1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Ќе мобилизира ли Украина половина милион нови војници?

СН/агенции
20 декември 2023

Украинската армија побара до 500.000 нови војници. Меѓутоа, претседателот Зеленски вели дека мобилизацијата е чувствително прашање за Украина. Меѓународната помош за Киев е делумно блокирана.

https://p.dw.com/p/4aN8Q
Ukrainischer Präsident Zelenskyy hält Jahresendpressekonferenz
Фотографија: Efrem Lukatsky/AP/picture alliance

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека војската побарала мобилизација на дополнителни 450 до 500 илјади луѓе, но дека конечна одлука не е донесена. На, предновогодишната пресконференција во Киев, лидерот на Украина синоќа (19 декември, 2023) рече дека водечките воени и државни функционери ќе разговараат за „многу чувствителна тема за мобилизација“ и дека ќе ја разгледа и парламентот.

За мобилизацијата потребни над 12 милијарди евра

Зеленски, истакна дека за спроведување на мобилизација од таков обем е потребно дополнително финансирање.

„Нивниот став е... предложија мобилизација на дополнителни 450-500 илјади луѓе. Тоа е сериозна бројка“, рече Зеленски. „Реков дека ми се потребни дополнителни аргументи за да го поддржам таквиот потег. Бидејќи, пред сѐ тоа е прашање за луѓе, второ, прашање е на правичност, прашање на одбранбени капацитети и прашање на финансии“.

На првата линија на украинската контраофанзива

Тој рече дека доколку се донесе одлука за таков обем на мобилизација, ќе бидат потребни дополнителни 500 милијарди гривни (12,2 милијарди долари).

Статистиката на Министерството за одбрана вели дека украинската војска во октомври имала речиси 800.000 војници. Ако се вклучат Националната гарда и другите единици, вкупно еден милион Украинци се веќе во униформа.

Путин: Иницијативата е на руска страна

Претходно месецов, рускиот претседател Владимир Путин ѝ нареди на војската да го зголеми бројот на војници за речиси 170.000, на вкупно 1,32 милиони.

Линијата на фронтот во војната во Украина долга 1.000 километри годинава речиси и не се помести, а украинската контраофанзива наиде на цврста руска одбрана. Рускиот претседател вчера, пак,  изјави дека руските сили презеле иницијатива во Украина и дека се во добра позиција за наредната година.

„Ние ефективно го правиме она што мислиме дека е неопходно, го правиме она што го сакаме“, изјави Путин пред рускиот воен врв.