По нападот во Магдебург, напади врз мигранти
24 декември 2024Сè уште не е јасно каков мотив имал напаѓачот од Магдебург за неговото смртоносно возење на божиќниот панаѓур. Единствено е сигурно дека тој е државјанин на Саудиска Арабија и моментално е во притвор. Но, веднаш по злосторството, десноекстремната сцена во Германија почна да агитира против мигрантите.
„Никогаш не сум доживеал таква непријателска и заканувачки атмосфера“, вели еден студент по автомобилски инженеринг од Магдебург. За тоа информира специјализираната канцеларија за превенција од насилство „Салам“ во покраината Саксонија-Анхалт. Здружението забележува значително зголемување на инцидентите против луѓе кои од страна на десни екстремисти се означени како странци.
Туркање, плукање, навреди
„Наводните мигранти се навредуваат на улица како 'терористи', 'криминалци' и 'ѓубриња', понекогаш се и туркани и плукани“; се вели во извештајот на „Салам“.
Заканите одат толку далеку што мигрантските заедници меѓусебно се предупредуваат во групи на Ватсап и на Фејсбук и ги советуваат луѓето да избегнуваат јавност.
Фактот дека самиот извршител на нападот во Магдебург може да има исламофобичен и десноекстремен став е парадокс во целата ситуација, вели истражувачот на радикализмот Ханс Голденбаум од „Салам“ за МДР: „Ова ја покажува ефективноста на овој десноекстремен дискурс и колку е тој изолиран од реалноста“.
Мобилизација на десни екстремисти на ниво на целата држава
Од нападот минатиот петок (20.12.), низ целата земја се мобилизираат десноекстремни и неонацистички партии, здруженија и поединци. Тие бараат масовна депортација на луѓе од Германија. Во неделата, на десноекстремни демонстрации во Магдебург, се собраа стотици неонацисти. Притоа дојде и до напади врз новинари.
Еден од говорниците на настанот е Торстен Хајзе. Неонацистичкиот функционер има неколку претходни пресуди. Со својот автомобил се обидел да прегази бегалец. Видеата од настанот покажуваат како Хајзе ги повикува учесниците да се инфилтрираат во клубовите, противпожарните служби и властите.
Новинарите и набљудувачите известуваат дека учесниците потоа извикувале „Германијо, разбуди се!“. Овој извик беше мото на националсоцијалистите во времето на Адолф Хитлер. Неговата употреба е казнива во Германија.
Предупредување од инструментализација
Експертот за десничарски екстремизам од Магдебург, Давид Бегрич, од здружението „Заедно“, очекува натамошна политичка инструментализација на нападот. Делумно десноекстремната партија Алтернатива за Германија најави големи демонстрации во Магдебург.
Бегрич во интервју за ДВ остро ги критикува ваквите собири. По нападот во кој загинаа пет лица и околу 200 беа повредени, фокусот треба да биде на жртвите и на погодените, вели тоа: „Гледам дека во Магдебург владее голема вчудовиденост и парализа. Овој напад му нанесе длабока рана на градот. Тоа ме погодува и мене лично: меѓу повредените се и колегите на мојата сопруга.“
Сè додека луѓето во болницата сè уште се борат со последиците од нападот, секаква инструментализација е непожелна, вели Бегрич: „Судбината на жртвите сега мора да биде во фокусот. Процесот на сооочување со тоа доаѓа потоа. Градот не сака никаква инструментализација“.
И покрај сите лажни вести, гласини и обиди да се искористи тешкото злосторство на социјалните мрежи, Давид Бегрич смета дека неговиот град Магдебург е искрено погоден: „Градот се зближува“.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик