1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По убиството на Вања се бараат одговори и оставки

4 декември 2023

Тројца од осомничените се во притвор. Јавноста бара повеќе одговори, а ВМРО-ДПМНЕ бараат оставка од министерот Спасовски.

https://p.dw.com/p/4ZjqF
Книга на жалост во ОУ Ј.Х. Песталоци во Скопје
Книга на жалост во ОУ Ј.Х. Песталоци во Скопје за убиената Вања ЃорчевскаФотографија: Petr Stojanovski/DW

На влезот на скопското основно училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ утрово ќе биде отворена Книга на жалост, каде граѓаните ќе можат да се потпишат и да ѝ оддадат почит на 14-годишната ученичка Вања Ѓорчевска, чие тело полицијата го пронајде вчера по седумдневна истрага. Како што најави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, менаџментот на училиштето, во соработка со повеќе психолози, од синоќа се подготвува за денешниот ден, со цел да се обезбеди поддршка за учениците и соодветна комуникација со нив, на начин на кој сите полесно ќе го пребродат трагичниот настан.

„Нема толку силни зборови кои можат да ја искажат болката и гневот за прерано згаснатиот живот на Вања. Чувствувам преголема болка. Еден родител не може да доживее ништо пострашно од ова што денеска се случи со Вања. Изразувам длабоко сочувство до семејството и барам максимална казна за сторителите“, напиша Герасимовски на Фејсбук.

Трагичната вест дека по седум дена е најдено безживотното тело на Вања Ѓорчевска, ја остави Македонија во длабока траума. На социјалните мрежи се нижат безброј коментари на сочувство, тага, болка, неверување, повици за најстроги казни. Родители пишуваат дека живеат во грч кога ги испраќаат децата во училиште - дали стигнале, дали се вратиле, симнуваат разни аликации за „не дај Боже“ ситуации.

Одговори на прес-конференција

За резултатите од досегашната истрага - кои се сторителите, одговори денес ќе дадат Јавното обвинителство и МВР на прес-конференција. Досега е утврдено дека Вања била убиена истиот ден кога исчезнала (27.11.2023 г.) околу 10 часот, и дека исти лица чиј мотив бил „користољубие“, го извршиле и убиството на Вања и убиството на П.Ж. (74) од Велес, кој на 24.11.2023 година беше пријавен за исчезнат, а неговото тело вчера (3.12) било пронајдено во околината на Велес.

Се смета дека нема никаква семејна или пријателска поврзаност меѓу семејствата на двете жртви. Неофицијално, она што ги спојува е само возилото на велешанецот, кое службеници од Полициското одделение Мирковци го пронашле целосно опожарено, а претходно наводно било користено при исчезнувањето на Вања.  

Потрага Вања Ѓорчевска
Досега е утврдено дека Вања била убиена истиот ден кога исчезналаФотографија: Nordmazedonien Innenministerium

Тројца од досега осомничените (В.М., В.К. и Б.В.) ноќеска завршија во притвор од 48 часа во Истражен затвор, под сомнение дека се вмешани во грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска. Од надлежните денеска се очекуваат повеќе информации за улогата на Љ.П. од Скопје, за кого се тврди дека е избеган во друга држава, како и за наводните сомневања дека можеби и член на семејството бил вмешан во случајот.

Кога завршила истрагата?

И овој случај во јавните коментари не остана надвор од сферата на политиката.

„На кого му е важно дали денеска ќе има или ќе нема лидерска средба на која заеднички ќе се договори датумот за двојни избори (...) Што е тоа важно ако сме изгубиле дете“, гласат дел од коментарите.

Претседателот на опозициската Левица, Димитар Апасиев, синоќа најави дека го откажува учество на планираната лидерска средба за денеска и апелираше до премиерот таа да се помести за посоодветен тајминг, како што наведе, „после расчистување - преку парламентарна надзорна расправа - на сите неразјаснети прашања поврзани со пропустите на МВР и ОЈО изминатите денови“.

ВМРО-ДПМНЕ преку партиско соопштение побара „оставка веднаш“ од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

„Бруталното и грозоморно убиство на Вања е пораз за цела држава. Тоа се случи и поради нефункционирањето на системот, неспособноста на институциите и отсуството на одговорност. Еден од главно осомничените е во бегство. Истиот тој е и поранешен висок функционер на владејачката СДС, меѓу другото дел од една криминално рекетарска банда која настапува и во јавниот простор за која е јасно дека е блиска до власта, група која уценува неистомислемици, и која работи само за користољубие“, се вели во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ бараат Спасовски да одговори - кога истрагата дознала за извршителите, и дали Спасовски и началниците во МВР тоа го криеле заради самитот на ОБСЕ?