1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

По бунтот на „Вагнер“, Русите се прашуваат: Што беше ова?

Јури Решето
27 јуни 2023

Кај многу Руси владее страв и несигурност по краткиот вооружен бунт на групата „Вагнер“. Државните медиуми пак се обидуваат да ги ограничат штетите за имиџот на власта.

https://p.dw.com/p/4T7RC
На 24 јуни, тенкови со војници од приватната армија на Пригожин возеа низ рускиот град Ростов на Дон.
На 24 јуни, тенкови со војници од приватната армија на Пригожин возеа низ рускиот град Ростов на Дон.Фотографија: Erik Romanenko/ITAR-TASS/IMAGO

„Спакувајте ги работите и дојдете кај нас што е можно поскоро!“ Многу луѓе во јужна Русија веројатно добиле вакви апели од нивните роднини и пријатели од други делови на Русија.

Од почетокот на војната, ситуацијата во регионот е особено напната со оглед на неговата географска близина со Украина. Минатиот викенд одеднаш стана уште поопасно. 

Овојпат, сепак, опасноста не произлезе од потенцијални контранапади на украинската страна, туку од самите руски војници, поточно од вооружените платеници од таканаречената група „Вагнер“ на бизнисменот Евгениј Пригожин.

„На мојата сосетка долу и се јави ќерката од Урал: Мамо, не можеш повеќе да останеш во Ростов, дојди и придружи ни се“, изјави за ДВ една постара жена од Ростов на Дон, град што привремено беше окупиран од трупите на „Вагнер“. 

Меѓутоа, страв и несигурност имаше не само таму. 

„Предавство за време на војна е тешко злосторство“ 

Страв, бидејќи никој не знаеше до каде ќе одат платениците на бизнисменот Пригожин. Впрочем, според медиумите, тие биле речиси двесте километри од руската престолнина Москва по помалку од дваесет и четири часа од нивниот марш. Градоначалникот Сергеј Собјанин ги советуваше луѓето, особено во околината на Москва, да не возат по периферијата на градот.

Несигурност, бидејќи Пригожин, кој до вчера до небо беше фален во сите државни медиуми, сега беше едногласно демонизиран од истите државни медиуми.

Јевгениј Пригожин ( во средина) со припадници на „Вагнер“ во Бахмут во мај 2023
Јевгениј Пригожин ( во средина) со припадници на „Вагнер“ во Бахмут во мај 2023Фотографија: Concord Press Office/ITAR-TASS/IMAGO

„Вооружениот бунт во Русија не е поддржан од општеството! Предавството во време на војна е тешко злосторство!“ - со овие наслови водителот Дмитриј Киселев ја започна својата вечерна емисија вести на ТВ каналот „Россија“ на првиот ден по „речиси пучот“. Потоа следеа сликите од тенковите што се повлекуваат и коментарот: „Спречена е братоубиства војна“.

Загуби кај руската армија

Киселев, како и сите државни медиуми, бунтот на Пригожин против Кремљ  се обиде да го прикаже како... успех на Кремљ. Според мотото, можеше и полошо, немаше крвопролевање. Но, тоа што најмалку десет војници на руската армија загинаа, кога нивниот хеликоптер беше соборен од платениците на Пригожин, беше турнато длабоко во заднина.

Уште поголема неизвесност и прашањето „Што беше ова?!“, меѓутоа  имаше кај луѓе во Русија кога „криминалецот Пригожин“, по кого утротото беше распишана потерница, веќе вечерта истиот ден се сметаше за слободен човек за кого требаше да се прекинат сите истраги. Тоа, наводно, бил договорот што самиот Пригожин го постигнал со белорускиот владетел Александар Лукашенко, кој дејствуваше како посредник меѓу него и Кремљ. Наместо веројатно да заврши во затвор на дваесет години, Пригожин требаше одеднаш, сосема легално, „да оди во Белорусија“, како што гласеше формулацијата на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Рускиот претседател Путин, кој сè уште го осудуваше Пригожин во саботата (24 јуни, 2023) и се закануваше со строги казни за сите вклучени во бунтот, по вторпат се појави на телевизија за ненадејно да им се заблагодари на луѓето од Пригожин. Затоа што навреме го запреле нивниот марш.

Банкрот на државата

Државните медиуми повторно западнаа во неволја и мораа повторно на својата публика  да ѝ ги објаснуваат работите што излегоа од контрола. Шефицата на рускиот меѓународен радиодифузер „Раша Тудеј“ Маргарита Симонјан го објасни тоа на следниот начин: „Правните норми не се Христови заповеди, ниту Мојсееви заповеди. Наместо тоа, тие се напишани од луѓе за да се обезбеди ред и стабилност во земјата. Но, ако, во неколку критични исклучителни случаи, тие повеќе не ја исполнуваат својата функција и наместо тоа имаат спротивен ефект, тогаш... по ѓаволите со нив!“

Стрес тест во Кремљ: На 24 јуни Путин на руската државна телевизија му се закани на Пригожин со строги казни
Стрес тест во Кремљ: На 24 јуни Путин на руската државна телевизија му се закани на Пригожин со строги казни Фотографија: Pavel Bednyakov/SNA/IMAGO

За рускиот филозоф Денис Греков, изјавата на Симонјан не е ништо повеќе од прогласување банкрот од страна на руската држава. Во интервју за ДВ тој наведува: „Држава во која веќе нема монопол на употреба на сила и обединета моќ, во која веќе не важат правните норми, оваа држава во основа веќе не е држава“.

Истражувачката на пропагандата Марија Борсунова за Дојче веле резимира: „Маргарита Симонијан се обиде да го објасни она што го знаеме толку долго: дека рускиот правен и кривично правосуден систем како целина се заснова на потреби. Доколку е потребно, кривично постапка може да се отвори и затвори во еден ден. Во зависност од тоа што е покорисно во моментот“.

„Патриотска јавност“

За многумина во Русија, особено за таканаречената „патриотска јавност“, Пригожин беше херој, потсетува Денис Греков. Според него, и претставниците на таканаречените структури на моќ, пред сè на армијата, го симпатизирале бизнисменот, чии војници со месеци се обидувале да го освојат градот Бахмут во Украина, што во руските пропагандни медиуми важеше за голем подвиг. Тие се разочарани од рускиот министер за одбрана Шојгу и од претседателот Путин: „Сосема е очигледно дека тие (Шојгу и Путин – забелешка на уредникот) ќе претрпат воен пораз, и тоа многу голем. Загубите се веќе преголеми. Цинизмот е срамотен. Односно, човечките животи се цената што се плаќа за двајцата да останат на нивните функции. Луѓето го чувствуваат тоа многу добро и секако не им се допаѓа“.

Следната година Русите ќе избираат нов претседател. Повеќе од кога било се поставува прашањето, дали Евгениј Пригожин, кому исто така му се припишуваа политички амбиции, некогаш ќе ја поднесе својата кандидатура. Актуелниот претседател Путин не ја исклучува неговата кандидатура за највисоката функција. Барем досега.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи