1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Посетата на Макрон на Кина беше катастрофа за Тајван

Autorenbild | Alexander Görlach
Александар Герлах
12 април 2023

Францускиот претседател со своите изјави по враќањето од Пекинг го зголеми ризикот од кинески напад на Тајван. За возврат, има нарачки за француската индустрија, оценува Александар Герлах.

https://p.dw.com/p/4Pw5M
Емануел Макрон Ши Џинпинг Пекинг
Емануел Макрон и Ши Џинпинг во Пекинг, 6.04.2023Фотографија: Thibault Camus/AP Photo/picture alliance

Францускиот претседател Емануел Макрон уште еднаш се покажа како лесна категорија во дипломатијата, правејќи ѝ со своето патување во Кина лоша услуга на Европската унија и на слободниот свет во целина. Политичарот беше горд што беше поканет од Ши Џинпинг на приватен тет-а-тет разговор, кој траеше неколку часа. За време на средбата, како што се чини сега, Ши Џинпинг го опсипал Макрон со такви комплименти што Макрон, штом се врати во Париз, почна да зборува дека Европа не треба слепо да ја следи политиката на САД кога е во прашање Кина.

Тоа е точно јазикот на кој што зборува Пекинг, кој ја гледа Европа како приврзок на САД. Од една страна, комунистичката номенклатура хушка против ЕУ, затоа што на Кина ѝ е потребен овој дел од слободниот свет за нејзин економски напредок. Второ (и ова е поважно) затоа што Ши сака да забие клин меѓу народите од слободниот свет и да ги подели. На крајот на краиштата, доколку Ши ја изврши својата закана и го нападне Тајван, важно е како слободниот свет се однесува кон своите демократски партнери во Тајпеј. Макрон се залага Европејците да не станат „вазали“ на САД (точно тоа е речникот на Пекинг), но остава отворено како би требало да изгледа алтернативата доколку Кина го анектира Тајван.

Француската економија ќе биде наградена

Токму тоа го вежбаше кинеската армија за време на викендот со својата тридневна воена блокада на островот, покажувајќи му на светот дека Пекинг е подготвен да го нападне островот. А, кога Франција, единствената преостаната нуклеарна сила во Европската унија, ќе каже дека нема да му се придружи на Вашингтон во одбраната на слободата на загрозениот Тајван, во канцеларијата на Ши се отвора шампањ. Не е неумесно да се претпостави дека оваа изјава на Макрон е внимателно смислена и дека Пекинг тоа ќе го награди со нарачки за француската економија (Макрон дојде во Кина со 60 претставници на индустријата).

Александер Герлах
Александер ГерлахФотографија: Hong Kiu Cheng

Трагично е што шефот на француската држава сега со својата изјава ја зголемува веројатноста за напад на Тајван. Затоа што Ши Џинпинг научи од грешките на Владимир Путин. Тој беше целосно изненаден од единството со кое слободниот свет ја поддржа Украина, која тој ја нападна. „Кримскиот момент“ на Ши беше сузбивање на продемократското движење во Хонг Конг. Реакцијата на Западот беше иста како и на руската анексија на Крим во 2014 година - неколку протестни мејлови и многу остри коментари во печатот.

Но, затоа Доналд Трамп и Џо Бајден, претходниот и сегашниот претседател на САД, ѝ поставија јасни граници за Кина. Трамп ја почитуваше актуелната законска регулатива, според која, во случај да мора да се брани од напад на Кина, Тајван треба да биде снабден со оружје. Покрај тоа, тој ги прошири односите меѓу двете земји. Бајден отиде уште подалеку, ветувајќи во повеќе наврати дека ќе го брани островот во случај на напад од Пекинг.

Емануел Макрон Џи Џинпинг Франција Кина
Патувањето на Макрон во Пекинг беше тотално промашување, а тоа најмногу ќе го почувствуваат жителите на ТајванФотографија: Ng Han Guan/AP/picture alliance

Со Тајван не владеат сепаратисти

Постојано мора да се повторува: спротивно на она што го тврди Пекинг - Кина никогаш не владеела со Тајван, а Тајпеј не е управуван од сепаратисти, туку од легитимна влада избрана на слободни и фер избори. На Пекинг му пречи успешната демократија на својот праг, затоа што се плаши дека кинескиот народ може да го следи нејзиниот пример и еден ден да ги истера комунистите од власт. Овој страв не е целосно неоснован: помалку од 100 милиони од 1,4 милијарди Кинези се членови на партијата. Доколку има национални протести против Ши и комунистите, како што се случи минатиот ноември, Тајван би можел да послужи како испробана демократска алтернатива на диктатурата во Пекинг.

Поради тоа, патувањето на Макрон во Пекинг беше тотално промашување, што на своја кожа посебно ќе го почувствуваат жителите на Тајван. Гледајќи од денешна перспектива, скептицизмот на Вашингтон пред патувањето на Макрон не беше неоснован. Американците однапред дадоа до знаење дека Макрон не преговарал успешно ниту со Техеран ниту со Москва и дека затоа нема големи надежи дека нешто ќе излезе од тоа овојпат.

Повторно, станува многу јасно дека Германија мора добро да се позиционира во однос на надворешната политика и безбедносната политика, бидејќи од Франција не доаѓаат остварливи идеи.Но, и канцеларот Шолц следи курс кој е пријателски настроен кон Пекинг. Затоа, од перспектива на Ши, двете клучни земји на ЕУ не претставуваат закана за неговите планови за можна инвазија на Тајван.

Александар Герлах е виш соработник на Советот Карнеги за етика во меѓународни односи и вонреден професор на школата Галатин на Универзитетот во Њујорк, каде што предава теорија на демократија. По престојот во Тајван и во Хонг Конг, овој регион во светот, особено подемот на Кина и што тоа значи за демократските држави во Азија, стана централна тема на неговата научна работа. Бил на различни позиции на универзитетот Харвард и на универзитетите во Кембриџ и Оксфорд. Александар Герлах живее во Њујорк и Берлин.