1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТероризамГерманија

По Солинген: Дебата за депортации и забрана за носење ножеви

26 август 2024

Тага и ужас низ Германија поради злосторството во Солинген: политичката дебата за построги закони за оружје и имиграција веќе фати замав.

https://p.dw.com/p/4juSP
Убиство Солинген Германија
Полицијата го спроведува осомничениот убиец од Солинген Фотографија: Christoph Reichwein/dpa/picture alliance

„Доста е“, напиша претседателот на конзервативната ЦДУ Фридрих Мерц на својата веб-страница по  убиството во Солинген. Се тврди дека Мерц има прилично ладен однос кон канцеларот Олаф Шолц (СПД), но сега шефот на најсилната опозициска партија во Бундестагот директно му се обрати на шефот на владата: „Барам од Вас да соработувате со нас за брзо и без натамошни одложувања да донесеме одлуки насочени кон спречување на понатамошни терористички напади како оној што се случи во петокот во нашата земја“.
Мерц предложи средба уште во претстојните неколку дена и презентираше цел каталог на мерки, од кои некои се драстични. „Може да се депортира во Сирија и Авганистан и не прифаќаме веќе бегалци од овие земји. Секој што како бегалец од Германија се враќа во матичната земја, веднаш го губи статусот за престој во Германија“, гласи една од нив. 

Потешкотии за депортации во Сирија и Авганистан 

Министерката за внатрешни работи Ненси Фезер (СПД),  исто така, веќе неколку недели ги разгледува можностите за депортации во Сирија или Авганистан. Во исто време, таа истакнува дека тоа не е така лесно да се спроведе и посочува дека на пример нема никакви дипломатски врски со талибанците кои владеат со Авганистан. Всушност, постои забрана за депортации во земјата откако радикалните исламисти дојдоа на власт во септември 2021 година.
Трите коалициски владејачки партии - СПД, Зелените и ФДП - би можеле поскоро да се аранжираат за други барања на Мерц. Тој пишува: „Редовно да ги контролираме границите во Германија, консеквентно да ги одвраќаме луѓето на граница и да ги враќаме на сила Даблинските прописи. Според нив, никој што доаѓа од безбедна трета земја нема право да остане во Германија“.
По нападот со нож во Солинген,  како сторител се предаде еден 26-годишен Сириец. Според извештаите во весниците, човекот дошол во ЕУ преку Бугарија и всушност таму требало да поднесе барање за азил според прописите од Даблин. Откако во 2023 година му било одбиено барањето за азил во Германија,  тој требало да биде депортиран  во Бугарија. Но, тоа не се случило бидејќи се сокрил. Во неделата попладне, Врховниот суд (БГХ) во Карлсруе издаде налог за апсење на осомничениот. Ингеренциите се на највисокиот германски суд бидејќи делото е класифицирано како чин на тероризам.


Фезер сака да ги продолжи граничните контроли


Министерката за внатрешни работи Фезер постојано се жали дека многу земји од ЕУ, како Бугарија и Романија, едноставно им дозволуваат на барателите на азил кои прво стапнале на европско тло кај нив, да отпатуваат во Германија. Сојузната полиција затоа во моментов врши проверки на неколку граници - на пример кон Полска, Чешка и Австрија. Таквата мерка требаше да заврши во декември, но пред само неколку дена Фезер најави можност за продолжување на граничните контроли за најмалку шест месеци. Но, на Фезер и е јасно дека на сојузната полиција одговорна за граничните контроли итно и е потребен повеќе персонал од сегашните 56 илјади полицајци со кои располага. Но, неопходното зголемување е тешко изводливо со оглед на празните буџети.
Хабек повикува на забрани, во чија ефикасност се сомнева.

Солинген убиство Германија
Солинген во неделата: Длабока тага по убиството во петокот Фотографија: Thomas Banneyer/dpa/picture alliance


Фактот дека ефикасната борба против исламистичкиот  криминал во Германија чини многу пари, го повтори и вице канцеларот Роберт Хабек (од Зелените), кој се обрати од својот дом во Фленсбург на германско-данската граница. „Дали страшниот чин во Солинген можеше да се спречи со построги закони не знаеме“, рече министерот за економија. Во објава на платформата Х сепак побара построги закони за оружје и зони со забрана за носење на оружје, посочувајќи дека никому во јавноста не му се потребни ножеви „бидејќи не живееме во среден век“.

Всушност, носењето ножеви и друго оружје на јавни настани е забрането откако Законот за оружје стапи на сила во 1973 година. Либералната ФДП неодамна се изјасни против построги закони за носење ножеви. Сега министерот за правда Марко Бушман од ФДП, за весникот  „Билд“ изјави дека „ќе разговараме во сојузната влада како да ја унапредуваме  борбата против криминалот  со ножеви“.

Полицискиот синдикат бара присебност


Во меѓувреме, Здружението на германската криминалистичка полиција ги советува луѓето да останат приосебни во оваа турбулентна ситуација. Нејзиниот претседател Дирк Пеглоу изјави за „Редакциската мрежа Германија“ во врска со злосторството во Солинген дека „сторителот не би се воздржал ако имало зони за забрана за носење на ножеви или општа забрана за носење ножеви“. Во исто време, Пеглоу вели дека на полицијата треба да и се дозволи да прави претрес за ножеви без посебна причина. Тој верува дека е неопходна дебатата за општа забрана за носење ножеви во јавноста - со неопходните исклучоци.
Солинген, една недела пред бризантни избори на истокот
Дискусијата по убиството во Солинген е толку интензивна и затоа што се случи една недела пред покраинските избори во источните германски покраини Тирингија и Саксонија. Таму, десничарската екстремистичка „Алтернатива за Германија“ (АфД) според анкетите може да освои меѓу 30 и 34 проценти од гласовите и може да стане најсилната политичка сила во двете земји. Алијансата Сара Вагенкнехт, која е основана на почетокот на годината и е предводена од поранешната политичарка на Левицата, исто така има силен рејтинг во анкетите. И двете партии бараат радикално заострување на политиката за азил и имиграција.

Шефот на ЦДУ, Фридрих Мерц
Шефот на ЦДУ, Фридрих Мерц, бара ангажман од канцеларот ШолцФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Мерц: Шолц треба да го искористи својот авторитет 


Со овие позиции, АфД и БСВ најверојатно ќе добијат значителна поддршка од гласачите. Владините партии делуваат главно неимпресионирани од ова, но лидерот на опозицијата Мерц го советува канцеларот да искористи ретко користен инструмент, доколку не може да ја наметне построгата политика во своите редови. „Искористете го вашиот авторитет за креирање политика за да му дозволите на Бундестагот да гласа за неопходните закони. Секој од Зелените и Либералите што нема да ги следи насоките, ќе биде оставен на страна“, порачува Мерц.
Овластувањето за издавање директиви се однесува на правото на сојузниот канцелар да ги отфрли мислењата на неговите министри за сите прашања во случај на спор и да го одреди курсот на владата. Мерц укажува дека неговата партија, ЦДУ, би се согласила со соодветен законски предлог.