1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД ги поддржуваат истрагите за корупција во Македонија

ДТЗ
1 февруари 2024

САД силно ги поддржуваат напорите на Северна Македонија да бара одговорност од оние што ја злоупотребуваат довербата на јавноста за лична корист, е пораката на Стејт департментот.

https://p.dw.com/p/4bv6c
Стејт департмент
Поддршка од САД за рестриктивните мерки и истраги во МакедонијаФотографија: Yasin Ozturk/AA/picture alliance

Соединетите Американски Држави (САД) силно ги поддржуваат напорите на Северна Македонија да бара одговорност од оние што ја злоупотребуваат довербата на јавноста за лична корист. Ова е ставот на американскиот Стејт департмент во однос на иницијативата на македонските власти за воведување на рестриктивни мерки и во земјата, за лица коишто изминатиот период се најдоа на црната листа на САД.

Портпарол на Стејт департментот, во изјава за Гласот на Америка на македонски јазик, наведува дека „иако не коментираат за законодавството што се очекува“, ги поздравуваат и силно поддржуваат сите напори за истрага на наводни коруптивни криминални активности и да се повикаат на одговорност оние кои ja злоупотребуваат јавната доверба за лична корист.

САД оценуваат дека институционалните и законските реформи што ја зајакнуваат борбата против корупцијата и ја зголемуваат транспарентноста се добредојдени не само од меѓународната заедница, туку и од сите граѓани во земјата.

Стегање на ременот

Пораките за поддршка пристигнуваат откако Северна Македонија реши да го стегне ременот и во земјата за политичари, бизнисмени и фирми за коишто беа изречени санкции и забрани за влез во САД. По американската црна листа, се најавува замрзнување на функции, забрана за учество на тендери и други мерки за лица поврзани со злоупотреби и корупција. 

Северна Македонија неодамна иницираше законски измени со кои се предлага листата на санкции на САД и на Обединетото Кралство да бидат основа за воведување на санкции на лица во земјата. Измените во Законот за рестриктивни мерки, на предлог на Министерството за надворешни работи се доставени до Собранието. 

корупција
САД оценуваат дека институционалните и законските реформи што ја зајакнуваат борбата против корупцијата и ја зголемуваат транспарентноста се добредојдени не само од меѓународната заедница, туку и од сите граѓани во земјатаФотографија: Colourbox/Wolfgang Zwanzger

Од брза постапка - до конфискација на имот

Со законските измени, корупцијата и злоупотребата на службената должност ќе станат дополнителни основи за воведување рестриктивни мерки покрај тероризмот и пролиферацијата на оружје. Измените, покрај актуелната мерка за конфискација на имот, би предвидувале и времено престанување на јавната функција и забрана за учество во процесите на јавни набавки на лицето за кое е покрената истрага сè до правосилна судска одлука.

„Откако се задолжува институцијата предлагач да ги достави сите материјални и нематеријални докази до Јавното обвинителство, а ЈО законски се обврзува веднаш да почне постапка, вклучувајќи и конфискација на имот, и доколку заврши таа истрага со подигнување на обвинение, тогаш се воведуваат два нови инструмента, а тоа е времено престанување на вршење на јавна функција и забрана за учество во процесот на јавни набавки сè до правосилна судска одлука“, информираше неодамна министерот за надворешни работи Бујар Османи. 

Вицепремиерката задолжена за политики на добро владеење, Славица Грковска во телевизиско интервју минатата недела рече дека со измените на Законот за рестриктивни мерки, Јавното обвинителство ќе биде обврзано да постапи во кратки рокови, за да има побрза судска разрешница. Брзото завршување на процедурата, според неа, им оди во прилог и на лицата кои се на листите на санкции.

Во рамки на посетата на Вашингтон, каде присуствува на традиционалниот молитвен појадок, Грковска порача дека САД и во иднина ќе останат посветен сојузник и пријател на земјата, кој континуирано ги поддржува напорите на Северна Македонија за унапредување на  демократијата, за владеење на правото и за градење одржливи институционални капацитети за раст и развој. „Без партнерството со САД, ние самите не би можеле да се справиме со малигните влијанија на непријателите на слободата и демократијата, ниту да ги спречиме метастазите што продираат во кревкото ткиво на нашето општество“, порача таа. 

Северна Македонија вицепремиерка Славица Грковска
Грковска: Без партнерството со САД, ние самите не би можеле да се справиме со малигните влијанија на непријателите на слободата и демократијатаФотографија: Reg. Nordmazedonien

Ќе се прошири ли листата?

Црната листа на САД, на поранешни и актуелни функционери и бизнисмени осомничени за корупција, непрекинато расте од април 2022 година, кога на неа прво се најдоа експремиерот Никола Груевски и поранешниот шеф на тајната служба Сашо Мијалков. Во јуни годинава следуваше и струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, а по него бизнисменот Јордан Камчев со неговата мајка Ратка, како и рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина. Паралелно и неколку нивни компании беа блокирани. На 5 декември, САД го ставија и поранешниот вицепремиер, Кочо Анѓушев на црна листа поради „значителна корупција“.