Оставка на шефот на военото разузнавање на Израел
22 април 2024Шест месеци по терористичкиот напад на исламистички Хамас врз Израел, шефот на израелското воено разузнавање поднесе оставка. На овој начин Ахарон Халива презема одговорност по нападот на екстремистите на 7 октомври, соопшти израелската армија, според која министерот за одбрана Јоав Галант ја прифатил оставката.
Терористите на Хамас и други групи на 7 октомври 2023 година убија 1200 луѓе и околу 250 одвлечкаа како заложници во Појасот Газа. Халива уште тогаш, кратко по нападот, изјави дека сноси одговорност за грешката која го овозможила терористичкиот напад, а за нејзино расветлување сега бара формирање државна истражна комисија.
Од воени извори се дознава дека Халива планира да ја напушти војската штом ќе биде најдена замена за него, што во моментов не е познато.
Во образложението на оставката, Халива признава дека тајната служба не била на висина на задачата. Потегот на Халива може да значи и зголемување на притисокот врз израелската влада за тематизирање на нејзините сопствени грешки.
Израелскиот опозициски лидер Јаир Лапид на платформата Х ја пофали „оправданата и чесна“ одлука за оставка на Халива, при што уште напиша: „Би било добро доколку премиерот Нетанјаху го направи истото.“
Многумина Израелци го обвинуваат премиерот Бенјамин Нетанјаху поради досегашното избегнување да преземе лична одговорност за политичките и воените потфрлувања на 7 октомври. Нетанјаху, против кого одамна се води процес поради корупција, инсистира истрагата да се води дури по војната во Појасот Газа.
Критичарите му замеруваат дека ја одолговлекува војната за да остане на функцијата.
Анкетите покажуваат дека мнозинството Израелци сакаат Нетанјаху да поднесе оставка најдоцна по крајот на војната. Резултатите на испитувањето на јавното мислење покажуваат дека на нови избори најсилна би била партијата на Бени Ганц, министер во воениот кабинет на Нетанјаху.
Членовите на десно-религиозниот владин кабинет на Нетанјаху во изминатите месеци го обвинија шефот на Генералштабот Херзи Халеви поради неговите планови да се формира истражна комисија за расветлување на грешките на армијата во терористичкиот напад на Хамас.
На масакрот Израел реагираше со масивни воздушни напади и копнена офанзива во Појасот Газа. Поради големиот број цивилни жртви и катастрофалната хуманитарна ситуација во Појасот Газа, Израел е изложен на се` поостри меѓународни критики.