепција дека последниве години се влошил квалитетот на живот. Слабиот квалитет на живот го објаснуваат со тврдењето дека последните три децении на независност политичките елити лошо управувале со земјата, а и со тоа дека им се обраќа огромно внимание на надворешните работи, а недоволно внимание на економската и општата состојба дома.
„Одлевањето на мозоци и „егзодусот“ на младите луѓе беа исто така меѓу најзастапените проблеми што ги споменаа учесниците. Сите фокус-групи беа загрижени за популацијата што старее, или, како што се изрази еден постар учесник во Гостивар ; ,„старите не можат да градат земја“. Друг постојан проблем за кое разговараа учесниците беше корупцијата, главно клиентелизам и непотизам. Повеќето учесници беа загрижени за секојдневната корупција во институциите и недостатокот на можности за вработување поради партиските вработувања“, посочуваат од Институтот за демократија.
Чувството дека корупцијата е сеприсутна доминира во сите фокус-групи. Во повеќето случаи, корупцијата се поврзува со партиски клиентелизам и тесни партиски интереси.