1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Киев притиска за побрзи испораки на оружје

ЖА /АРД
2 јануари 2024

Украина повторно е цел на масовни руски напади - особено се погодени Киев и Харков, пријавени се загинати и повредени. Министерот за надворешни работи Кулеба итно апелираше до сојузниците за побрза испорака на оружје.

https://p.dw.com/p/4ao8h
Погодени повеќе објекти во руски ракетни напади врз Киев, Украина
Погодени повеќе објекти во руски ракетни напади врз Киев, УкраинаФотографија: Ihor Klymenko/REUTERS

По најновите масовни руски напади врз неговата земја, украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ги повика сојузниците на Киев  побрзо да достават оружје. Западот мора „да реагира на решителен начин“, рече Кулеба во Киев. Пред сè, би требало да бидат испорачани „дополнителни системи за противвоздушна одбрана и борбени дронови од секаков вид“. Покрај тоа, на украинската армија и` се потребни повеќе „ракети со дострел поголем од 300 километри.“ Според неговото министерство, Кулеба исто така побарал од партнерите да донесат одлука и да ги префрлат замрзнатите руски средства за потребите на Украина, како и да ги прекинат контактите со руските дипломати во соодветните престолнини и меѓународните организации. Москва денеска (вторник) утрото започна нов масовен бран напади врз соседната земја. Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти за најмалку четворица загинати и 92 повредени. Воздухопловни тревоги биле објавени низ целата земја, во главниот град Киев се слушнале силни експлозии, оштетени се станбени згради. Градот Харков исто така бил погоден од многу ракети.

Напад со речиси 100 ракети

Вкупно, според украинските информации, Русија истрелала „99 ракети од различен тип“. Од нив, 72 се соборени со воздушна одбрана, соопшти украинската армија. Зеленски зборуваше за обновен „руски терор“. Тој најави украински одговор на воздушните напади: „Русија ќе биде одговорна за секој изгубен живот“, порача тој. Зеленски им се заблагодари на западните сојузници за снабдувањето со системи за противвоздушна одбрана. „Овие помагаат да се спасат стотици животи секој ден и секоја ноќ." Западот масовно ја поддржува Украина во нејзината борба против руските агресори, но досега тие не се решително потиснати. Затоа Киев се залага за дополнителни испораки на оружје.

Електричната мрежа сериозно оштетена

Во главниот град Киев и околината загинале една постара жена и една брачна двојка, соопштија градоначалникот Виталиј Кличко и локалното јавно обвинителство. Во неколку делови на градот има прекини на струја, напиша Кличко на Телеграм. Биле погодени објекти од цивилна инфраструктура и оштетен е гасовод. Пријавени се и проблеми со водоснабдувањето. 13 лица се повредени во висококатница кога ракета предизвикала пожар, напиша Кличко. Бранот напади бил масивен, јавува дописникот на германскиот јавен сервис АРД, Васили Голод од Киев.

Масивни руски ракетни напади врз Киев, Украина
Масивни руски ракетни напади врз Киев, УкраинаФотографија: Efrem Lukatsky/AP/picture alliance

„Цела ноќ имаше воздушен аларм", јави Голод. Тој известува за смртни случаи и повредени, како и за уништување од поголеми размери. „Прво долетаа дронови, а потоа долетаа ракети“. Тоа беше многу насилен, болен ден за Украина, оценува дописникот. Според државниот снабдувач со енергија Укренерго, електричната мрежа е сериозно оштетена. Повеќе од 250.000 жители во главниот град се без струја.

Напад на Харков и Миколаев

Непосредно претходно, воздухопловните сили веќе вклучиле воздушни аларми низ целата земја. Повторно беше погоден и Харков на истокот на земјата. Тука има најмалку еден загинат и неколку повредени. Градоначалникот на Миколаив на југот на земјата изјави дека украинските воздухопловни сили собориле беспилотни летала, чии остатоци предизвикале пожар. Украинските воздухопловни сили соопштија дека во текот на ноќта пресретнале вкупно 35 беспилотни летала „Шахед" од иранско производство. Ниту руските ниту украинските изјави не можат да бидат независно проверени.

Путин најави засилени бомбардирања

Украинските воздухопловни сили веќе пријавија напади од „рекорден број“ руски борбени дронови на Нова година. Русија претходно најави дека сака да го засили бомбардирањето на соседната земја. Претседателот Владимир Путин  зборуваше за реакција на украинскиот напад врз рускиот град Белгород, каде во саботата загинале 25 лица, меѓу кои пет деца. Претходно, најмалку 39 лица биле убиени во веројатно  најголемиот руски воздушен напад досега врз Украина во петокот.